
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Во седумдесеттите години, на радиостаницата ЦХИН во Торонто започнал да се емитува и југословенскиот радиочас “Караван на пријателството”, во почетокот половина час, подоцна и еден час и тоа од понеделник до петок од 14 до 15 часот, а во сабота од 14 до 15,30 часот. Карактеристично за овој радиочас било тоа што на крајот од програмата, околу 15 минути, се емитувале вести и други информации на македонски јазик, што ги читале македонски доселеници, како и народни песни, ора и забавна музика од македонската продукција.
Извесен период, Радио Скопје на овој радиочас емитувал сателитски говорни и информативни емисии во траење од десет минути, и тоа секоја втора среда. Неколкупати оваа станица преземала сателитски получасовни пригодни емисии за македонскиот национален празник Илинден и едночасовни емисии за Нова година, со учество на сите југословенски радиостаници, чиј домаќин бил Радио Скопје.
Треба да се истакне дека и покрај економскиот момент, оваа радиопрограма била афирматор на македонскиот јазик, песната и орото во најбројната македонска колонија, во период од дваесетина години.
Исто така, во осумдесеттите години се емитувал радиочас под име “Македонско катче”. Радиочасот имал информативно-пропаганден карактер и бил во приватна сопственост, а се емитувале народни песни и ора, соопштенија, реклами и други информации.
Меѓу македонските гласила во Торонто бил и радиочасот “Македонски свет”, кој се емитувал еднаш неделно во траење од еден час (од 10,30 до 11,30 часот во недела) преку радиостаницата ЦЈМР 1190 АМ. “Македонски свет” започнал да се емитува 1984, а згаснал во 2001 година. Овој радиочас, кој соработувал со Редакцијата за размена на Македонското радио, емитувал вести и информации од Републиката и од македонските колонии во дијаспората, поздрави и честитки на слушателите, како и бројни рекламно-пропагандни материјали на фирми кои биле спонзори на гласилото.
Инаку, радио-часот “Македонски свет” се слушал во пошироката околина на Торонто, во Хамилтон, Нијагара, Бафало, Рочестер, Кичинер и други места во Јужен Онтарио. Бројот на слушателите изнесувал околу сто илјади и претставувал значаен информатор на македонскиот збор, песната и орото на северноамериканските простори.
Од почетокот на 1991 година во Торонто започнал да се емитува радио-часот на организацијата “Обединети Македонци”, секоја недела, а го слушале над сто педесет илјади македонски доселеници во Торонто и пошироко во други делови на САД.
Првата телевизиската програма на македонски јазик, пак, започнала во септември 1975 година и била емитувана на ТВ станицата ЦТВ,-канал 79 во Торонто, под името “Македонски дневник”.
Во текот на петнаесетгодишното постоење, тв часот “Македонски дневник” се емитувал секој петок во траење од еден час, а четири пати се репризирал во текот на неделата. Со воведувањето на мултиетничката телевизија во Канада, емисиите на овој тв-час се пренесувале дури во далечниот Ванкувер и можеле да ги гледаат сите Македонци од Канада и повеќе региони на САД.

Во Торонто се емитувал и телевизискиот час под име “Македонска националност”, кој во 1983 година започнал под името “Македонска нација”, во состав на мултикултурната телевизија на Канада. Овој тв-час бил носител на информативниот, забавниот, културниот, духовниот и националниот живот. Тој бил пренесувач на македонскиот збор и богатиот мелос преку мултикултурната мрежа на Канада, чии емисии се гледале од стотина илјади Македонци во Торонто и пошироко. Престанал да се емитува во 2001 година.
Меѓу информативните гласила, чија мисија била да се зачувува сопствениот јазик, литература, културните вредности и традиции во Торонто, била и телевизиската програма “Македонски корени”. Таа е редовно следена во Торонто, Хамилтон, Виндзор, Кичинер, Лондон, Мисисага, Ошава, Брамптон, Детроит и Бафало, преку каналот 47. На програмите на овој телевизиски час се емитуваат куси вести од активностите во македонските колонии на северноамериканскиот континент и од Републиката, музички нумери, особено од продукцијата на Македонската радио – телевизија и детски и образовни емисии и други интересни програми, претежно преземени од Македонија. “Македонски корени” се емитува секоја недела од 8,30 до 9,00 часот претпладне, главно на македонски јазик, но и со материјали на англиски. Телевизискиот час “Македонски корени” работи од јули 1989 година до денес.
Исто така, во Торонто се емитуваат и следните радио и тв часови: Во октомври 1997 година започнало со работа. Македонското национално радио “Македонски глас”, како самостојно и независно. Тоа се емитува секоја недела од 9,00 до 10,00 часот. Од 4 јули 1998 година започнала да се емитува македонската радиопрограма “Обединета Македонија”, секоја сабота од 9-10 часот. Истата година на 4 октомври започнало да се емитува телевизиското издание на Македонската информативно-забавна тв програма, “Македонско издание” во недела во 10 часот на Роџерс каналот 10. Во август 2001 година, пак, започнал да се емитува радиопрограмата “Мила Македонија”, на која се застапени вести, поздрави и честитки, детски и други контактни емисии.
Исто така, во Торонто постои и продавница – книжарница “Хоризонт”, во која се продаваат различни радио и видео касети, книги и друго.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН