
По свит јаглен босоног одев,
крај брат ми Кирила
од Солуна до Моравија,
и по ноќи одев и по бел ден
до темни зандани во Елванген!
Напуштив и куќа и татков дом
да водам јато по божји ѕвона,
да бидам разден
меѓу темни ноќи
и јасни дни.
Се расони сончев провев,
ангел на небо блесна
и би ново слово
и би ново писмо
сеславјанско!
-Зошто ново, какво ново!?-
заѕвери ѕверски глас
и побара оган
и побара потпал
за двајцата нас…
Колку народи –
толку буквари,
колку народи –
толку писма
а Бог е еден!
И нека чита мојот род
и нека пее
и нека слави мојот народ,
Бог нек слави
по македонски!
Панде Манојлов
03.05.1995