
Александар Донски
Но, Милет не бил единствениот малоазиски грчки град што пружил отпор на Македонците. Ист таков отпор пружил и грчкиот малоазиски град Халикарнас (Halicarnas). Главен бранител на овој град бил грчкиот војсководец Мемнон, кој претходно се борел против Александар Македонски и во битката кај реката Граник, на страната на Персија. Гркот Мемнон дури испратил и писмо до Дарие, велејќи му дека ќе остане до смрт верен на Персија, а воедно примил и тајна помош од Атина. Но, по жестока борба, Македонците го освоиле и овој град, а Мемнон избегал, но подоцна умрел во Метилена од болест. Неговата жена Барсина подоцна му станала жена на Александар Македонски.
Ваков бил и случајот и со грчкиот град Соли, кој се наоѓал на Родос. И Грците од овој град не сакале ни да слушнат за Александар, а камо ли да го пречекаат овој туѓинец како свој ослободител. Поради тоа, откако влегол во овој град Александар им наметнал на граѓаните тешки давачки
Поради сето ова се поставува прашањето: до колку Македонците биле ‘Грци’, зошто тогаш грчките градови и население, кои биле поробени од Персија им пружале толку голем отпор на Македонците? Нели би требало тие да се радуваат на своето ‘ослободување’? Ајде да кажеме дека Грците од слободните грчки градови-држави имале причина да им се спротивставуваат на Македонците. Но, зошто толкав отпор на Македонците им пружиле и Грците од, окупираните од Персија, грчки градови? Одговорот е еден и единствен. Грците од овие градови ги мразеле Македонците повеќе и од својот вековен непријател Персија и затоа толку жестоко се бореле против македонската војска, сакајќи попрво да останат под персиска власт, отколку да потпаднат под власта на Македонците.
Уште подрастичен пример за омразата на Грците кон Македоцните бил случајот со битката кај Ис, кога на страната на Персија, против Александар Македонски, се биеле дури триесет илјади Грци и тоа како елитни единици во составот на Персиската војска! По победата на Александар некои од нив биле заробени, но над 8.000 успеале да побегнат во планините, за што исто така сведочи древниот грчки историчар Аријан, кој дури пишува и дека помеѓу Македонците и Грците постоело ‘старо расно ривалство’ (‘old racial rivalry’). Пишувајќи за текот на оваа битка, Аријан запишал:
‘Почнала жестока борба. Дариевите Грци се бореле со цел да ги потиснат Македонците назад кон реката и да ги задржат позициите на своето лево крило, кое веќе почнало да се повлекува, додека Македонците, во нивното свртување, со јасниот успех на Александар што го гледале со свои очи, се обидувале да го достгинат неговиот успех… Судирот беше уште повеќе загорчен благодарение на старото расно ривалство помеѓу Грците и Македонците ‘ (Arrian, цит. дело, стр. 119).
Подоцна и во битката кај Гавгамела против македонската војска на страната на Персијанците исто така учествувале илјадници Грци. Древниот грчки историчар Аријан (цит. дело, стр. 158) пишува дека, од три илјади планински единици на Персиската војска, кои пред битката го изградиле мостот на реката Таксапус, дури две третини биле Грци.
Поради сето ова навистина е смешно кога денешната грчка историографија тврди дека војската на Александар Македонски наводно била ‘грчка’. Каква е таа ‘грчка војска’, која се биела против илјадници Грци припадници на персиската војска? И зошто Грците се биеле на страната на Персија, до колку војската на Александар и навистина била ‘грчка’? Се знаат вековните непријателства меѓу Персијанците и Грците, па оттаму нема никаква логика десетици илјади Грци да се борат на страната на Персија против ‘сопствената’ војска. И овде одговорот на овие прашања е еден и единствен! Овој одговор повторно се сведува на фактот дека огромен број Грци ја мразеле Македонија повеќе и од својот вековен непријател Персија, штом дури решиле и да учествуваат на нејзина страна во војната против Македонците.
За Македонците и Грците како одделни народи пишува и древниот грчки историчар Диодор Сицилијанецот (Diodorus of Sicily), а така пишува и Плутарх. Овој познат грчки историчар (1 и 2 век по Христа) сосема јасно напишал дека Грците биле под ропство на Македонците и дека биле ослободени дури откако на Балканот се појавиле Римјаните. Во својата биографија за римскиот војсководител Павел Емилијан, Плутарх пишува дека откако овој римски војсководец го поразил македонскиот крал Персеј (цитат): ‘ги ослободил Грците од македонскиот јарем’ (Aemilius Paulus by Plutarch, Translated by John Dryden). ‘freed the Greeks from the Macedonian yoke.’ (Aemilius Paulus by Plutarch, Translated by John Dryden).
Овде јасно гледаме дека Плутарх ги споменува ‘Грците’ (а не Атињаните, Тебанците и сл.) одделно од Македонците. Според тоа јасно е дека за него тоа биле два различни народа, од кој едниот народ (Македонците) го држел под ропство другиот (Грците, т.е. Атињаните, Тебанците и останатите Грци). Овде
ќе спомнеме дека и други древни историчари одделно ги спомнувале Македонците и Грците. Наспроти тоа, ниту еден древ(е)ни историчар нема
напишано, на пример: ‘Атињаните и Грците’ или ‘Спартанците и Грците’. Ова секако дека е уште еден доказ за разликите меѓу овие два народа.
Впрочем, Грците и воено им помагале на Римјаните за да ја освојат Македонија, но и македонското кралство на Селевкидите (за кое ќе пишуваме во продолжение). Ова јасно го посочува историчарот Адкок (Adcock) во својата книга: ‘Грците и Македонците – Уметноста на војната’, во која пишувајќи за навлегувањата на Римската империја на Балканот, констатира:
‘Не треба да се заборави дека во своите судири со Македонија и со Сирија на Селевкидите, Рим бил помогнат од грчки единици на чело со команданти Грци. (F. E. Adcock: The Greek and Macedonian Art of War, Univercity of Califormia Press, Berkeley and Los Angeles, 1957, str. 96).