
Додека минувал низ Иран, Александар “налетал” на нов непријател, со различни борбени вештини, кој не му понудил големи битки. Тоа биле малубројни непријатели кои се криеле во текот на денот, а напаѓале ноќе. Тие се појавувале во заднината, и гаѓале во неколку места истовремено и брзо исчезнувале.
Кога Александар одел во потера по нив, тие се вкопувале во непристапни терени или исчезнувале и се губеле во шумовитиот крај. Александар, како одговор на нивните напади, ја реорганизирал својата војска во мали мешани единици кои ќе можеле да водат многу независни битки едновремено, или да се здружат како една голема единица, ако биде потребно.
Александар, исто така, за првпат, распоредил стрелци-фрлачи на копја кои јавале на коњи и можеле да напаѓаат во движење. Со новите методи на борење и со регрутирањето странци во своите оружени сили, Александровата армија веќе не била истата како онаа со која тргнал во походите.
Откако во текот на летото поминал две недели во Хирканија, Александар тргнал на исток кон северната страна на Ареја /Areia/. Таму, добил вести дека Без /Bessus/, еден од немесниците на Дариј кој, исто така, бил еден од осомничените за неговото убиство, бил препознат во провинцијата Бактрија како крал на Азија. Само што се подготвил да тргне за Бактра, главниот град на Бактрија, да го гони Без, Александар добил вести дека немесникот од Ареја го поддржал признавењето на Без и дека лично тој планира побуна во Ареја.
Без да губи ниту миг, Александар, со дел од својата армија, со дводневен брз марш, неочекувано се појавил во Артакоана /Artacoana/, главниот град на Ареја. Неговото присуство предизвикало голем страв меѓу побунетите и бунтот доживеал крах.
За жал, во текот на брзиот марш, Александар го изгубил Никатор, синот на Парменио и командант на неговата гардиска бригада. Никатор се разболел и умрел на пат за Артакоана. Александар премногу брзал, гонејќи го Без, за да остане и лично да му оддаде почит на паднатиот борец, како што направил за многу други, па затоа таа задача му ја доверил на Филота /Philotus/, братот на Никатор, што, долгорочно гледано, се покажало како грешка.
Александар бил решен да го уништи Без што е можно побрзо и откако стигнал во Артакоана, продолжил со гонењето. Дознал дека Без собира голема армија, регрутирајќи војници од Бактрија и од дивите номадски племиња подалеку од Окс /Oxus/.

Цитадела во Иран
Сега Александар навлегувал во непроверена територија и не знаел што да очекува. За да избегне натамошни неволји, основал една македонска населба која ја крстил Александрија на Аријанците /Alexandria-of-the-Areians/, првиот од многуте воени гарнизони позиционирани на стратешки точки насекаде низ источните провинции.
Од некоја причина, Александар се откажал од брзањето да стаса во Бактрија по директна маршрута, па решил да патува на југ, можеби за да ги скроти останатите провинции пред да се упати на север кон планината Хинду Куш /Hindu Kush/. Ги обезбедил овие региони, исто така, со основање неколку нови македонски населби како Александрија во Аракозија /Alexandria-in-Arachosia/, денешен Кандахар и Александрија на Кавказ /Alexandria-at-the-Caucasus/. За да ги изгради своите градови, армијата на Александар во текот на зимата работела без одмор.
Во пролетта 329 година пред Христа, по еден краток одмор, Александар ја повел својата армија преку снежната планина Хинду Куш. Иако Без му пружил отпор, Александар излегол како победник и влегол во Бактрија. Без побегнал и исчезнал во Согдијана. Александар ја освоил Бактрија, вклучувајќи го и главниот град Бактра, а потоа продолжил на север преку реката Окс.
Се вели дека немало дрва за да се изгради мост, па затоа на армијата и требало пет дена да ја премине реката Окс. Тие пливале преку реката со помош на надуени штавени кожи кои биле сошиени заедно од нивните покривачи за шатори.
Штом Александар влегол во Согдијана, Без веќе не бил во милост кај оние кои го поддржувале и останал без нивната поддршка поради тоа што не се борел. Потоа постепено го напуштиле и неговите сопствени војници. Тоа што Без паднал во немилост, не значело дека буната завршила. Со време, нов и многу поопасен противник ќе го заземе неговото место и ќе организира национален отпор.
Откако го фатил Без, Александар го продолжил својот пат на север покрај Мараканда /Maracanda/, додека не стигнал до реката Џакарта /Jaxartes/, до крајната североисточна граница на Персиското Царство. Надвор од таа граница, во широките степи, живееле номади кои секогаш претставувале опасност за Империјата. За да се одбрани од нападите и да внимава на реката, Александар основал погранична македонска населба и ја нарекол Александрија-Ексата или Којенд /AlexandriaExchate или Khojend/.

Додека Александар бил зафатен со подготовките за основање на неговиот нов град, една персиска буна се засилувала и избувнала во насилни побуни во бројни места. Александар не губел време и ја пуштил својата армија да го задуши востанието со многу крвопролевање. Сите градови кои учествуале во буната биле уништени, а нивните жители погубени. Но, наместо да го скрши нивниот дух, борбените операции на Александар ги запалиле побунетите и наскоро се случиле уште повеќе побуни, со поголеми размери.
Во еден миг, побунетите успеале да ги поразат македонските експедициски сили и да го стават градот Мараканда во обрач. Меѓутоа, нивната акција го налутила Александар до тој степен, што тој лично земал контингент лесно вооружени војници и форсирал брз марш од 300 километри за три дена, гонејќи ги побунетите додека не биле совладани и строго казнети. Кога завршил, се упатил на југ кон Бактра каде ја поминал зимата 329-328 година пред Христа, одморајќи се.
Во текот на наредната пролет, Александар ја поделил својата армија на два дела и го оставил Кратер /Craterus/ во Бактрија да го штити градот, додека тој тргнал на север за Согдијана за да задуши повеќе побуни. Додека Александар ги опколувал побунетите, му дал инструкции на Хефестион внимателно, до детали, да планира неколку градови во Согдијана. Никнал еден нов град по име Александрија најоддалечениот град /Alexandria-the-furthermost/, кој подоцна бил населен со македонски иселеници.
Откако ги победил побунетите, Александар му ја дал командата на Согдијана на Коен /Coenus/, додека тој и неговата армија тргнале за Наутака /Nautaca/ да ја поминат зимата таму.
Од сите побуни што избувнале помеѓу 329 и 327 година пред Христа, само една останала непоразена. Побунетите биле вгнездени високо на една непристапна цитадела на една карпа во планината Согдијана. Во пролетта 327 година пред Христа, Александар марширал со својата армија од замрзнатото земјиште на Наутака до високата тврдина на Согдијана и ги повикал бунтовниците да се предадат. За жал, единствениот одговор што го добил било смеење и потсмевање. Тие рекле дека единствен начин да се предадат ќе биде ако на војниците на Александар ненадејно им пораснат крилја.
Продолжува
Пишуваат:
РИСТО СТЕФОВ И
СЛАВЕ КАТИН