
Народна песна за Лазор Груески од село Белица, зачувана преку снимка направена во Пуста Река во 1988 година
Бог да го бие Лазор Војвода,
Што ми нарами тенкана пушка,
Што ми запаша острана сабја,
Па ми отиде во Вранештица.
Па ми пособра вранештичани,
Вранештичани све добри луѓе.
Ој, ој ви вие вранештичани,
Утре ќе ојме за Мечкин Камен.
Бог да го бие Герасимо,
Што му одговори на Лазора:
Ој, ој ти тебе Лазор Војвода,
Вчера сум дошло дури од Влашко.
Вчера сум дошло дури од Влашко,
Со мојта мајка и мојта жена,
Со мојта мајка и мојта жена,
Со мојте деца, деца малечки.
Утре го чекам денот Петковден,
Кој ќе ми чека милите гости?
Што се налути Лазор Војвода,
Па ми откачи Нагант револвер.
Ој, ој ти тебе море Герасим,
Стануј на нозе, нозе јуначки!
Тогај ми стана море Герасим,
И ми нарами тенкана пушка.
Па ми киниса Латоска бука,
Сланечко село долу Пуста Река,
Таму загинаја за слободата,
За слободата на жална Македонија.
Стара народна песна испеана за војводата Лазор Груески, родум од село Белица. Според белешката што ја придружува, снимката ја направил неговиот внук Дејан Маркоски, во селото Пуста Река, Крушевско, во 1988 година.
Кога селаните дознале дека човекот што сака да го посети гробот на војводата е негов внук, му приредиле топол пречек, пеејќи ја песната што ја зачувале од своите предци — во спомен на Лазор Војвода, кој ги штител од репресии.
Оваа снимка зачувала драгоцено народно сведоштво: песна што се пренесувала од поколение на поколение и која, без ваков запис, можела да падне во заборав.
Песната е пренесена со зачувување на изворните дијалектни форми.