Следејќи ги политичките настапи на Венко Филипче, се наметнува едно суштинско прашање: дали политиката се сведува само на критикување на актуелната власт или подразбира и преземање одговорност за сопственото политичко минато?
Филипче во своите настапи зборува за тоа како требало да се постапува, што требало да се направи и што не требало да се дозволи. Но, токму затоа, јавноста има право да го праша каде била таа политичка мудрост во периодот кога и самиот беше дел од власта предводена од СДС.
Како е можно човек кој денес се труди да нуди одговори за речиси секој проблем да не најде време да одговори на прашањата за политичката одговорност во текот на седумгодишното владеење на неговата партија?
Каде е извинувањето за политичките одлуки и меѓународните договори кои дел од македонската јавност ги доживува како штетни за националните интереси? Каде се одговорите на обвинувањата за корупција, злоупотреби и неисполнети ветувања од тој период?
Промената на претседателот на една политичка партија не значи и бришење на нејзиното политичко минато. Филипче не беше само набљудувач на политиките на Заев, туку и дел од неговата влада.
Секако, опозицијата има право и обврска да ја критикува актуелната власт. Но, истото право го имаат и граѓаните да бараат одговорност од оние што претходно владееле.
И во случајот со Алта банка, Филипче изнесува сериозни обвинувања, додека ВМРО-ДПМНЕ го повикува да ги поткрепи своите тврдења со конкретни докази и го обвинува за ширење паника меѓу штедачите.
Додека Владата и Народната банка настојуваат да изнајдат решение за заштита на заштедите на граѓаните преку обезбедување нов сопственик, Филипче отвора прашања за постапката на продажба на банката.
Но, јавноста има право да го праша Филипче зошто во 2020 година, кога СДС беше на власт, за Еуростандард банка не беше изнајдено слично решение за спас. Дали одредени лица блиски до тогашната власт биле привилегирани при повлекувањето на своите средства непосредно пред отворањето на стечајната постапка? Тоа е прашање на кое треба да се одговори со факти и документи.
Кога станува збор за парите и финансиската сигурност на граѓаните, политичката одговорност налага да се зборува со проверени факти, а не со претпоставки и сензационалистички изјави.
Зарем заштитата на заштедите на граѓаните не треба да биде приоритет пред интересите на сопствениците на банките и политичките партии?
Политиката не е натпревар во ширење страв и хистерија, ниту, пак, натпревар за титулата „светски шампион“ во политичка реторика. Граѓаните заслужуваат факти, аргументи и конкретни решенија. Обвинувањата без докази и создавањето паника не се замена за политичка програма.
Политичката зрелост не се покажува само со укажување на туѓите грешки, туку и со храброста да се признаат сопствените.
Пред Филипче повторно да објаснува како требало да се води Македонија, јавноста има право да слушне што, според него, било погрешно во времето кога и самиот учествувал во нејзиното управување.
Довербата не се гради со заборавање на минатото, туку со одговорност за него.