
Александар Донски
Македонците и Грците како одделни народи во своите дела на неколку места ги споменува и древниот еврејски историчар Јосиф Флавиј (Josephus Flavius) , а така е и со поголем број современи истражувачи.
Во врска со сето ова д-р Борза го дава следното резиме:
‘Обајцата Херодот и Тукидид ги опишуваат Македонците како странци, како посебен народ кој живее надвор од границите на грчкитее градови-држави.(…) Македонците… себеси не се сметале како грчко племе, ниту како каков било друг балкански народ, туку само како Македонци. Ова го знаеле сите странски протагонисти – од времето на Дарие и Ксеркс, до времето на римските генерали. (Борза, цит. дело, стр. 96).
Во споменатата ‘Историја на Грција’, читаме:
‘Македонците од седмиот и шестиот век пред Христа претставувале целина од жестоки внатрешни племиња, распоредени во посебни мали кнежества и биле посебни во однос на Грците… Херодот, кој ги смета епирските Молосијани и Теспротијаните како деца на Хелен, децидно го мисли спротивното во однос на Македонците. (History of Greece, цит. дело, дел 2, стр. 11).
Познатиот германски историчар Улрих Вилкен (Ulrich Wilcken) во врска со етничките разлики помеѓу древните Македонци и Грците, во своето познато историско дело Александар Македонски запишал:
‘Македонците беа наполно здрав народ. Тие не беа тренирани како грчките атлети, туку беа како Римјаните со војнички навики. Но, покрај овие добри особености, тие имаа и многу лоши навики, останати од дамнешните времиња, како што беше неумереното пиење, со што, во очите на Грците беа вистински варвари. Меѓутоа, антагонизмот беше реципрочен, бидејќи Македонците беа израснати во една горда и самосвесна нација, која со презир гледаше на Хелените’. (Улрих Вилкен: Александар Македонски, 1931 год. во превод на македонски, Скопје, 1988 г.).
И познатиот американски историчар Бадијан во својата книга ‘Грци и Македонци’ ги потенцира разликите меѓу Македонците и Грците (Badian E. ‘Greeks and Macedonians’, Studies in the History of Art, Washingtion, D.C., 1982).
Во светски познатата американска општа ЦД enciklopedija Microsoft Encarta (USA, 1998; naslov Europe) во врска со негрчкото потекло на Македонците читаме:
‘Македонија, која се наоѓа на север од Грција, отпрвин не била составен дел од грчкиот свет. Но, во 4 век пред Христа, нејзината владеачка класа се хеленизирала. Под Филип Втори, Македонија го освоила поголемиот дел од Грција, ја приклучил и територијата на Персиската империја на ова царство’.
Сомневање дека древните Македонци биле Грци покажува дури и грчкиот публицист Карагацис. Во 1952 година тој ја објавил книгата под наслов ‘Историјата на Грците’ во која се сомнева дека древните Македонци биле Грци. Карагацис бил почесен член на ‘Институтот за македонски студии’ во Солун.
Постојат уште многу вакви современи сведоштва кои во интерес на просторот ќе ги оставиме за друга прилика.
Разликите во етногенезата помеѓу древните Македонци и древните Грци
Сепак, најубедлив доказ за разликите помеѓу древните Македонци и древните Грци претставува различната етногенеза на овие два народа. Етногенезата, пак, знаеме дека е апсолутен параметар во одредувањето на етничкото потекло на некој етникум.
Древните Македонци биле засебен балкански народ, главно создаден од мешањето на старите домородни племиња, кои живееле на територијата на Македонија.
Значаен етникум во формирањето на древните Македонци биле Бригите (Brygians). Тие биле староседелци во Македонија, а по Тројанската војна делумно се преселиле во Мала Азија. Освен нив, во етногенезата на древните Македонци биле вклучени и домородните древно-македонски племиња: Десарети, Линкести, Орести, Крестонци и други, а подоцна и Пајонците.
Етногенезата, пак, на древните Грци ни покажува дека тие главно биле составени од мешањето помеѓу Ахајците и Дорците.
До не така одамна мнозина историчари сметаа дека Дорците биле еден од главните етникуми и во етногенезата на древните Македонци. Ваквиот став историчарите главно го препишуваа едни од други, без некоја посериозна критичка анализа на истиот. Но, во поново време, врз основа на најновите истражувања и преиспитувања на досега познатите материјали, ваквата теорија е целосно отфрлена. Причините за ова се многу едноставни и јасни. Нив повторно ги сублимира д-р Борза. Во својата цитирана книга тој е дециден во тврдењето дека теоријата за дорската миграција во Македонија треба да се исфрли од науката. Во врска со ова д-р Борза пишува:
‘Теоријата за инвазијата на Дорците (заснована врз пишувањата на Херодот 9.26 и наследена од Тукидид 1.12) во најголем дел претставува измислица на историографијата од деветнаесеттиот век, и истата не е поткрепена со никаков археолошки или лингвистички податок.’ (стр., 65).
Во продолжение д-р Борза објаснува:
‘Археолошки гледано Дорците се невидлив народ. Северна Грција с# уште треба да ни понуди макар и најобичен арте-факт што може да биде поврзан со Дорците… Не постои никаков доказ за оваа таканаречена дорска миграција во централна и западна Македонија и во северо-источна Тесалија (стр. 67)… Не постои археолошки запис за движењата на Дорците, а митските аргументи во најголема мера се претпоставки, засновани врз фолклорни традиции за тоа дека Дорците потекнувале од северозападна Грција. Дури и доколку последново е вистина, врската помеѓу оригиналната татковина на Дорците и добро познатиот дорски дијалект од подоцнежните времиња не е јасна. Сигурно дека сите ‘дорски Грци’ од Класичниот период не можеле да бидат потомци на расеаните племиња од северо-западните грчки планини. Тоа што тие подоцна биле наречени Дорци не е доказ за нивното дорско потекло во етничка смисла. И Грците од 19 век имале обичај себеси да се декларираат како Ромеи, а својата земја ја нарекувале Румелија, како доказ за нивното римско потекло, наспроти сопствениот грчки јазик и словенски примеси. (стр. 68). ‘
Д-р Борза пишува дека Македонците немале етничка врска со Дорците, туку дека предците на Дорците и предците на Македонците можеби заедно живееле во околината на Пинд и Халикамон за време на Бронзената ера, поради што дошло до взаемни културни влијанија.
Ваквата теорија целосно ја поддржува и историчарот Чедвик, кој го тврди истото. (Chadwick John: ‘Who were the Dorians?’ Cambrigde, 1976), а така тврдат и други историчари.