
ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА
Кога Словените го преплавиле Балканот, затекнале христијани и готова црквена поделба меѓу Рим и Цариград, по линијата која одела од Тесалоника по долината на Вардар и Морава, до Дунав.
Источните делови ѝ припаѓале на Цариградската црква со изведување на литургијата на „грчки“ (Александровиот коини) јазик, додека западните делови биле под Римска црковна јурисдикација, па сите црквени служби се вршеле на латински јазик, сè до Вториот ватикански собор (1962-1965). Првиот обид за покрстување на балканските Словени е направен за време на царот Ираклија (610-641), но се наишло на отпор. Продолжувајќи со изградбата на новиот управен систем, царот Лав III (714-741) со декрет ја проширил јурисдикцијата на Цариградската патријаршија на поголемиот дел на Балканот. Тоа создало услови за христијанизација на Словените од Цариградската црква. Од изнесеното се гледа дека богослужбата било дозволено да се врши во Римското царство на „грчки“ како и на латински хебрејски јазик. На останатите јазици на „паганските“ народи не биле дозволени свети миси.
Во црквените односи меѓу Источното и Западното римско царство постоел принцип на универзализам и супремација на римската црква. Меѓутоа, со време, заради сè поголемиот политички, економски и културен антагонизам меѓу двете царства, дошло до разединување меѓу црквите. Универзализмот бил поткопан кога дошло до јакнење на цариградската црква со ширење на нејзината влијателна сфера над Словените. Зашто по христијанизацијата на Јужните Словени, Цариград продолжил со покрстување на Западните (Моравски) и Источните Словени (Русите). Овие разединувања во историјата се прикажани како од литургиска природа околу происходот на Светиот дух од Отецот и Синот, за постот, за употребата на квасецот за лебот за причестите итн.

Цариград
До расколот меѓу двете цркви ќе дојде дури ви 1054 година, за време на царот Константин IX Мономах (1042-1055), т.е. две години пред гаснењето на славната македонска династија. Последиците од овој настан, со расцепот на црквите и создавање на Источната ортодоксна црква и Западната католичко-латинска црква, ќе бидат далекусежни сè до денес.
Во процесот на покрстувањето на Словените, ИРЦ применило две методологии. За христијанизацијата на Словените на Балканот во литургиска цел, користен е „грчкиот“-Александровиот коини јазик, кој бил службен јазик на управата, црквата, војската и отменото друштво. За Словените кои биле надвор од границите на царството, христијанизацијата е извршена на словенски јазик. Првиот метод е применет за Склавиниите јужно од линијата Солун-Драч, со цел преку религијата да се изврши нивна културна асимилација и ромеизација. Подоцна ова довело до елинизација на Јужните Словени во Елада.
Масовното покрстување почнало во почетокот на IX век и речиси било завршено до крајот на X век. По спроведената интезивна пропагандна работа на христијанските мисионери, монаси и свештеници, следело покрстувањето. Потоа била извршена реконструкција на целата мрежа на епископијата, на чие чело биле поставени лица од Цариград. На ваква задача на Пелопонез на пример, посебно се истакнал мисионерот Св. Никон Покајник, кој умрел во околу 998 година.
Христијанизацијата на Словените во Македонија се одвивало многу потешко, зашто македонските Словени упорно се држеле за својата традиционална политеистичка религија. Новата христијанска монотеистичка религија најчесто први ја прифаќале племенските кнезови на Склавините, било да ги сочуваат или да ги зголемат своите права како поданици на ИРЦ, во рамките на кое добивале поголеми привилегии, биле апсолутни владетели и имале нови примамливи титулу „архонти“ и друго (Димевски, 1989, стр. 27).

Солун
Покрстувањето на Словените на просторите на Македонија го вршеле подеднакво двете цркви, Источната и Западната. До конфликт дошло кога била формирана Солунската тема, околу 836 година. Имено, со управните реформи на Диоклецијан и Константин Велики, Илирската префектура (Praefectura praetorio per Illyricum) ја сочинувале Дачката и Македонската дијецеза (господарство, управа) и се простирала на средината на Балканот од Грција до Дунав. Седиштето на оваа префектура било во Солун, чиј префект бил рангиран веднаш зад најеминентните државни достоинственици на Цариград и Рим, а пред перфектот на Галија (Острогорски, 1969, стр.55). Заради тоа, овој нов управно-политички потез довел до големо заладување на односите меѓу црквите и до протерување на латинските свештеници од Македонија и донесување цариградски духвници. Латинската црква никогаш не се помирила со тоа и секогаш барала да ѝ се вратат нејзините изгубени „права“ во Македонија. На ова поле, своите скиптри (жезла) ќе ги вкрстат поглаварите на црквите, патријархот Фотије (858-867, 877-886) и папата Никола I (858-867).
Продолжува
Пишуваат:
Академик Антоније Шкокљев-Дончо

Славе Николовски – Катин