Двете балкански војни (1912 – 1913) и Првата светска војна 1914 – 1918 година, заклучувањето на мировните договори за поделбата на Македонија меѓу балканските држави, доведоа до територијални промени.
Тоа беше еден од значајните фактори за емигрирањето на еден дел на Македонците од Македонија во Бугарија. (Се смета дека во Бугарија емигрирале од Егејскиот и Вардарскиот дел на Македонија во време на Балканските војни 50.000 лица. Во текот на 1915 – 1918 година само од регионот Долненско и Гевгелиско пребегале односно биле присилно иселени од страна на бугарските воени власти 20.000 лица. По завршувањето на првата светска војна настанала засилена емиграција со потпишувањето на Нејскиот договор меѓу Грција и Бугарија, така што се смета дека вкупно емигрирале 107.000 лица. (овие податоци се преземени од истражувањата на д-р Крсте Битовски објавени во неговиот труд:”За положбата на македонската емиграција во Бугарија меѓу двете светски војни” до 1943 година). Оваа емиграција беше посебно зголемена со потпишувањето на Нејскиот договор меѓу Грција и Бугарија од 27. ХI 1919 година. Со овој договор владите на Грција и Бугарија се спогодија да пристапат кон регулирање на “заемно и доброволно емигрирање” на лица од Грција во Бугарија и обратно, со тоа што поблиски одредби за начинот на спроведувањето на емигрирањето беше предвидено да се утврдат во посебна конвенција, која беше донесена со потпишувањето на самиот договор.
Конвенцијата предвидува дека секое лице постаро од 18 години има право на доброволно иселување, во рок од две години откако конвенцијата ѓе стапи во сила, односно до 18. ХII 1922 година. Според одредбите од Конвенцијата, лице кое ќе се исели го губи поданството на земјата што ја напушта во моментот на отпатувањето и добива поданство на земјата во која се вселува.
Конвенцијата предвидува определени процедурални одредби кои се однесуваат на постапката при донесувањето на конкретните акти за иселување и ликвидација на имотите на иселениците. Посебно карактеристични се оние одредби кои се однесуваат на утврдувањето на паричниот надомест на недвижниот имот и начинот на исплатувањата на утврдената вредност. (Според Конвенцијата право на утврдувањето на цената на имотот исклучиво му припаѓа на т.н. мешовитата комисија составена од по еден член од грчката народност и еден член од бугарската и два члена од друга народност. Членовите на мешовитата комисија ги именува Општеството на народите. Преседателот на комисијата се избира од редовите на членовите).
Врз основа на заклучената Конвенција помеѓу бугарската и грчката влада, донесен е посебен Правилник во кој се предвидуваат одредбите за ликвидација на недвижниот имот на оние кои се иселуваат од Грција во Бугарија и обратно.
Спроведувањето на ликвидацијата на недвижниот имот било доверено на посебни поткомисии кои имале овластувања да вршат оценка на недвижниот имот. Конечното утврдување на висината на вредноста на проценетиот недвижен имот од поткомисиите било дадено во надлежност на Мешовитата комисија (чл.15 од Правилникот).
Според Правилникот, покренувањето на постапка за продажба на недвижниот имот се врши од страна на кандидатот-емигрант кој поднесува декларација за иселување според утврден текст. На кандидатите-емигранти им било оставено право до 18 ХII 1922 година самите, или преку свои полномошници, да извршат продажба на својот недвижен имот. Ако во овој определен рок не се и8зврши продажбата, тогаш тоа го врши Мешовитата комисија. Правилникот предвидува вистинска вредност на имотот да се утврди од страна на Мешовитата комисија и така утврдениот износ да се исплати на кандидатот-емигрант кој ја напушта земјата. Вака продадениот имот останува сопственост на државата.
Правилникот создава впечаток на правно регулирање на ова чуствителна материја со цел да се избегнат злоупотребите и онеправдувањата на оние кои се принудени да ја напуштат својата земја. Меѓутоа остварувањето во практиката на овие одредби од Правилникот, зело таков тек што довело до огромен број на притужби и поплаки од страна на Македонците кои се наоѓале пред напуштањето на својот роден крај и својата земја.
Така прво, рокот за иселување бил сосема кус за да може кандидатот-емигрант да изврши продажба на својот недвижен имот. Второ, врз основа на Правилникот биле опфатени преку 10.000 македонски семејства кои требало да извршат продажба на своите недвижни имоти. Тоа масовно напуштање на земјата кое често се врши и под притисок и принуда (физички и материјална), давало можност за разни видови злоупотреби при спроведувањето и на самата продажба. Под страв и репресалии, бројни семејства ја напуштале земјата и другиот имот и во бекство во Бугарија барале засолниште. Се тоа дало основа да се јават масовни бегалства и со тоа настанува прашањето на македонските бегалци како резултат на мировните договори.
Изигрување на одредбите од Правилникот, а со тоа и нанесување повреда на правата на македонските бегалци во врска со добивање материјална надомест за своите недвижни имоти кои биле принудени да ги напуштат, особено се изразува во начинот на исплаќањето на имотот.
(За неправилностите при оценувањето на вредноста на недвижниот имот што се продавал во постапката на ликвидација на имотот од страна на Мешовитата комисија особено многу во тоа време пишува весникот “Македонија”. Така во бр.291 од 1927 година се изнесува постапката од страна на комисијата во која учествува и т.н. неутрален член кој е истовремено и преседател на Комисијата. За една таква работа на поткомисијата во која бил како неутрален член и претседател англичанецот Еткен, се зборува во весникот и изнесува покрај останатото и следното: Таа поткомисија во својата работа не земала ништо предвид, ниту наредбите изработени од Главната комисија, ниту законите за сопственоста. Во неа не се чуствувало присуство на нејзиниот преседател, кој како неутрално лице требало да игра главна и непристрасна улога при утврдувањето на сопственоста и нејзиното отценување. Обратно, тој молчелибо ја одобрувал работата на грчкиот преставник и со тоа придонесувал за пљачкањето на нашите луѓе. Присуството на бугарскиот делегат немало особено влијание врз решенијата на поткомисијата).
Од Јонче Манојлов
Преземено од повеќе литератури за Македонската држава