
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
18. “ЗДРАВЕЦ” (1977–). Ова е гласило на Старскиот дом или “Канадско-македонско место” во Торонто. Бил отпечатен во 1977 година, а се печати и денес како продолжение на гласилата “Вести” и “Њус Летер”. Тоа се печати на англиски јазик на формат 21 х 29 см.
19. “МАКЕДОНИЈА” (1979-1980). Првиот број на весникот “Македонија” или “Македонски магазин” се појавил во Торонто во април 1979 година. Отпечатен е на македонски јазик со кирилица на 4 страници, формат 24 х 31 см. Бројот 4 од март 1980 година се чини бил последниот на весникот “Македонија”.
20. “КАНАДСКО-МАКЕДОНСКИ ГЛАС” (1979-1980). Весникот бил гласило на Организацијата “Обединети Македонци во Торонто”. Се печател на македонски со кирилица и на англиски и претставувал еден од подобрите весници што дотогаш македонските иселеници ги издавале во Канада. Првиот број се појавил во мај 1979 година на 12 страници на формат 29 х 42 см. Во март 1980 година излегол двобројот 11 и 12 кој, всушност, последен под тоа име, а потоа се појавил под името “Македонски глас”.
21. “МАКЕДОНСКИ ГЛАС” (1980-1981). Од мај 1980 година под број 13 весникот “Канадско-македонски глас” го сменил името во “Македонски глас”. Тој се печати, главно, на англиски и на македонски јазик на формат 29 х 42 см на 16 страници.
22. “ВЕСТИ” (1979). На 17 јуни 1979 година на денот на големото и свечено отворање на “Канадско-македонското место” во Торонто се појавил првиот број на весникот “Вести”. Овој добро обликуван и технички издржан весник бил орган на Канадско-македонската пензионерска асоцијација, а излегувал на англиски јазик на среден формат на 8 страници.
23. “ДУХОВНА ИСКРА” (1981-1984). Списанието се печатело во рамките на Црквата “Св. Климент Охридски” од Торонто и како гласило на македонските црковни општини од Северна Америка. Првиот број излегол на 1 август 1981 година, на 8 страници , формат 43 х 30 см, со кирилско писмо и со голем број текстови на англиски јазик. Во текот на излегувањето биле отпечатени 27 броеви кои претставуваат убав прилог во информативната дејност.
24. “ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА” (1982–). Весникот бил орган на Националната организација “Обединети Македонци”. Се печател на формат 29 х 43 см, на македонски и на англиски јазик. Обично излегувале 4 броја во годината, и тоа: во јануари, во чест на роденденот на Гоце Делчев, во мај, во чест на македонските и с#словенски посетители Св. Кирил и Методиј, во јули, во чест на големиот национален празник Илинден и во октомври, во чест на 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ.
25. “ЦРКОВЕН БИЛТЕН” (1983). Ова гласило било орган на Црквата “Св. Климент Охридски” и излегол по повод празникот на светецот Климент и по повод Божик. Бил отпечатен на македонски јазик со кирилица на 20 страници, на формат 16 х 22,5 см.

26. “МАКЕДОНИЈА” (1984 –). Овој значаен македонски гласник првпат од печат излегол на 2 ноември 1984 година, а потоа редовно секој 15-ти во месецот. Тој како важен македонски информатор излегува и денес, а неговите страници се исполнети со текстови и фотографии од активностите и животот на Македонците во новата средина, како и рекламен материјал од наши деловни луѓе што живеат во демократска и мултикултурна Канада. Првите три броја биле печатени на осум страници на среден формат (29 х 43 см) што е задржан и денес. Од четвртиот број се печати на дванаесет страници, а само неколкупати е печатен на осум страници. Уште од вториот број се среќаваат текстови на англиски јазик и голем број реклами.
Денес весникот “Македонија” излегува редовно и се отпечатени над двесте броја во тираж од 3 000 примероци и на свој начин во сите средини го внесува македонскиот патриотски дух.
27. “ЕПАРХИСКИ БИЛТЕН” (1987). По повод дваесетгодишнината од постоењето и успешната работа на Американско-канадската македонска православна епархија (1967 – 1987) е отпечатен посебен “Епархиски билтен” како огледало на активностите на Епархијата во текот на дваесет години. Билтенот има 42 страници (формат 14 х 21,5 см) и е отпечатен на македонски јазик, но и со текстови на англиски јазик.
28. “ИЛИНДЕНСКИ ЗБОР” (1989). По повод илинденските празници во Торонто, во Македонската православна црква Св. Илија излегол од печат еден број на весникот“Илинденски збор”. Тоа е периодично гласило за јули‡август 1989 година, печатено на 8 страници среден формат (19 х 34 см), на македонски јазик со кирилско писмо, со текстови и на англиски јазик.
29. “ЛИТЕРАТУРНА МИСЛА” (1989 -). Првиот број на списанието излегол од печат во август 1989 година на формат 20 х 27 см. на 32 страници и цена од 2 канадски долари. На корицата се фотографиите на браќата Миладиновци. На втората страница има воведна статија, во која е поместена мислата на Алфонс Доде дека “ако еден народ падне во ропство, а си го задржи јазикот, тоа е како да го држи в раце клучот од својот затвор”. Понатаму во воведот се нагласува дека излегувањето на првиот број на списанието“Литературна мисла” бил настан од посебно значење за членовите на Литературното друштво “Браќа Миладиновци” и пошироко како сведоштво за поврзаноста помеѓу Канада и Македонија. Тој е документ кој ги носи пораките на поетските остварувања на Македонците во туѓина. Списанието повремено излегува и денес.
30. “БИЛТЕН” (1989). Првиот број од Билтенот излегол на 1 јануари 1989 година како триброј за јануари, февруари и март, отпечатен на среден формат ( 21,5 х 28 см) на 38 страници, а како гласило на црквата Св. Илија во Мисисага.
31. “БИЛТЕН” (1991). Овој билтен на црквата Св. Климент Охридски бил, всушност, преглед на активностите на секциите што работат во состав на црквата, како и извштај за документацијата на објектот. Билтенот е отпечатен во вид на книга на формат 28 х 22 см, на 46 страници, на македонски и на англиски јазик паралелно.
32. “КОРЕНИ” (1991). Списанието “Корени” започнало да се печати во август 1991 година. Првиот број излегол на 28 страници (22 х 38 см.), на македонски и на англиски јазик. На четвртата страница е објавена воведна статија во која се вели: “Корени” е месечник што им се обраќа и на младите и на старите, и на македонската и на канадската читателска публика, и на традиционално образованите и на модерните читатели”.
33. “ОРО МАКЕДОНСКО НАША КАНАДА” (1991). По повод 125-годишнината на Канада, на 11 и 12 мај 1991 година, во Торонто се одржала културната манифестација “Оро македонско наша Канада”, а во организација на Канадско-македонската федерација. Под исто име е отпечатена посебна публикација на англиски јазик. Таа има 60 страници на формат 27,5 х 21,5 см.
34. “БИЛТЕН” (1992). Во текот на летниот период на 1992 година се појавил првиот број на Билтенот на Канадско-македонската федерација. Тој е печатен двојазично на англиски и на македонски јазик како периодично издание исполнето, главно, со информации за дејствувањето на Федерацијата.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН