Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (7)

trendafil-ivanovski

Полицијата не може да функционира без народот

trendafil-ivanovski

Целата лустрација се скрши врз Трендафил Ивановски, ова што му го направија е врвен неморал и лакрдија, вели Иван Бабановски

Виктор Цветаноски

Многу досиеја се уништени или исчистени по осамостојувањето на Македонија. Останати се само на оние што во изминативе дваесетина години не биле на високи функции и не можеле да се дојдат до нив. Ова го тврди Иван Бабановски, професор на Факултетот за безбедност, кој пред тоа работел како оперативец, инспектор и началник во СДБ.

„Кога најпрво дојде експертската влада на Никола Кљусев сите си се ’илустрираа‘, ги исчистија и нивните и досиејата на децата и на пријателите. И првата коалициска влада по прогласувањето на независноста на Македонија, го направи истото. Кога власта ја освои ВМРО-ДПМНЕ, прва задача на госпоѓицата министерка и на нејзиниот претпоставен беше да ѕирне во досиејата и да ’излустрира‘ се’ што е нивно. И последниве го направија истото, си ги избришаа трагите од нивната работа во комунизмот, така што во архивите остана само ’боранијата‘. Целата лустрација се скрши на Трендафил Ивановски. Ова што му го направија е врвен неморал и обична лакрдија. Не бил соработник на УДБ-а, јас тоа добро го знам и затоа му се јавив и сам побарав да сведочам за да му помогнам“, вели Бабановски.

Истовремено нагласува дека е направена голема грешка што не биле досиејата навреме отворени. На тогашниот министер за внатрешни работи, Јован Трпеноски, му предлагал да се формира меѓупартиска комисија за таа намена. „Му објаснив, ако ги отвориме, ќе добиеме највисоки оценки за нашата национална свест, бидејќи знаев што сме работеле и никој не можеше да не прави ниту Срби ниту Бугари или нешто трето. А целиот тероризам ни беше увезен од Косово и од Албанија“, нагласува Бабановски.

Тој посебно подвлекува дека во службата работеле многу чесни луѓе, но и такви што ја злоупотребувале. Најголеми злоупотреби биле направени во годините по ослободувањето, кога покрај сувото, горело и суровото. Органите на власта ги следеле тие што ги предавале скоевците, комунистите и партизаните и им се одмаздувале. Вели дека кај нас најмногу биле прогонувани лица што имале пробугарска, ванчовистичка платформа, иако многумина од нив не знаеле кој е, всушност, Ванчо Михајлов, од кого некои создале легенда. Во одредени периоди кога власта преземала радикални мерки, како што била, на пример, колективизацијата, многумина што се спротивставиле биле репресирани. Тогаш криминалот и политиката биле ставени во ист кош. Кога, на пример, на селаните ОЗН-а им го одземала опиумот од афионот никој не сакал да каже дека таа го продава во странство како што сега се продава дрогата и со парите се купуваат лекови. На тие на кои им се одземал не им плаќале ни динар и ако се побунеле ги затворале. Тогаш сите што ќе кажеле спротивно мислење ги апселе.

Бабановски вели дека кодошењето било често појава. Тој посочува пример што најдобро говори за кодошката психологија. „Додека пиев кафе во еден ресторан, доаѓа кај мене еден информатор и ми вели: ’Синоќа бев на вечера кај кумот, постојано говореше против Тито и социјализмот‘. Го гледам и си мислам: ’Види го овој скот, бил кај кумот, го пречекал како свој човек и го нагостил, а тој утредента доаѓа кај нас да го кодоши‘. И ние во полицијата често говоревме за глупостите во политиката. Ако нас не’ слушаше, некој отстрана што зборуваме, според таа логика, сите требаше да завршиме в затвор. Некој таму три месеци не зел плата и револтиран го опцул социјализмот и ние сега треба да поднесеме пријава и да го затвориме. Кога еден оперативец ми донесе таква пријава, ја искинав, а нему му објаснив пред да ја напише дека треба да види што е тоа што го натерало тој човек да го пцуе социјализмот. На бирократија тогаш најлесно и’ беше да ги апси работниците“, истакнува Бабановски.

