Коментари

Бранислав Светозаревиќ-Покорни: За поимите „народ“ и „нација“

Во интерес на читателот, сметаме дека е потребно да дадеме извесни објаснувања за термините за етничките заедници низ историските периоди на овие простори, со кои се среќававме во нашето истражување, како и за поимите „народ“ и „нација“ што ги подразбираме во оваа студија.

Иако главниот акцент на оваа книга се однесува на идентитетското име на Македонците, сметаме дека сме должни да му го објасниме на читателот значењето на неодминливите поими „народ“ и „нација“. Таа потреба се наметнува од фактот дека во минатото и денес се напишани многу трудови за значењето на овие поими, за кои сѐ уште постојат големи разлики во толкувањето.

Поимите што ја означуваат етничката заедница во различни системи, држави и временски периоди имаат различно значење, вклучувајќи ги и идентичните имиња на тие етнички заедници.

Модерното сфаќање на поимот „народ“ често погрешно се поистоветува со средновековните народи. Средновековното титулирање на кралевите и царевите најчесто е поврзано со територијалните владеења, а не со етничките заедници. Така, тие во рамките на феудалните држави биле во сенка и за нив се користело поданичко име, односно името користено од елитата.

Во книгава поимот „народ“ го употребуваме со две значења: народ како население на античка (демос) или средновековна (генс) држава и народот во XIX и XX век, кој го подразбираме како „етнос“ — неполитичка етноисториска и етногенетска заедница што поседува самосвест за своето постоење, заеднички вредности, историја, култура, обичаи и свесност за заедничко народносно име.

„Нацијата“, која се појавува во развиеното капиталистичко општество во Западна Европа, генерално добива две форми и значења: првобитната западноевропска форма, која поимот го третира како исклучиво политички и нацијата ја поврзува само со државата (политичка нација), и втората форма, која се развива претежно во Источна Европа, каде што нацијата се прифаќа како народна заедница чии припадници ги врзува заеднички етницитет (етничка нација).

Со овие прашања долго време се занимаваат историчарите, социолозите, филозофите, правниците и други научници, кои до ден-денес даваат различни одговори и дефиниции. Нив може да ги поделиме на неколку правци, од кои ги издвојуваме најзастапените:

  • Примордијализмот најмногу се застапува за „етногенетската теорија“ на континуитет на нациите;
  • Перенијализмот се заснова на „историската истрајност“ на нациите;
  • Конструктивизмот или модернизмот ги поврзува нациите со создавањето на државите, односно со ставот дека нема нација без држава.

Што подразбираме во овој труд под поимите „народ“ и „нација“?

Барајќи дефинирање на поимите „народ“ и „нација“ меѓу современите теоретичари што ја проучувале оваа проблематика, а чии ставови ќе бидат најблиски до спецификата на развојот на македонската национална мисла, ги издвојуваме ставовите на Ентони Д. Смит за народот, кој го означува како „етничка група“, и за „нацијата“. Според него, народот и нацијата ги поседуваат следните „видови идеали“:

„Етничка група (или народ — м. з.)

  1. Себедефинирање, вклучувајќи соодветно колективно име;
  2. Митови за заедничко потекло и предци;
  3. Заеднички спомени од минати заеднички настани, места и ликови;
  4. Еден или повеќе елементи на заедничка култура;
  5. Некои чувства на солидарност, барем меѓу елитите;

Нација

  1. Себедефинирање, вклучувајќи соодветно колективно име;
  2. Заеднички митови и спомени за потеклото, изборот итн.;
  3. Карактеристична заедничка јавна култура;
  4. Поседување или окупирање на историска татковина;
  5. Општи права и обврски за сите членови.“

Смит забележува дека во првите два вида идеали гледаме совпаѓање, а потоа има значителни разлики, со тоа што во случајот со нацијата гледа многу поразвиена јавна култура. Според него, во модерниот свет постојат два концепта за нацијата: граѓански или територијален и етнички или генеалошки.

Така, на пример, националното претставување на луѓето во Западна Европа и Северна Америка веднаш подразбира политичка нација, додека луѓето во Источна Европа, вклучително и во Македонија, национално се претставуваат во смисла на етничка припадност.

Доколку нациите се поврзани со постоењето на државите, народите опстојуваат и без држави, како што се примерите со Каталонците, Баскијците, Курдите, Ујгурите, но и Македонците, Албанците и Словенците кога немале свои национални држави. Таквите примери од минатото и сегашноста се многубројни.

