Дијаспора

Ерусалим – градот на убавината и трите религии

slave-katin

slave-katin
Пишува СЛАВЕ  КАТИН

Ерусалим е град на вечните убавини и центар на свети  места, затоа многумина го воспеваат како центар на светот. Во исто време, трите светски религии – еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот.

Ерусалим е градот на историската крстосница на многубројните свети места. Тоа е град со мултиетничко население, со посебна архитектура обликувана исклучиво од ерусалимски камен ваден од пустината со ритчеста конфигурација од чии височинки може да се види Мртвото Море. Инаку, постои закон уште од времето на Британците со кој се регулира изградбата на сите згради, куќи и други објекти, да бидат исклучиво со бел делкан камен.

Ерусалим е град на вечните убавини и на светите места. Низ милениуми  населението на Ерусалим, но и тие што доаѓале и доаѓаат да му се поклонат, го воспевале и го воспеваат како град на вечноста, како центар на светот, како главен град, како град со голема политичка моќ… Според тоа тој има повеќе имиња што му се дадени во Светото писмо, во Мојсиевите записи и во литературата. Израелците го нарекуваат Јерушалаим, од каде потекнува и денешното негово име – Ерусалим, што значи “град на мирот”. Меѓутоа, за постоењето на  Ерусалим – градот на Христовите маки, смрт и воскреснување, во текот на последните два милениуми не е врзан поимот мир. Ниту на едно свето место во светот не потекле толку потоци крв како овде. Никаде толку жестоко не се борело, никаде толку длабоко не се мразело и напаѓало како во овој свет град што се сместен на ладните и сиви карпи на планината Јуда. Трите светски религии – еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот. Истовремено, никаде не се кажале толку многу молитви како во Ерусалим.

erusalim2
Ерусалим

Овој свет град го обожаваат и Евреите и христијаните и муслиманите. Како и речиси се’ друго во овој древен свет град, и самата историја на Ерусалим е проткаена со неизвесности и спротивности. Но, во едно историчарите се согласуваат дека тој е многу постар од 3.000 години, колку што се одбележаа како годишница од неговото постоење.

Неговата големина се менувала со менувањето на генерациите, од кој секоја на свој начин му давала свој печат, пркосејќи на се’ она што со себе го носела трговијата, снабдувањето со вода, патната мрежа и другите општи добра што влијаеле врз менувањето на неговиот физички изглед во секој период од неговиот развој. Денешниот Ерусалим е круна на таа долгогодишна историја на градот како крстопат на светот. И Стариот и Новиот град се израз на таа вечна потрага по светото, по мирот и хармонијата, по подобрата иднина.

Приказната за Ерусалим почнува кога моќниот крал Давид го купил ридот над градот. Целта му била да изгради свет храм каде што би бил сместен Заветниот ковчег во кој се чувале плочите со Десетте заповеди што Господ, преку Мојсеј, им ги објавил на децата на Израел. На кралот Давид, моќниот творец на првата еврејска држава, сепак не му било дозволено да го изгради Храмот, неговите раце биле крвави. Таа света должност ќе стане аманет на неговиот син Соломон.

Уште од Мојсеј, од колено на колено се пренесувал споменот на илјадниците Евреи кои останале затрупани под камењата на египетските пирамиди. Градењето на светиот Храм како трајно седиште на Заветниот ковчег, би требало да биде паментик  за годините на ропството, но и решеност никогаш повеќе да не се градат кули за туѓите господари или бесконечно да се талка по пустините. Со Храмот, Евреите се пронаоѓаат самите себе, на својата земја, под сенката на светилиштето која ќе биде печат на нивниот сојуз со Бога.      Ерусалим станува свет град, а Храмот светост над светостите.

Секоја светост, за да остане трајно во колективното сеќавање и да биде вечна инспирација на новите генерации, мора најпрвин да биде осквернавена. Храмот во Ерусалим бил разурнат од вавилонскиот крал Набукодоносор, а Евреите биле протерани како робови во Вавилон. Од тогаш потекнува псалмот кој со текот на времето се претвора во заклетва. Тој гласи: “Ако те заборавам Ерусалиме, нека ми се исуши десната рака, јазикот нека ми се залепи со непцето, ако те заборавам, ако ти, Ерусалиме, не ми бидеш најголема радост”.

erusalim3
Влез во Ерусалим

Името на Ерусалим за прв пат се споменува во престарата книга “Постанок”, во која се вели дека “Мелкиседек, крал на Салем донесол леб и вино и така тој станал свештеник близок до Бога”. Мелкиседек, всушност му се восхитувал на Абрахам за неговата победа 4.000 години пред тоа. Во историјата се познати и записите на Исак, приврзаник на Абрахам, кој им зборувал на граѓаните на Ерусалим дека “Господ гледа”, а кралот на Салем на тоа  додал “Го нареков Ерусалим, кој ќе го види него, видел се”. Овој запис е регистриран од времто кога Евреите дошле во ветената земја Канаан од Египет и кога градот уште не бил основан. Во времето на Хошуа, Евреите се бореле против кралот на Ерусалим, но тој сепак останал во власта на Хебусит. Така било речиси до 1.000 година пред новата ера кога кралот Давид го освоил Ерусалим и тој станал главен град на израелското кралство. Од тоа време се нарекува и Давидов град. Кралот Давид поставил гувернер на Ерусалим и го опколил со нови ѕидишта.

Историјата на човештвото е оградена со ѕидови. Меѓу нив, три заземаат посебно место: Кинескиот; граница меѓу цивилизацијата и варварството; Берлинскиот, сведоштво за една умисла да се пресече живото европско ткиво на два дела, и Ѕидот на плачот, симбол на секојдневната средба на Евреите од целиот свет со својата судбина.

Западниот ѕид, наречен од британската мандаторска управа “Ѕид на плачот”, поради секојдневните, честопати со солзи накапени молитви на Евреите свртени со лицата кон ѕидот, се смета за последен остаток за најголемото светилиште во јудеизмот. Тоа е Храмот кој на едно возвишение во Ерусалим го изградил Соломон, синот на кралот Давид, пред 3.000 години.

Околу 950 година пред новата ера со Ерусалим владеел Соломон. Подоцна, односно “480 години откако децата на Израел го напуштиле Египет”, веќе е изграден и првиот храм во градот. Потоа, Соломон го разубавува со изградба на палати и други згради и уште повеќе ги зајакнал ѕидиштата на градската крепост, со што Ерусалим прераснува во религиозен и политички центар на Израелците. Меѓутоа, во 922 година пред новата ера, синот на Соломон го поделил кралството на два дела: Израелско кралство на север и Јудејско кралство на југ. Ерусалим продолжува да се развива во Јудејското кралство. Во 702 година пред новата ера, кралот Хезекија, подготвувајќи се за борба со Персијците, го утврдил градот со нови високи ѕидови и спровел вода преку тунели. Тоа придонело успешно да се одбиваат нападите на Асирците и на Вавилонците. Но, во 538 година пред новата ера, сепак, потпаѓа под власта на Вавилонците, кои со него владееле околу 50 години. Во нивно време почнува обновата на престолнината и се гради уште еден храм чии остатоци и денес ги има во дел од темелите на новата базилика. Подоцна Езра или Ездра, еврејски писател кој се вратил во Израел од вавилонското ропство на Персиското кралство, составил и градски правила за развој на Ерусалим. Меѓу другото тој ги забранил мешаните бракови.

erusalim4
Чудото на благодатниот огин

Ерусалим бил освојуван од бројни воини, меѓу нив и од Александар Македонски. Меѓутоа, особено интересно е тоа што градот доживува значаен процут за времето на Александар Македонски, кој овде дошол во 332 година, пред новата ера, протерувајќи ги оттука Персијците. Во неговото време, како и во времето на неговиот наследник Птоломеј, Ерусалим јакнел како религиозен центар и станал израз на духовната хегемонија на Израелците.

Со доаѓањето на Римјаните во 63 година пред Христа, кои овде останале се’ до 324 година после Христа, се подигнале бројни замоци, паркови и јавни згради. Храмот, делумно бил обновен по победата на персискиот крал Кир над Вавилонците. Меѓутоа, конечно го обновил еврејскиот крал Ирод, за што  Јосиф Флавиј ќе рече дека Храмот бил највеличествената градба на тогашниот свет.

Светиот Храм конечно исчезнал во огнот на римските легии на Тит Флавиј, во 70 година. Се наведува дека на советувањето пред решавачката битка за Ерусалим, Тит Флавиј и неговите најблиски соработници, решиле да го поштедат Храмот, како сведоштво за возвишеноста на човековиот градителски гениј. Воениот жар, меѓутоа, има свој резон: местото посветено на Бога го проголтале огнените јазици на омразата. Останал само еден потпорен ѕид – денешниот Ѕид на плачот.

Легендата вели дека ноќта кога Ерусалим бил осветлен од огновите кои отворале нова страница во историјата на Евреите, свештениците ги фрлиле клучевите од Храмот кон небото, со зборовите: “Боже, чувај ги сега ти овие клучеви”. Ветерот на историјата го развеал пеплиштето на Храмот низ Јудеја, а Евреите низ целиот свет.

За време на долгите векови прокоба низ туѓиот свет, сеќавањето на Ерусалим и Храмот бил поттик за Евреите да ги издржат сите неволи, но и верба дека еден ден повторно ќе се вратат на својата земја. При градбата на секоја синагога, секаде каде што живееле Евреите, се оставал еден необоен камен во ѕидот – сеќавање на Ерусалим. Секоја синагога е завртена во правец на Светиот град. Со мислата за Ерусалим почнувал и завршувал денот на секое еврејско семејство. Правило кои и ние Македонците од секаде во светот треба да ги применуваме со вртење кон македонскиот Ерусалим, вечниот Охрид.

Религиски Ерусалим

Во историјата тешко може да се најде друг пример за толкава поврзаност на една заедница со прадедовската земја и со своето духовно извориште. Долгите векови на перманентен егзодус, понижувања, страдања и истребувања во силните налети на антисемитизмот, само уште повеќе ја зацврстиле таа врска меѓу секој Евреин и Ерусалим, давајќи и аура на најсвета интимна тајна. Мислата за Ерусалим го крепела духот на прогонетите од Шпанија и мачениците од Аушвиц. Со Ерусалим се живеело; со Ерусалим и смртта била полесна.

Жалта за Ерусалим не можела да биде потисната и во миговите на најголемата среќа; за време на свадбен ритуал, младоженецот – Евреин со десната нога ја здробува чашата, како симбол на уривањето на ерусалимскиот Храм. Потоа следува молитвата – со задолжително споменување на Светиот град, за дури потоа да настапи славјето кое исто така не е лишено од помислата на Ерусалим; секој нов дом, секоја нова генерација е на чекор поблиску на остварувањето на сонот над соништата – враќањето во Ерусалим.

За време на прославувањето на големиот еврејски празник – Пасха, од уста на уста на еврејската заедница се пренесувал заветот: “Догодина во Ерусалим”. Сите знаеле дека тоа “догодина” значи децении, векови. Никој, меѓутоа, не се сомневал дека Денот ќе дојде. И денот дојде. “Ако тоа го сакате тогаш тоа не е сон – да живеете како слободен народ во својата земја”, зборуваше Теодор Херцл, таткото на национизмот, сееврејско политичко движење чија цел беше создавање на државата Израел. Од крајот на минатиот век, илјадници Евреи од сите делови на светот купуваа билет за еден правец: за земјата за која не знаеја ништо и за која не ги врзуваше ништо, освен паметењето и заветот – “Ако те заборавам Ерусалиме…”.

Најново од: Дијаспора

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

Дијаспората заборавени од историската слика за 8-ми септември

Идејата за самостојна Македонија не се роди непосредно пред референдумот во 1991 година. Таа долго живееше меѓу македонците во дијаспората, дури и кога јавното залагање за независност можеше да донесе прогон, затвор и уништен живот. По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од создавањето на самостојната македонска држава, под покровителство на претседателката […]

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година. Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области […]

To top