Тој објаснува дека во првата половина на шеесеттите години на минатиот век УДБ-а од секого многу лесно правела националист и непријател на државата. Доволно било некој приватно да разговара за третманот на Македонија во рамките на Југославија или за неправдите што и’ биле направени во минатото да биде третиран како националист или сепаратист што ја загрозува безбедноста и територијалниот интегритет на државата. „Јас знам за случајот на еден шеф на УДБ-а на Скопје, кој сите оние што малку ќе се пројавеа интелектуално, ги прогласуваше за националисти. Тогаш Петар и Ташко Ширилов, Паскал Гилевски, Коле Манев, Иван Чаповски, Ташко Георгиевски, Благој Лактински, Васил Икономов и други беа заведени како млади националисти“, се сеќава некогашниот инспектор и началник на СДБ.

Според него, до тоа доаѓало во годините кога во службата работеле недоволно писмени луѓе, а имале голем револуционерен и боречки капитал. Подоцна таа се ослободила од нив и тогаш започнал процесот на нејзина демократизација.

„Се’ до 1964 година сите не можеле да добијат пасош и ако веќе добиеле, тоа одело преку УДБ-а. Најчесто им се давале на луѓе што работеле за неа и кога ќе дојделе од странство, морале да ги вратат. Тие години на ниво на Југославија започна акција за потпишувањето на работните места што се сметаа за безбедносно значајни, а ние како служба требаше да водиме сметка кои луѓе ќе ги заземат нив. Сите што беа обележани како информбировци и ванчомихајловсти, тие што беа против колективизацијата, не можеа да бидат назначени на такви места“, подвлекува Бабановски.

Службата како инструмент на партијата и на државата решавала дали некој како дипломат треба да замине во странство или не. Бабановски лично дал виза за тројца македонски конзули во југословенските дипломатски претставништва. Тогаш од СДБ се барало мислење и за луѓето што работеле во Министерство за надворешни работи, како и за претставниците на трговските фирми во странство. Истовремено сите тие што заминувале во странство морало да соработуваат со службата.

„Никој не можеше да замине во училиште за резервни воени старешини ако не беше проверен од УДБ-а или, пак, не можеше да служи во гардата на ЈНА и да биде воена полиција ако ние за него не дадевме поволно мислење. Издававме илјадници уверенија за подобност. Само јас потпишав документ за подобност за 9.800 лица. Меѓутоа, на сите треба да ни биде јасно, службите за државна безбедност секаде во светот се однесуваат на сличен начин. СДБ е апарат, машинерија што произведува многу суптилен производ, и власта на секоја држава го користи за водење внатрешна и надворешна политика. Не може да се води политика со врзани очи. Тоа е така во сите земји, вклучувајќи ги и најдемократските“, истакнува Бабановски.

Долгогодишниот работник во Службата за безбедност смета дека институциите на македонската држава денес не се однесуваат така. Вели дека ние денес за она што се случува во Грција, Бугарија или во некоја друга соседна земја се информираме само од нивните весници. „Ние, на пример, за Грција постојано ги пренесуваме пишувањата на ’Та неа‘, ’Елефтеротипија‘ или на ’Катимерини‘ и само грчката вистина и’ ја пласираме на македонската јавноста. Ние немаме никакви други сознанија и информации за Грција затоа што таму немаме сопствена мрежа. Исто се случува и со Бугарија. Мрежата што ја имавме ни ја декласира една госпоѓица. За тоа и ја наградија и беше поставена за директорка на македонска национална институција“, реагира Бабановски.

Според него, во Македонија можеш да работиш и за црниот ѓавол, а тоа никому да не му пречи. „Ние во државава имаме најголем проблем со македонските јаничари. Сега најлошо е да се определиш за Македонија и тој грев нема никој да ти го прости. Овие мои тврдења можам да ги илустрирам со многу примери. Ќе посочам само еден. Пред да почнеме да апсиме една опасна група, врбувавме еден од нив што ги предаде сите. Мене ме чуди како на националните партии што се изнедрија од ВМРО-ДПМНЕ, не им е јасно кој на кои национални позиции стои, кој што бил и кој какви идеи имал“, повлекува Бабановски

Истовремено, тој проценува дека денес во Македонија нема никаква безбедносна култура. Вели, кога Англичаните како туристи патуваат во странство и ако таму забележат нешто значајно за безбедноста на сопствената држава, штом ќе се вратат ги информираат службите. Кај нас луѓето се’ повеќе бегаат од полицијата и сметаат дека е голем ерес ако отидат кај надлежните институции и ги информираат за нешто што е поврзано со безбедноста и заштитата на македонската државата. „Со таквиот индиферентен однос и правиме голема штета на сопствената држава. Полицијата и службите не можат да функционираат без народот“, заклучува Иван Бабановски, кој долги години работеше во македонската служба за безбедност.

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top