Свеченото одбележување на 165-годишнината од „Зборникот на браќата Миладиновци“ беше посветено на делото што останува траен симбол на македонската народна мудрост, традиција и идентитет.
На свеченоста, посветена на значењето на делото на Димитар и Константин Миладиновци, присуствуваше и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Џијанг Сјаојен. Во своето обраќање, Анета Механџиска, директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, истакна дека браќата Миладиновци не собирале само песни, туку собирале животни приказни, меморија и гласот на еден народ.
„Денес не одбележуваме само едно книжевно дело. Денес оддаваме почит на еден од најголемите столбови на македонската културна и духовна историја. Зборникот на браќата Миладиновци е сведоштво за народната мудрост, традиција и идентитет, зачувани низ времето благодарение на нивната посветеност, визија и љубов кон народното творештво“, нагласи Механџиска.
Таа посочи дека во време кога културниот и националниот идентитет се чувал преку зборот, браќата Миладиновци создале дело што и денес претставува темел на македонската литература и на културното наследство.
„Особена чест ни претставува што токму библиотеката, која гордо го носи нивното име, денес е место каде што нивното дело и мисија се негуваат преку промоција на пишаниот збор, јазикот и културата. Во време на брзи промени и дигитална комуникација, нашата мисија, не, нашата обврска е уште поголема – да ја чуваме книгата, да го чуваме пишаниот збор и да ги доближуваме вистинските вредности до младите генерации“, истакна таа.
Механџиска нагласи дека токму затоа библиотеките остануваат живи културни центри, места во кои минатото разговара со иднината.
„Сакам да изразам искрена благодарност до вработените во библиотеката, нашите соработници и поддржувачи, кои придонесуваат за зачувување и афирмација на македонското културно наследство. Нека ова одбележување биде потсетник дека големите дела живеат онолку долго колку што ние ги чуваме, читаме и пренесуваме“, порача Механџиска.
Писателот Братислав Ташковски пред присутните говореше за Зборникот и за делото на браќата Миладиновци.
„Во живиот музеј на македонските гордости секогаш со златни букви ќе биде забележан датумот – 24 јуни 1861 година. Тој е нашиот вечен празник, денот кога во Загреб излезе од печат Зборникот на народни песни од браќата Димитрија и Константин Миладинови“, рече Ташковски.
Излегувањето на ова капитално дело, потсети тој, е овозможено благодарение на несебичното залагање и материјалната помош на хрватскиот мецена, бискупот Јосип Јурај Штросмаер.
„Генезата на излегувањето на Зборникот, како најзначајна книга на македонската преродба, е исполнета со турбуленции. Таа почнува и се случува во географско-политичката тријада Македонија – Москва – Загреб. Песните главно ги собирал Димитрија и му ги испраќал на Константин, кој бил во Русија, каде што работел на терен за да обезбеди можности и перспективи Зборникот да биде отпечатен во Москва како Зборник на македонски народни песни. Во тој период Константин имал многу средби со истакнати слависти од Русија, кои биле воодушевени од материјалот, но и покрај сите негови заложби Зборникот да се отпечати во Москва, до тоа не дошло, бидејќи постоеле многу ‘опстојателства’ кои биле против тоа. Тие опстојателства останале актуелни, за жал и денес, па така Константин се решава печатењето на Зборникот да го направи во Загреб“, рече Ташковски.
По завршувањето на сите технички подготовки, Зборникот излегува од печат. Тој го носи следниот наслов: „Блгарски народни песни, собрани од Братја Миладиновци, Димитрија и Константин и издани од Константин во Загреб во книгопечатницата на А. Јакиќ“.
За овој преседан, односно како дошло до тоа на збирката на македонски народни песни и умотворби да ѝ се даде наслов кој не одговара на содржината, Ташковски подвлече дека досега многу покомпетентно и посодржински пишувале истакнати македонски авторитети како Кирил Пенушлиски, Харалампие Поленаковиќ, Димитар Митрев, Гане Тодоровски, Тодор Димитровски, Александар Спасов, Марко Китески и други.
Тие, како што посочи тој, компетентно ја објаснуваат последната фаза од генезата на Зборникот. Може да се каже дека главен именител за преименувањето на Зборникот, кој во Москва требало да излезе како „Зборник на македонски народни песни“, биле веќе споменатите „опстојателства“ кои никогаш не мирувале.
„Според дел од овие истражувања, менувањето на името на Зборникот најверојатно дошло по барање од кабинетот на Штросмаер, а најверојатно и од него лично, за да не дојде до забуна со термините ‘антички Македонци како потомци на Александар Македонски’ и словенското население Македонци кои живееле на територија која некое време била во составот на бугарската држава. Но, без разлика на сè и на сите ‘опстојателства’, Зборникот на Миладиновци е факт кој сведочи за постоењето и развојот на еден народ и неговиот јазик, кој успеал да опстане како жив дух и покрај силните погроми, пропаганди и притисоци од тогашните соседни држави“, истакна Ташковски.
Тој додаде дека денес постоењето на ова капитално дело сè уште е изложено на вреднување со два различни критериума, кои зборуваат различни јазици. Во тие лингвистички битки, рече тој, се заборава суштинското и елементарно значење на Зборникот – да биде фолклорен именител на богатството на македонските и бугарските народни песни.
„Ако тие се анализираат адекватно, би требало да нè доведат до некаква фолклорна близина, а не до погубен географски национализам. Во тој контекст треба да се заборави на феноменот на ‘првенството’, бидејќи тој за некого може да биде прогрес, а за некого назадување. Не смееме да дозволиме минатото да го разбираме само како конструкција на умот и силата, туку мораме да го разбереме како живот на кој му ја должиме сегашноста. Јазикот во собраните песни не е имагинација, туку секојдневен јазик кој е употребуван од народот на територијата на Македонија, заедно со сите препознатливи разлики кои тогаш нè опкружувале“, рече Ташковски.
Според него, блискоста на јазиците, ако не зближува, тогаш станува бездна и далечина околу која ечат два спротивставени краеви. Се разбираат, а не сакаат да зборуваат. За жал, „опстојателствата“ за кои Константин зборувал пред 165 години постојат и денес. Наместо обострано почитувано двојазичје, вели тој, имаме гласен молк.
Повикувајќи се на убав поетски пример кој функционира на нашите балкански простори, Ташковски посочи дека, ако се сака, може едноставно да се каже: бугарскиот јазик е Бугарија, македонскиот е Македонија.
Со тоа, тој уште еднаш се поклони пред епохалното дело на браќата Миладиновци.
„Тоа е нашето богатство, тоа е живиот глас на Македонците“, порача Ташковски.
Извор: Јунски број 77 на списанието „Повод“, издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј.