Слични вакви согледувања и оценкки можат да се извлечат и од средбата на грчкиот министер за надворешни работи Стефанопулос со Лазар Колишевски и други личности од тогашното македонско раководство во Скопје, одржана во почетокот на февруари 1953 година, кога по оваа средба Стефанопулос, според францускиот конзул во Скопје Морис Мишелот, им изјавил на новинарите дека: “при разговорите со македонските високи личности е употребувано само југословенски народ и Југославија, а во ниеден момент не е употребен Македонец и не е зборувано за народ македонски”<Исто таму…, француски конзулат во Скопје, 3. 02. 1953. Морис Мишелот, француски конзул во Скопје до својата екселенција Г. Филип Бодет, француски амбасадор во Југославија, Белград, предмет: Поминување низ Скопје на минитерот за надворешни работи на Грција.> Тоа јасно покажува дека во напорите за југословенско-грчкото приближување тогашното македонско и југословенско раководство избегнувало да го спомене, да го постави, а и да се застапува за заштитата на интересите и правата на македонскиот народ во Грција, а камо ли да стане збор за некакви територијални ревандикации кон Грција и другите соседни земји каде што живеат Македонци.
Специфичностите за посебниот национален карактер на Македонците, за посебноста на нивниот јазик, културата, традициите, обичаите и сличните белези својствени за една посебна нација, ги нагласува во својот извештај Лусиен Пјер Лемоан, ген. француски конзул во Солун, упатен на 17 септември 1952 година до францускиот министер за надворешни работи, под наслов “Грчко-југословенските односи и Македонија”.<Исто таму… сигн. 133, Лусиен Пјер Лемоан, ген. француски конзул во Солун до својата екселенција г. министер за надворешни работи – Париз. Солун, 17. иЏ. 1952, предмет: грчко-југословенските односи и Македонија.> Во овој извештај меѓу другото се подвлекува дека “ова значајно миацинство (македонското – б.м.) кое е многу жилаво и работливо живее, нескршливо е приврзано за своите обичаи и посебно на својот јазик…”.<Исто таму…>
Слични специфични оценки и белези за македонскиот етнос во распарчените делови од интегрална Македонија изнесува и потенцира и францускиот амбасадор во Софија Жан Луи Бодиер во својот извештај до францускиот министер за надворешни работи од 19 мај 1955 година, при што во текстот како лајт мотив се повторува неговата констатација од која произлегува заклучокот: “нивото на животот во Вардарска Македонија го потврдува јавното мислење кое е многу приврзано кон идејата за една унија на Јужните Словени… а во Македонија (Егејска, м.б.) сместен меѓу Здово (село близу Демиркаписката клисура, б.м.) и Солун, се употребува еден јазик – словенски, и во целиот овој регион селата продолжуваат да ги носат словенските имиња…, а Македонците од Пиринска Македонија се ориентирани кон Вардарска Македонија…”<Исто таму, sous-serie ла Yougoslavie, vol. 103, Macedonie. Софија, 19 мај 1955, белешки од патувањето во Егејска и Вардарска Македонија на Жан Луи Бодиер, француски амбасадор во Софија, до министерот за надворешни работи на Франција Антоан Пинај – Париз.> Впрочем карактерот и состојбата на населението, називите на населбите, ги потврдува и приложената француска карта на Македонија, од која јасно се согледува дека сите населени места со исклучок на Солун (во картата стои Салоник) имаат македонски имиња.
Ако во првиот период беше очигледна упорноста на југословенската страна во поставувањето на проблемот за заштита на македонското малцинство во Северна Грција, односно Егејска Македонија, така што прашањето на националните права на Македонците се заостри до 1949 година и притискаше и во наредните години, според извештаите на француските дипломатско-конзуларни претставници од Атина и Солун, подоцна “се почувствува” една тишина што Белград ја манифестира, бидејќи Југославија се наоѓа во тешка ситуација поради Информбирото…, но сепак ние не можеме да се согласиме со тоа во ХХ-от век да се прогонува едно национално малцинство (македонското, б.м.) кое политички и економски се угнетува, ниту со тоа да се менуваат имињата на населените места. Ние не можеме да се согласиме не само затоа што ова е спротивно на хуманитарните принципи, туку особено што во оваа земја жителите се од наш род и наша раса… поради тоа ние решително сме против една таква кампања, неа ја осудуваме и властите на Грција треба да водат сметка за тоа… дека во Егејска Македонија не се решава проблемот на Македонците, што придонесе тие да емигрират во прекуокеанските земји…”.<Исто таму…>
Без оглед до кој степен на реалноста продреле дипломатските претставници на големите сили во проникнување и откривање на вистинските состојби за положбата и нацоналните права на Македонците во соседните земји, сепак, неодминливи се нивното согледување и оценките дека тогашното југословенско ракаоводство од година во година се’ повеќе и повеќе се оддалечувало од македонското национално прашање, а од крајот на 1955 година и потоа да го одбегнува и спомнувањето на ова прашање во меѓусебните комуникации со соседните балкански земји.