Шеснаесет загинати кај Ласкарци. Четиринаесет изгубени животи во пожарот во модуларната болница во Тетово. Зад овие бројки стојат човечки судбини, семејства и прашањето кое со години ја прогонува македонската јавност: ќе има ли конечно правда и одговорност?
Македонското правосудство со години се соочува со сериозна криза на доверба. Во јавноста постојано се поставува прашањето дали дел од судиите и обвинителите избрани и унапредувани во времето кога СДС и ДУИ, предводени од Зоран Заев и Али Ахмети, имаа доминантно политичко влијание, можат целосно да се ослободат од сенката на политиката.
Изразите „судии од Струмица“ и „судии од Зајас“ станаа дел од политичкиот речник токму како симбол на сомнежите за партизација на правосудниот систем. Но вистинскиот проблем не е од каде доаѓа некој судија или обвинител, туку дали одлуките се носат единствено според законот, доказите и правото.
А токму големите трагедии ја ставаат оваа доверба на најтежок испит.
Во автобуската несреќа кај Ласкарци во 2019 година загинаа 16 граѓани, а повеќе од 30 беа повредени. Години подоцна, кога семејствата очекуваа конечна правна разрешница, Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно постапување и одлучување.
Советот што ја донел одлуката бил составен од претседателот на Врховниот суд Африм Фидани, судијата известител Џемали Саити и судиите Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска.
Од правен аспект, укинувањето на пресудата не значи дека обвинетите се прогласени за невини. Предметот е вратен на повторно одлучување. Но од аспект на јавната доверба, после седум години постапки, ваквата одлука неизбежно отвора нови прашања.
Колку години треба да поминат за семејствата на загинатите да добијат конечен одговор?
Уште потешки прашања останаа по пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што животот го загубија 14 лица.
Четиринаесет човечки животи. Шеснаесет во Ласкарци.
Тоа не се статистички податоци. Тоа се триесет човечки животи и десетици семејства кои останаа без своите најблиски.
Затоа секоја судска и обвинителска одлука во вакви предмети мора да биде беспрекорно образложена, законски издржана и ослободена од најмало сомнение за политичко влијание.
Правдата не смее да зависи од тоа кој е на власт
Со години во Македонија се зборуваше за партизација на институциите. Се менуваа влади и функционери, но сомнежите за политички влијанија во судството и обвинителството остануваа.
Токму затоа денес не е доволно само да се каже дека судството е независно.
Независноста мора да се докажува со одлуките.
Судијата не смее да му должи ништо на политичарот што бил на власт кога бил избран или унапреден. Обвинителот не смее да размислува која партија стои зад некого. Единствените авторитети мора да бидат Уставот, законите и доказите.
Ако граѓаните стекнат впечаток дека постојат недопирливи политичари, функционери или бизнисмени, тогаш не пропаѓа само еден судски предмет – се руши довербата во целата држава.
Македонија не смее да има судство на СДС, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ или на која било друга политичка партија.
Македонија мора да има македонско судство кое ќе му служи единствено на законот и на граѓаните.
Ниту Струмица, ниту Зајас, ниту која било партиска централа не смее да биде адресата од која се дели правдата.
Адресата на правдата мора да биде само една – законот.
Затоа реформата на правосудството не смее да остане политичка парола. Потребни се одговорност, професионалност, проверливи критериуми за избор и унапредување и институции што ќе покажат дека никој не е над законот.
На Македонија не ѝ треба судство што ќе ги штити СДС и ДУИ, ниту судство што утре ќе штити некоја друга власт.
На Македонија ѝ треба правда.
Без независно судство нема правна држава. Без одговорност нема правда. А без правда – нема доверба во Македонија.