Дури и групите на современите економски мигранти во нивните нови држави, кои стануваат дел од тамошните нации, ги зачувуваат и ги негуваат своите народносни белези. Така, земајќи ги предвид двете концепции — политичка нација и етничка нација — преку примерите на многуте економски мигранти денес сме сведоци на постоење двојни националности. На пример, огромен дел од американските државјани имаат американска политичка националност, а истовремено се носители на својата етничка националност од која произлегле.

Со оваа книга не означуваме ниту почеток ниту, пак, крај на заложбите да се дојде до вистината за именувањето на Македонците, но вистината нѐ охрабрува никогаш да не запреме со работа во оваа благородна и родољубива идеја.

Свесни сме дека во толкав избор на извори се можни грешки и пропусти. Секоја нивна натамошна исправка е добредојдена, дури и да пристигнала од малиот број негатори на Македонците, на кои ќе им бидеме благодарни, зашто следната книга на оваа тема ќе биде уште поквалитетна и посодржајна.

Тоа е науката!

Најново од: Коментари

Уште колку ЕУ ќе нè тапка по рамо?

Европската идеја има смисла ако ги зближува народите и го почитува нивното достоинство. Македонија заслужува јасен и праведен пат до членство, по кој ќе оди со реформи и со зачуван македонски идентитет. За идеите во минатото се гинело, а за нив се гине и денес. Тие ги движат луѓето, ги обединуваат народите и го менуваат […]

Филипче, рејтингот на СДС не се крева со сирена за тревога

Дали Филипче навистина мисли дека патот до повисок рејтинг води преку повисок притисок кај граѓаните? Дека секоја вознемирена фамилија е потенцијален глас, секој исплашен пензионер — политичка добивка, а секој загрижен штедач — публика за следниот настап? СДС на чело со Филипче остава впечаток дека отвори дежурна служба за најавување пропаст. Телефонот постојано ѕвони, сирената […]

За овој настан Македонија нема да бара од Бугарија заедничко историско чествување

На 11 септември 1995 година, на аеродромот кај Штрклево, близу Русе, се собрале околу 3.000 илјади луѓе за да пречекаат вонземјани.  Според архивскиот весникарски напис, околу 3.000 луѓе пристигнале од Варна, Разград, Русе и околните села. Поводот бил најавата дека точно во 11 часот ќе слетаат посетители од наводната планета Криси за да и помогнат […]

Да се препознаеме по човечноста

„Ако чувствуваш болка, жив си. Ако чувствуваш туѓа болка, тогаш си човек.“ – рекол Лав Толстој Сфаќањето и практиката на хуманоста во светот денес се наоѓаат на важна крстосница. Глобално гледано, на хуманоста се гледа низ призмата на зголемена емпатија и поврзаност, но и низ сериозни предизвици наметнати од модерното секојдневие, технологијата и кризите. Технологијата […]

Четири штетни одлуки – сметка што ќе ја плаќаат генерации

Приватизацијата од деведесеттите години, територијалната организација од 2004 година, промената на уставното име во 2019 година и Договорот со Бугарија од 2017 година се четирите најштетни политички одлуки на СДС за Македонија. Првата го засегна општествениот капитал, а другите државното уредување, уставното име и заштитата на македонските национални интереси. Последиците ги надминаа мандатите на властите […]

Чудата на Свети Димитрија

Во редот на најзначајните хагиографски трудови од рановизантиската литература спаѓаат и „Чудата на Свети Димитрија” (Miracula Sancti Demetrii) се три збирки од која првата ги опфаќа „Чудата” што се однесуваат на периодот од крајот на VI до 20-тите години на VII век. Неа ја составил солунскиот архиепископ Јован, современик на овој период. Втората збирка ги опфаќа […]

Македонија, парче од рајот што треба сите да го почитуваме

Ми пукна филмот од Али Ахмети што ја отвора историјата само кога му треба аргумент за дневна политика. Али, кога зборуваш за тоа кој е староседелец во Македонија, што добиваат граѓаните од тоа твое тврдење, освен дека тоа е твоја провокација? И што, според тебе, добива оној што ќе го прогласиш за постар од соседот? […]

Македонија: за безбедноста на Европа – доверлив партнер, за членство во ЕУ – вечен кандидат?

Европа не може од кандидатите да бара европско однесување, а од членките да прифаќа секое условување Македонија заслужува јасен одговор: дали патот кон Европската Унија се отвора со исполнување на европските критериуми или со бескрајно прифаќање нови политички услови? Од одговорот на ова прашање зависи довербата во европската идеја. Граѓаните треба да знаат што се […]

To top