Рашела Мизрахи, пратеничка во Македонскиот парламент од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е избрана за претседавач на Генералниот комитет за културни прашања на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ). Таа беше избрана на седницата на Парламентарното собрание на ЦЕИ, одржана на 3 и 4 ноември во Букурешт, Романија.
„Голема чест и одговорност е да се преземе оваа функција, која отвора можност за продлабочување на парламентарната соработка и афирмирање на културата како важен фактор за поврзување на државите и народите“, изјави Мизрахи.
Таа најави дека како претседавач ќе се залага за дијалог меѓу парламентарците и за заеднички иницијативи што ќе ги зајакнат културните врски меѓу земјите членки.
Во својата досегашна работа во ЦЕИ, Мизрахи предложи да се разгледа формирањето регионална мрежа за индустриско наследство. Преку таква мрежа, институциите, локалните власти и културните организации би можеле да разменуваат искуства и да подготвуваат заеднички проекти за зачувување на индустриското наследство.
Комитетот со кој ќе претседава Мизрахи е еден од трите генерални комитети на Парламентарната димензија на ЦЕИ.
Обврската на ЦЕИ покрај културата, опфаќа и образование, наука, млади и медиуми.