
Александар им се обратил на своите луѓе и побарал доброволци, нудејќи им големи награди на оние кои ќе се искачат на највисокиот врв. Како што се покажало, меѓу македонските војници имало планинари и околу 300 од најхрабрите и најсмелите се јавиле како доброволци. Тие се нафатиле да се искачат под превезот на темнината, користејќи јажиња и железни шаторски клинци како крампони кои ги забодувале во замрзнатата ледена карпа.
Додека се качувале, триесет од нив паднале и загинале, но останатите успеале да стасаат до врвот. Потоа, рано изутрината наредниот ден, во првите мугри, побунетите виделе, на свое вчудоневидување, дека овие македонски супермени се високо над нив и веднаш капитулирале, предавајќи ја својата тврдина.
Меѓу фатените побуненици бил и бактрискиот принц Оксарт /Oxyartes/ кој со себе ја имал својата убава ќерка Роксана. Според мислењето на Александровите компањони, Роксана била најубавата жена што некогаш ја виделе, веднаш по Статеира /Stateira/, жената на Дариј. Александар страсно се вљубил во неа и кратко време потоа му станала жена.
Наскоро по завршување на овој поход, Александар марширал на исток кон Параетацен /Paraetacene/ за да го скрши отпорот на уште една цитадела. Тука, исто така, Александар се нашол пред тврдина вгнездена високо на една стрмна карпа, опколена со длабоки ендеци и екстремно нерамен терен. Колку понеосвоива изгледала тврдината, толку повеќе Александар бил решен да продре во неа. Тој сакал предизвици, а сакале и неговите Македонци, бидејќи и тие биле желни да го сторат невозможното.
Со малку македонска ингениозност, голема решителност и се’ што природата може да го понуди, македонските инженери конструирале долги скали од околните високи борови дрва, што ги спуштиле во ендеците. Од дното подигнале еден издигнат пат врз ендекот до ѕидовите на цитаделата. Потоа изградиле куќичка-натстрешница врз издигнатиот пат за да ги штити војниците од артилеријата и почнале да ги бомбардираат ѕидовите на цитаделата. Не поминало долго време и исплашените бунтовници понудиле да се предадат.
Бидејќи тоа бил последен бастион на отпорот, Александар ги скршил сите отпори на Далечниот Исток и бил слободен да се врати во Бактра. Александар се двоумел да ја напушти Согдијана нерасчистена, пред да го продолжи својот пат кон Индија. Тука тој сретнал борбен народ со голема решителност, каков што бил и неговиот народ.

Морал да ги смири, но не така што ќе ги победи во борба. Морал да им покаже дека ја заслужува нивната почит, но не така што едноставно ќе ги вработи во негова служба. Морал да ги направи партнери на старомодниот начин, така што ќе се ожени за една од нивниот род, онака како што би го сторил тоа Филип.
Пред да се врати во Бактра, Александар се оженил со Роксана на врвот на цитаделата во замокот кој тукушто го освоил. Неговиот брак со Роксана бил симбол на помирување со неговите поранешни непријатели и бил наменет за стекнување голема политичка важност.
Свадбената церемонија била извршена според иранските обичаи, со цел да и се ласка на иранската национална гордост. За жал, она што било добро за Персијците и за немакедонците, сигурно било гледано со презир од некои Македонци, барем така ни е речено.
Голем дел од овие информации ни доаѓаат од изворите на античките градови-држави, но ние лично мислиме дека тие информации се пристрасни. Можеби имало разлики во мислењата помеѓу Александар и неговите офицери, но не до оној степен како што се нагласува.
Александар секогаш покажувал интерес за странските култури, бидејќи знаел дека може да искористи од нивната различност. Тој, исто така, знаел дека не може да владее со толку големо царство, какво што било тоа, единствено со копја. Морал да го издигне чувството на припаѓање меѓу сите луѓе. Каков подобар пример би можел тој лично да им покаже на сите нив, отколку да им покаже дека дури и на еден крал не му е под честа да учествува во обичаите на другите народи.
Сигурно постоела извесна фрикција помеѓу неговите најконзервативни офицери и него лично, но не веруваме дека тоа било нешто бунтовно. Филота можеби имал добра причина да го мрази збратимувањето на Александар со непријателот. Неговиот брат умрел за Александар, а сепак Александар бил премногу зафатен за да му направи погреб што му прилегал. Имало и такви кои биле изморени од водењето војна без крај и такви кои биле склони да се жалат. Какво е тоа богатство, ако не може да се ужива во него?
Историјата треба да ги оцени Македонците не според она што рекле другите народи, особено оние од градовите-држави, туку според она што тие направиле. Наспроти негативните коментари од античките автори, постои една најважна вистина која не може да биде негирана. Македонската армија му останала лојална на Александар до крај. Ниедна армија не може да остане цела, да остане негибната или да ги добива битките онака како што тоа го правеле Македонците, ако постоело несогласување помеѓу нејзините водачи.
Александар им бил неспорно лојален на Македонците, а и Македонците, за возврат, биле неспорно лојални на Александар. Останатото не е ништо друго освен гласини. Освен тие гласини, ниту еден антички автор не оставил ниеден запис за вистинска побуна или завера, што, наводно, се случиле внатре во македонската армија.
Не постои ниту еден запис дека еден Македонец кренал рака против друг Македонец. Со ова, се повикувам на судењето на Филота и егзекуцијата на Парменион. Постојат тврдења дека Филота бил запознат за една завера да се убие Александар и дека Парменион можеби бил дел од таа завера. Нас ни се чини дека во преокупираноста со нивниот таблоиден став да го оцрнат Александар, античките автори “едноставно заборавиле” да ги наведат неговите поважни и поголеми достигнувања.
Тие едноставно заборавиле да ја истакнат желбата на Александар да ги обедини сите култури на светот како еднакви, што претставува еден македонски квалитет кој се пренесува од генерација на генерација и опстоил во срцата на многу македонски револуционери.
Оние кои го презирале Александар, не оставаат со впечатокот дека Александар и неговите офицери биле одвратни пијаници и безначајни сомнителни мали луѓе кои меѓусебе се шпионирале и изнудувале освета еден на друг. Дали се тоа квалитети на една голема армија?

Споменик на Александар во Скопје
Треба ли да веруваме дека Александар и неговите офицери кои, наспроти сите тешкотии, ја добиле секоја битка што ја воделе и кои невозможното го правеле возможно, биле група пијани параноидни мегаломани?
Навистина е штета што практично не знаеме ништо за визијата на Александар за еден иден свет. Неговата желба да создаде едно навистина демократско и плуралистичко општество е помрачувана и обојувана од оние кои се премногу мали за да гледаат подалеку од себе си и од нивните предрасуди. Визијата на Александар, без разлика дали била резултат на потреба или претходен план, била толку пред времето, така што ние денес се трудиме да ја сфатиме. Можеби Александар го освоил светот со сила, но нема сомнение дека тој имал желба да го претвори светот во модерни “Обединети нации”.
Продолжува
Пишуваат:
РИСТО СТЕФОВ И
СЛАВЕ КАТИН