ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Улогата на средствата за јавно информирање кај Македонците во Шведска била е и ќе биде од суштинско значење. Информативните гласила се незаменливи во продолжувањето на културните традиции на македонските доселеници во новиот свет. Тие настојуваат целосно да го запознаат читателот со македонскиот јазик, културата, историјата, фолклорот, обичаите и со други карактеристики донесени од Македонија.
14. “Снегулка” (1979 – ) – Гетеборг. Првиот борј на ова детско списание се појави 1979 година како додаток на “Македонски весник”. Тоа се печатеше во склоп на списанието, на ист формат (21 х 29 см.) од 8 до 16 страници. Се печатеше на македонски јазик, а има и детски творби на турски јазик. Клишето на главата на списанието е на македонски со кирилица а десно од неа и на шведски.
15. “Гласник” – УНЕСКО (1980 – 1991) – Париз. Првиот број на списанието “Гласник” на македонски јазик се појави во септември 1980 година. Тоа е отпечатено на 36 страници и на формат 21 х 29 см., како гласник на УНЕСКО – Организација на Обединети нации за образование, наука и култура, чие седиште се наоѓа во Париз. Во првиот број се вели дека списанието “Гласник” се печати на 24 јазици и дека тоа излезе по повод ХХИ седница на Генералната конференција на УНЕСКО одржана во Белград од 23 септември до 28 октомври 1980 година.
16. “Македонија” (1983) – Пертиле. “Македонија” беше информативното гласило што се печатеше во Пертиле – Шведска. Првиот број излезе во април 1983 година како орган на Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и тоа на македонски јазик кирилица, на 24 страници и на формат 21 х 30 см. Поголем број од текстовите се изворни, а само неколку се позајмени од други гласила.
Бројот 3 е веројатно последен на списанието “Македонија”. Тој е отпечатен во декември 1983 година на 24 страници, употребувајќи македонски јазик со кирилица.
Во списанието „Македонија“ се истакнува дека се прифаќа соработка со било која или било каква организација, политичка групација, печат, радио и слично, особено ако тоа не пречи на интересите на македонскиот народ и на ДООМ и е во прилог на правдата, вистината, хуманоста, разбираињето и заштитата на макадонските интереси и вооошто на човештвото.
Тоа значи подавање братска рака на сите македонски списанија и весници што излегуваат во светот, а исто така и на сите демократски списанија и весници и од други нациопалности. Инаку, беше предивдено од „Македонија” да се печатат десет броја годишно.
17. “Татковина” (1984-1988) – Копенхаген. Списанието “Татковина” беше орган на Клубот “Македонија” и Здружението “Преспа” од Копенхаген – Данска. Првиот број излезе 1984 година како тримесечник на 20 страници мал формат 14,5 х 21 см.) и се печатеше на македонски јазик.
Во 1985 година се отпечатени три броја, идентични и по форма и содржина со броевите од претходната година. Следната 1986 како и 1987 година излегоа четири броја, додека во 1988 година само еден број. После ова следи одреден прекин во печатењето на ова гласило.

18. “Македонски глас” (1992) – Минхен. Весникот се појави на 14 јуни 1992 година како гласило на Македонската заедница за Јужна Германија. Тој е отпечатен на македонски јазик, со кирилица на 8 страници, на формат 28,5 х 38,5 см. Издавач е Македонската православна црковна општина “Св. Тројца” од Минхен.
19.”Македонски извор”(1993) – Будумпешта. Тој се печати на македонски и на унгарски јазик, како издание на Здружението на егејските Македонци во Унгарија е и орган на Македонскиот информативен центар во Будимпешта. Започна да излегува во 1993 година и се појави како излив на силната љубов и почит кон Македонија и како информатор на Македонците во Унгарија и афирматор на македонската вистина, особено за Егејска Македонија која, за жал, често е горка и тешка.
Всушност, е исполнет со прилози од историјата, јазикот, човековите права, црковниот живот, активностите на одборите на децата – бегалци од Егејска Македонија во Канада, Австралија, Грција, Република Македонија и за други активности на Македонците во Унгарија и ширум светот. Објавени се и бројни новинарски текстови позајмени од други гласила на македонски јазик.
Македонски страници во печатот на другите нации
Веројатно политиката за југословенското заедништво меѓу иселениците и привремено вработените во странство во изминатите децении беше најизразена во западноевропските земји, каде и беа формирани бројни македонски друштва со пројугословенски карактеристики. Слично беше и со информативните гласила, кои се печатеа на српско-хрватски или хрватско-српски јазик, а во кои имаше додаток, односно страници на македонски и на словенечки јазик.
Така, во 1972 година во Трелеборг, Шведска, започна да се печати весникот “Југословенски лист”, во кој една страница се печатеше на македонски јазик. Исто така, во весникот “Југословенски лист” што започна да излегува во Стокхолм од март 1976 година во кој во 1992 година се отпечатени околу 300 броеви се печатеше македонска страница. Обично овие гласила беа орган на Југословенскиот сојуз во кој во 1992 година беа вклучени и македонските организации и друштва.
Радио-емисии на македонски јазик во Европа
Воведување радио-програма на македонски јазик во Европа започнало во мај 1974 година, кога првпат на Радиостаницата “Слободна Југославија” од Москва се слушна македонскиот збор. Емисиите на оваа радио-станица се емитувале два до три пати дневно по 15 минути. Овие емисии се емитувале само во период од една година. Потоа слични емисии на македонски јазик започнаа да се емитуваат преку радио Москва кои се емитуваа до пролетта 1991 година.
На 18 јуни 1952 година, во рамките на Радио-станицата “Глас на вистината” која се емитуваше во Букурешт на грчки јазик започнаа со пренос и емисии на македонски јазик. Тие беа емитувани до 31 декември 1955 година.
Во 1969 година Радио-часот “Дојче Веле” (Глас на Германија) , во рамките на Југословенската редакција, започнаа да се емитуваат и радио-емисии на македонски јазик. Покрај овие емисии на “Дојче Веле”, програми на македонски јазик се емитуваа и на “Вест Дојчер Рунтфунк” (Западно-германско радио) од Келн наменети за Македонците што работат во Германија.
Овие повремени програми започнаа со емитување во 70-тите години, а од 1992 година е воведена редовна програма на македонски јазик двапати неделно. Исто така, музички говорни емисии на македонски јазик повремено се емитуваат во рамките на емисиите од “Гибралтар до Босфор”, потоа на Радио Западен Берлин, Радио Бон, Радио Дизелдорф и други, повремено се емитуваат програми на македонски јазик.
Во рамките на шведското радио во Штокхолм од 1 септември 1980 година започна да се емитува програма на македонски јазик. Во почетокот двапати во неделата по 15 минути, а од 1991 година еднаш неделно во траење од 15 минути, а секоја друга сабота во траење од 30 минути.
Исто така, во Гетеборг се емитуваат емисии на македонски јазик. Вакви и слични емисии повремено се емитуваат и на радио програмите на Радио Малме.
Во Франција, пак, во рамките на Радио станицата “Студио 4” секоја недела во периодот 1984-1985 година се емитуваше програма на македонски јазик. И во Белгија на Радио Лиеж две децении се присутни македонските песни, ора и македонскиот јазик.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН