
ПишуваСЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com
МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ ВО ЊУ ЏЕРСИ И ИЛИНОИС
Од историските записи во делото „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ на авторот на овие редови, може да се види дека Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Пасаик, Њу Џерси е една од најстарите во САД. Основното собрание за изградба на црквата е одржано на 23 декември 1972 година. Потоа, Светиот архиерејски синод на МПЦ со писмо од февруари 1973 година ја прифати под своја јуриздикција.
За изградба на овој македонски храм на тие американски простори се заслужни голем број иселеници. Меѓу нив треба да се спомене доблесниот донатор Ѓорѓи Танев по потекло од Ресен, како и членовите на управата на црквата, меѓу кои, првиот претседател Богдан Симоновски, Панде Димитровски, Наум Наумовски, Наум Трајковски, како и свештеникот Крсте Поповски и други познати македонски исленици од поново дојдените генерации.
На 15 март 1973 година црквата „Свети Кирил и Методиј“ е регистрирана кај американските власти во Њу Џерси. На 27 мај истата година, надлежниот архиереј, г. Кирил во една Руска православна црква ја отслужи првата света литургија на македонски јазик на тие американски простори. Потоа е купен објект кој е преуреден и адаптиран за потребите на македонските верници, а кој на 24 ноември 1974 година е и официјално осветен од надлежниот митрополитот г. Кирил, а во сослужение на поголем број македонски свештеници.
За жал, на 27 февруари 1992 година, од непознати причини црквата „Свети Кирил и Методи“ беше опожарена и до темел изгорена. Во оваа црква беа активни: женската секција, неделното училиште, црковниот хор, библиотеката и КУД “Гоце Делчев”. Денес активноста на оваа црква е пренесена во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув.

Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Њу Џерси
Како продолжување на традициите на изгорената Македонска православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Пасаик, Македонците од Њу Џерси во 1993 година решија да градат нова црква. Така, е купено место од десетина хектари заедно со времена сала во 1994 година, на кое е изградена Македонска православна црква. И црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув е во стилот на црквата „Света Богородица“ во Калиште, Струшко, односно по планот на црквата „Свети Никола“ во Кентон, Охајо, но со зголемени димензии. Потоа, на 7 август 1993 година е осветен камен-темелникот од митрополитот г. Михаил. На оваа свеченост, меѓу другите присуствувал и тогашниот претседател на Република Македонија г-дин Киро Глигоров.
Во рамките на црковната општина активно работи КУД “Гоце Делчев”, едно од најпознатите фолклорни групи на северноамериканскиот континент, потоа фудбалскиот клуб “Македонија”, Комитетот за човекови права, неделно училиште, женска секција, црковен хор, библиотека, неколку музички состави. и други секции.
Првиот македонски манастир во САД и во Канада е посветен на „Свети Ѓорѓи“ и датира од 1977 година. Идејата првпат ја иницираше познат иселеник – донатор по потекло од Ресен, Ѓорѓи Танев по чие име и го доби манастирот „Свети Ѓорѓи“. Камен-темелникот за манастирот е поставен во септември 1978 година, а по две години започнаа градежните работи кои траеја четири години. Најзначаен датум за манастирот „Свети Ѓорѓи“ е, секако, 16 септември 1984 година, кога беше извршено осветувањето од надлежниот митрополит г. Кирил.
По опожарувањето на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Пасаик и изградбата на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув, подолг период манастирот „Свети Ѓорѓи ги задоволуваше религиозните и културните потреби на Македонците од тој дел на САД.
Интересно е да се спомене дека членовите на манастирот „Свети Ѓорѓи“, заедно со членовите на црквата „Свети Кирил и Методиј“ од Сидер Гроув, се учесници на големата парада што секоја година се одржува на Денот на независноста на САД, 4 јули.


Црквата „Свети Никола“ во Тотова“, Њу Џерси. Романот „Александар Македонски“ од Урлих Вилкен е превод од англиски на македонски јазик на Славе Катин, е издание на „Мисла“, Скопје, 1988, 1-387,
Иницијативата, пак, за формирање на Македонската православна црква „Свети Никола“ во Тотова, во Њу Џерси е покрената во почетокот на 1992 година од група доселеници претежно од битолскиот крај, кога е купено место со голем хангар кој што беше реновиран во храм да им служи на Македонците..
Истата година оваа Македонска православна црква е регистрирана кај американските власти во Њу Џерси. Потоа, на 14 август 1994 година црквата „Свети Никола“ во Тотова е завршена и осветена од архиепископот на МПЦ неговото блаженство г.г. Михаил.
Денес до црквата е изградена голема сала која на 14 август 1999 година е осветена и во 2000-та година е целосно завршена. Оваа црковна сала го носи името Македонски културен центар “Александрија”. Во рамките на црквата работи женската секција, играорната група “Македонка”, македонско неделно училиште и други секции.

Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго
За црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго, пак, за нејзината историја е забележано дека иницијатива за покренување на изградба на овој македонски-духовно културен дом што им служи на интересите на македонските доселеници од сите делови на Македонија е покренат на 21 мај 1976 година. Притоа, е одлучено црквата да го носи на името на св. Кирил и Методиј со што општината е примена како дел од МПЦ со писмо на Светиот архиерејски синод.
За изградбата и напредокот на овој свет македонски православен храм имаа голем заслужни Македонци, меѓу кои голем број познати и признати иселеници, а особено претседателите:Трајан Илиевски, Стојан Чкламовски, Трифун Саљамовски, Трајан Таневски, Борис Ничов и многу други, како и првите свештеници Борис Поповски, Стоја Стојанов, Томе Крстевски и други помлади македонски свештеници.
Во 1978 година, во потесното градско подрачје на Чикаго управата купи зграда на една Лутеранска црква што ја преуреди и приспособи за вршење православни богослужби. Една година подоцна, на 3 август 1981 година црквата е осветена во присуство на неколку стотици Македонци доселеници и градски власти. Во 1985 година е купено место каде се поставени темели за новиот храм на 24 јули 1988 година. Во состав на црквата е изградена голема сала и други простории во кои се организираат голем број манифестации.
Црквата „Свети Кирил и Методиј е осветена на 30 август 1992 година од митрополитот г. Кирил. Во состав на црквата работи женската секција, фудбалскиот тим “Македонија”, неделно училиште, женска секција и КУД “Гоце Делчев”, едно од најдобрите и најуспешните македонски друштва во САД.


Публикацијата „Придонесот на Македонците во светската цивилизација“, чиј автори се академик Антоније Шкокљев-Дончо и Славе Николовски-Катин, е издание на„ Македонска искра“,Скопје, 2004 1-346. На публикацијата „Македонија во античко време“ автори се академик Антоније Шкокљев-Дончо ,Славе Николовски-Катин и Ристо Стефов, а во издание на „Македонска искра“, Скопје, 2019, 1-232
Македонската православна црква „Света Параскева – Петка“ е втор македонски храм во Чикаго. Според податоците на црквата, основањето на оваа македонска православна црква на просторот на Чикаго е актуелизиран 1992 година. Иницијативниот одбор на 15 декември 1991 изврши потребни консултации со тогашниот поглавар на МПЦ г. Гаврил, при што е донесена одлука за формирање на македонска црква што ќе го носи името „Света Параскева – Петка“. Потоа на 24 декември 1991 година, црквата е регистрирана пред власите на државата Илиноис, а на 20 август 1993 година светиот архиерејски синод на МПЦ ја прими оваа црковна општина под јуриздикција на МПЦ.
Од 9 август 1992 година богослужбите почнаа да се одржуваат во објектот кој е оспособен да служи како Македонска православна црква. Притоа, е реновирана салата која може да прими околу 200 посетители. Во состав на црквата мошне активна е женската секција, играорната група и црковниот хор.
Продолжува