
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
А. ЕВРОПСКА ЕПАРХИЈА
Со зголемувањето на бројот на македонските православни црковни општини во западноевропските земји се појави потебата од формирање на нова епархија на Македонската православна црква. По примерот и начинот на работењето на Американско-канадската и Австралиската епархија, започна да се размислува за организираноста на македонските православни црковни општини и во Европа во една епархија што ќе го носи името “Европска епархија на МПЦ”.
Така, оваа идеја беше искористена во текот на посетата на високата делегација на МПЦ предводена од поглаварот г-дин г-дин Михаил, прва од таков вид во Германија, во февруари 1994 година. Тогаш се формира и Големоиницијативен одбор за основање на Европската епархија.
Имено, на 27 февруари 1994 година во Мајнц се собраа претставници на МПЦО од СР Германија, Шведска, Данска и Швајцарија, при што беа прифатени одлуките на Црковно-народниот собор на МПЦ од 4-6 декември 1993 година за основање на европска епархија.
Потоа беше избрано времено тело што ќе ги врши сите работи околу основањето на епархијата, а беше формиран и фонд на име на Епархијата. Посебна важност и време делегатите посветија на прашањето околу пополнувањето на црковните општини со редовни свештеници.
Реалноста говори дека Македонците во западноевропските земји своите верски празници ги прославуваат во клубските простории, или, пак, во изнајмени црковни објекти, обично Католичката и Методистичката црква во Германија, кои за среќа, секогаш им излегуваат во пресрет. Меѓутоа, Македонците се’ повеќе сакаат да се организираат во свои цркви во кои ќе се одржуваат богослужби на македонски јазик, крштевки и други активности сврзани со црковниот живот. Затоа беше неопходно да се формира Европската епархија.
Прв надлежен архиереј за Европската епархија беше владиката Петар, а од 1995 година е избран за надлежен архиереј владиката Гораст кој и денес е на таа должност.
I. ШВЕДСКА
Македонците започнаа да се населуваат во Шведска во 70-тите години од минатиот век и тој процес трае до денес. Првите форми на организирано живеење се појавија со самото доаѓање во новите средини, каде се формираа следните друштва:
Македонско друштво “Гоце Делчев” во Гетеборг, со името “Македонија” има друштва во Малме, Јонкопинг и Ексилтуна, со името “Македонија – 91” во Халмштад, “Македонија – 92” во Малме, потоа, “Пелагонија” во Еслов, “Пелистер” во Телеборг, “11 Октомври” во Хелсингборг, “Даме Груев” во Стокхолм, “Илинден” во Вахио, “Повардарие” во Гетеборг, “Вардар” во Скара и “Питу Гули” во Ејславед.
Во сите овие друштва се одвива богат културно-просветен и спортски живот. Во Шведска постојат следните македонски православни цркви:

МПЦ „Свети Наум Охридски“ во Малме
1.”Св. Кирил и Методиј” во Гетеборг
Следејќи ги успесите на македонските иселеници во прекуокеанските земји и резултатите во изградбата на македонските центри, Македонците во Шведска започнаа да се организираат и да градат свои македонски православни цркви, во 1972 година најпрвин во Малме, а подоцна и во Гетеборг се роди иницијативата за формирање македонска православна црква.
Потоа, беше формиран иницијативен одбор и беше одобрен и благословен од Светиот синод на МПЦ, за потоа да се испрати свештеник да ги посети Македонците во Шведска. На 16 март 1973 година Синодот на МПЦ го одобри формирањето на Црковниот одбор во Гетеборг со што започна да се собираат средства за изградба на првиот Македонски национален-духовен центар во Шведска и воопшто во западноевропските земји.
Местото каде што е изградена Црквата “Св. Кирил и Методиј” било осветено на 21 ноември 1981 година од митрополитот Петар. Потоа на 7 јануари 1983 година за време Божиќните празници а во присуство на бројни верници тој ја освети оваа прва изградена Македонска православна црква во Шведска. За жал, црквата изгорела до темел во јуни 1987 година.
Меѓутоа, со помош на Шведската влада, Македонците вложија поголеми напори и средства и за две години на истата локација е изградена нова црква во која, за време Божиќните празнувања во 1988 година е извршено осветување. Од тогаш до денес во оваа црква се вршат сите богослужења.
МПЦ “Св. Кирил и Методиј” со состои од храм исполнет со бројни икони, сала, помошни простории, кујна, библиотека и голем простор околу црквата. Членовите на управите и секциите играат значајна улога и даваат голем придонес за афирмација на Светиклиментовата македонска православна црква и на македонскиот народ во новите средини во Шведска.
2. “Св. Наум Охридски” во Малме
Македонците во Малме од 1985 година во времето кога се прославуваше 1100-годишнината од смртта на “Св. Методи” била купена зградата на црквата. На 3 мај 1987 година митрополитот Петар извршил осветување на овој Македонско-црковен национален храм. Црквата во соработка со Клубот “Македонија” ги одбележува сите верски, историски и национални празници.
II. ДАНСКА
Македонците во Данска се организирани, пред сe’, во следните друштва: “Илинден” во Хјо и во друштвата со името “Македонија” во Балеруп и Копенхаген, како и во Црковната општина “Св. Климент Охридски” во Копенхаген.
1.“Св. Климент Охридски” во Копенхаген.
Првите организирани форми на Македонците во Данска биле изразени во Клубот “Македонија” од Копенхаген кој постои од 1980 година. Во состав на клубот со успех работи фолклорната група, фудбалската и шаховската секција, библиотеката и други форми. Во Балеруп постоеше училиште на македонски јазик со име “Св. Кирил и Методиј”, а во Копенхаген – училиштето “Мите Богоевски”.
Иницијатива за формирање на Македонска православна-црковна општина во Данска се јавила во 1975 година, кога и се формирал иницијативен одбор. Во 1976 година е регистрирана МПЦ “Св. Климент Охридски” од Копенхаген, која ги одвиваше своите активности во Руската црква “Св. Александар Невски”, рамноправно како во своја црква.
Тогаш Македонската црква е заведена во регистерот на Црковното министерство на Данска. Во 1979 година Светиот архиерејски синод на МПЦ даде одобрување на оваа Црковна општина.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН