
Розита Христовска : ИДНИНА СО НЕБИДНИНА
Старо купувам!
Стара земја,
стари светињи,
стари фрески и икони,
стари книги
на древен јазик пишани
шарени килими
ирамчиња и јамболии
на разбој ткаени,
невестински руби
со стари везови
и мониста светкави,
кошули и гуњи
со пафти ковани,
зурли и тапани,
гајди и кавали.
Почекај натемнику,
еве топтан ти давам,
а ти со што ќе платиш?
Јас иднина нудам
во златни ковчези.
Речено, сторено,
топтан продадено.
Ама чекај.
изумив да прашам
за кого иднина,
за кој народ
и за која земја?
За таа земја прематару
што сега ја продаде.
За иднина со небиднина.