Филипче бара од евроамбасадорот Рокас одговор дали Францускиот предлог и прифаќањето на уставните измени биле предавство. Но, одговорот не треба да го бара од Брисел, туку од македонскиот народ, пред кој има политичка одговорност.
Кога политичката немоќ ќе ја надвладее политичката одговорност, тогаш и успехот на сопствената држава почнува да се доживува како личен пораз.
Филипче, по сè изгледа, веќе не ѝ верува ниту на Европската Унија. Сега, според неговите настапи, ќе треба да го убедува Брисел дека реформите што ги констатирала самата Европска комисија во Македонија, всушност, не постојат.
Каков политички апсурд!
Наместо да се радува на секој напредок на сопствената држава, без разлика кој е на власт, Филипче настојува да го оспори дури и она што европските институции го оценуваат позитивно.
Дали борбата за враќање на власт е поважна од интересите на сопствената татковина?
Едно е да ја критикуваш Владата, а сосема друго е пред меѓународните претставници да ги омаловажуваш постигнувањата на сопствената држава. Првото е демократско право, додека второто остава впечаток на политичко кодошење.
Дополнително, Филипче бара европска помош за спроведување на уставните измени и внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Наместо да бара гаранции за Македонија, за македонскиот јазик, идентитет и за непречено продолжување на евроинтеграциите, тој повторно ја става во преден план обврската што неговата партија ја прифати.
Обвинувајќи дека бил жртва на владината пропаганда, Филипче го прашуваше и евроамбасадорот Михалис Рокас дали тие биле предавници, дали Францускиот предлог бил предавство и дали прифаќањето на уставните измени како услов за Македонија претставувало предавство.
Но, Филипче, одговорот на тие прашања не треба да го барате од евроамбасадорот, туку од македонскиот народ.
Пред македонските граѓани треба да објасните зошто прифативте билатералните барања на Бугарија да станат дел од европскиот интегративен процес на Македонија. Треба да објасните какви гаранции обезбедивте дека по уставните измени нема да следуваат нови барања и условувања.
Политичката одговорност не се брише со барање оправдување од странски дипломати.
Македонија не е сопственост ниту на СДС, ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е заедничка татковина, а не средство за партиски пресметки и задоволување на личните политички амбиции.
Власта е минлива, партиските функции се минливи, но татковината останува.
Ако Филипче сè уште ја чувствува Македонија како своја татковина, тогаш треба да знае дека успехот на Македонија не е негов политички пораз, исто како што неуспехот на Македонија не може да биде негова политичка победа.
Да бараш од странците да не веруваат во напредокот на сопствената држава само затоа што со неа управува твојот политички противник, не е одговорно опозициско дејствување.
Тоа е политичка немоќ претворена во кодошење на сопствената држава.