
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Преку информативните гласила во новите средини Македонците ги збогатуваат своите национални вредности со помош на културните институции во новите средини и на тој начин го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини во иселеништвото. Затоа, во продолжение ќе презентираме дел од значајните медиуми на петтиот континент
28. “Повод” (1978 – ). Едно од позначајните македонски гласила што во Австралија излегува подолго време е списанието “Повод”. Тоа е прво македонско списание за литература и култура на овој континент и единствено од ваков вид меѓу иселеништвото. Излегува како орган на Македонското литературно друштво “Григор Прличев” од Сиднеј, формирано на 31 март 1978 година во Сиднеј..
Првиот број на списанието “Повод” излезе на 15 јуни 1978 година на четири страници со формат 30 х 21 см., додека наредните пет броеви со иста форма имаат зголемен број страници чиј број се движи од 12 до 18. Од шестиот број списанието ја менува и формата и квалитетот на хартијата и излегува на 23 страници, на мал формат 22 х 16 см, а неколку броеви се печатени од 28, до 40 страници. Во периодот од околу 14 години се отпечатени шеесетина броеви. Ова списание излегува и денес.
Во него членуваат Македонци ентузијасти, вљубеници во македоискиот јазик и литературата, кои во слободно време се занимаваат со пишување лични творби. Списанието како плод на Друштвото го уредува Редакциски одбор составен од Македонци по потекло претежно од Битолско – преспанскиот и Охридско-струшкиот регион.
Целта и задачите на списанието „Повод“ е да ги обедини Македонците кои се занимаваат со пишување лични творби собрани околу Литературнто друштво „Григор Прличев“.. Се печати на македонски литературен јазик со кирилица, но има и статии на англиски јазик, особено оние што се однесуваат на, литературата, историјата, културата и други области од животот и активностите на Македонците на петтиот континент
30 “Македонски етник” (1979). Ова гласило е официјален весник на Македонската етничка комуна за Нов Јужен Велс, печатено во печатницата “Браќа Миладиновци” во Сиднеј. Првиот број излезе во декември 1979 година на 12 страници, на поголем формат 23 х 37 см., на македонски јазик со кирилица, а половина текстови се на англиски јазик. Отпечатен е на убава хартија.
31. “Слово” (1983-1986). Гласилото се појави со Одлука на Црковно-општинската управа од Перт, донесена на 14 декември 1982 година. Така, решено е списанието “Слово” да излегува трипати годишно и тоа по повод Божиќ, Велигден и Илинден. Првиот број се појави како троброј во периодот април-септември 1983 година, како орган на Македонската православна црква “Св. Никола” од Северен Перт. Гласникот е отпечатен на македонски јазик со кирилица, на 48 страници, на формат 21 х 29 см., како списание. Двобројот 4 и 5 се појави на 32 страници и го опфаќа периодот од март до јули 1984 година. Во него, покрај другото се поместени текстови од општествениот и социјалниот живот на МПЦО “Св. Никола”.
Во јуни 1986 година излезе бројот 14, кој, всушнот е последен број на списанието “Слово”. Тој е отпечатен на 12 страници и на ист формат како претходните броеви. Покрај другите текстови, главно место е дадено на информацијата за упокоението на архиепископот Ангелариј и одржувањето на комеморацијата во МПЦО “Св. Никола”.

32. “Изгрев” (1983-1987). Во почетокот ова гласило се појави на мал формат (16,5 х 21 см.), за подоцна да продолжи во форма на весник (29 х 41 см.), на 20 страници, содржински добро подготвен и технички уреден.
Во август 1984 година гласилото “Изгрев” се појавило во вид на весник, на 16 страници, на формат 29 х 41 см., што ќе продолжи и во наредните години да ја следи истата форма, но не и број на страници.
Во јули 1985 година се појавил бројот 22. Тој е отпечатен на 20 страници со кирилица и содржи текстови од севкупното живеење на македонските доселеници. Во четвртата година на печатењето, пак, на весникот “Изгрев”, во февруари 1987 година се појави бројот 26, кој е исполнет со информации за гостувањето на ФК “Вардар” од Скопје во Австралија. Се чини ова е последен број на весникот.
33. “Корзо” (1984). Списанието “Корзо” се појави 1984 година, а финансирано и морално е поткрепено од Македонското родителско друштво при гимназијата во Фуцкрај и Македонското наставничко друштво на Викторија. Тоа е печатено на македонски јазик со кирилица, на 44 страници на формат 17,5 х 25 см.
Списанието е поделено на три дела: “Спомени од Македонија”, “Кај нас во Фуцкрај” и “Песни, приказни и мислења”. Во вториот дел се презентирани текстови за изучувањето на македонскиот јазик во Фуцкрај, за секцијата за глума и за животот во тој дел на Мелбурн. Третиот дек, пак, содржи претежно лични творби на ученици од гимназијата, од кои неколку се поместени во оригинал во ракопис, што зборува за љубовта и односот на учениците кон македонскиот јазик. Се чини дека овој е единствен број на ова списание.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН