Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (11)

dragan-bogdanovski-pariz

dragan-bogdanovski-pariz
Како беше киднапиран Богдановски од Париз

Познатиот емигрант откако бил опиен, бил донесен на Љубљанскиот аеродром со дипломатски автомобил и со пасош преку Германија

Виктор Цветаноски

Екстремната југословенска емиграција и УДБ-а воделе вистинска војна неколку децении. Убиствата и на едната и на другата страна биле многу чести. Во жестоката пресметка страдале и амбасадори и конзули, а биле ликвидирани и видни емигранти. На списокот опасни емигранти бил ставен и Драган Богдановски, иако тој и ДООМ, организацијата на чие чело се наоѓал, не презеле ниту една конкретна акција против Титова Југославија.

Мане Јаковлески, кој долги години бил со него, вели дека Богдановски бил киднапиран и доведен во Македонија да му се суди за да им се докаже на другите републики, дека еве и ние преземаме нешто против нашата емиграција. Според него, по познатата хрватска пролет, имало големи реакции зошто на удар била само хрватската емиграција, по што Србите почнале да ги убиваат и да ги грабнуваат своите, а македонската УДБ-а решила да се пресмета со тогаш двајцата најпознати македонски емигранти – Драган Богдановски и Гојко Јаковлевски, кој бил за самостојна и обединета Македонија и финансиски го помагал ДООМ.

„Според информациите на некои луѓе што тогаш работеа во УДБ-а, најпрво се планирало да бидат ликвидирани двајцата, но на тоа се спротивставил академикот Илија Васков, кој бил на состанокот кога се договарало што да се преземи. Тогаш тој предложил Драган да биде грабнат, а Гојко да се остави намира. Васков сметал дека ликвидирањето или грабнување на Гојко можело да предизвика инцидент со Германија поради тоа што тој таму имал емигрантски статус, а и свој бизнис во Берлин.

Драган Богдановски бил киднапиран во 1977 година. Еве што за тоа раскажува новинарот Киро Кипроски, кој имал повеќе средби со него откако излегол од затворот во Идризово.

„УДБ-a го киднапирала додека престојувал во Париз. Некој негов пријател, струмичанец, му се јавил преку телефон и го поканил во ресторан за да се види со него, но и со некои гости што дошле од Македонија и барале да се сретнат со него. Имал целосна доверба во струмичанецот и се согласил без да се распрашува за поединости. Кога влегол во ресторанот го забележал ’пријателот‘ со двајца луѓе како пијат. Пред нив на масата имале извадено и струмичка мастика. Откако се запознал со дојденците, седнал сон нив и наздравил за Македонија, за нејзиното обединување и осамостојување, сметајќи дека се негови истомисленици. Ни на крај памет не му паднало дека со него пијат агенти на УДБ-а, која подолго време кроела планови како да го донесе во Македонија. Откако се поднапиле, еден од нив станал, наводно, за да оди во ВЦ и поминувајќи крај Богдановски го удрил по глава по што тој паднал во бессознание. Се разбудил на љубљанскиот аеродром“, раскажува Кипроски.

Богдановски не се сеќавал како стасал до Љубљана, бидејќи за цело време бил во бессознание. На моменти се будел, меѓутоа веднаш бил успиван. Успиениот Богдановски го носеле со дипломатски автомобил, а му подготвиле и дипломатски пасош. Кога ќе стасале на некој граничен премин, агентите на УДБ-а и’ објаснувале на полицијата дека „амбасадорот“ е уморен и спие. Во Љубљана го качиле на авион, а од Скопје го однеле на Солунска Глава со хеликоптер.

Мане Јаковлески вели дека Богдановски со врзани очи бил одведен во полициски објект во близина на Македонски Брод каде што започнала долга, 18-месечна истрага. Како што му раскажувал, цело време бил врзан со синџири. Го испитувале повеќемина инспектори, но најмногу Тодор Шкартов, тогаш прв човек на УДБ-а за македонската емиграција.

„Ни раскажуваше дека не го малтретирале и дека биле коректни спрема него. Само еднаш Шкартов му удрил шлаканица, што го заболело повеќе од што било друго. Тоа не можеше да му го заборави зашто заедно работеле во ’Нова Македонија‘. Шкартов бил еден од петтемина уредници на весникот, а Богдановски работел како новинар. По истрагата, го изведоа пред суд. Судскиот процес беше зад затворени врати, а го осудија на 13 години затвор. Одлежа 11 години“, раскажува Јаковлески.

Според Иван Бабановски, кој во тоа време работел во Службата за државна безбедност и кој бил во тек со грабнувањето, Богдановски избегал во странство не поради неговите политички определувања, туку бил фатен во кражба.

„Една работа мора на сите да ни биде јасна, тоа треба да го имаат на ум сите што денес формираат нови партии и што манипулираат со националните чувства на народот, а тоа е дека ниту една држава, колку таа да е демократска, не дозволува формирање и дејствување на организации на своја територија од други земји, без тие луѓе што се инкорпорирани во тие активност не прифатат соработка или со криминалната полиција или со тајните служби на таа држава. Сите задгранични комитети на наши луѓе што ги имало, а и сега ги има, во другите држави морале да прифатат соработка“, подвлекува тој, нагласувајќи дека Богдановски во секоја држава во која престојувал и формирал организација морало да соработува со нејзините тајни служби ако сакал да опстане таму.

Според него, проблем на Богдановски бил што тој добро живеел на Запад, а преку наши гастарбајтери или преку некои луѓе со кои имал контакти во Македонија постојано настојувал да формира организација со јасни сепаратистички цели и тенденции, на антикомунистичка и антијугословенска платформа. „Во тоа време таквите активности се квалификуваа како кривично дело против народот и државата. И токму поради тоа, во рамките на политиката што тогаш се водеше, тој беше прогонуван и киднапиран“, објаснува Бабановски.

Базата за грабнувањето на Богдановски ја обезбеди оперативец што работел кај него, преку Албанец во странство. Тој не бил донесен директно од Париз, туку преку Германија каде што бил обезбеден стан, во кој бил сместен по грабнувањето. За време на истрагата, Богдановски не бил малтретиран.

„Со него се постапуваше многу коректно. Неговото киднапирање и истрагата се изведуваа во апсолутна тајност. Јас тогаш бев началник на сектор и не смеевме да зборуваме ништо меѓу себе за целата акција за да не дознае јавноста. Сметам дека казната од 13 години беше голема и тоа беше голема грешка. Богдановски многу ни помогна и многу работи и’ ги разјасни на службата. Во периодот кога беше тука, многу повеќе направи за Македонија отколку како емигрант во странство“, оценува Бабановски.

Новинарот Киро Кипровски говори за деновите кога Богданоски бил пуштен од затвор. Тој и Мане Јаковлевски го однеле со автомобил од „Идризово“ во Зубовце, родното место на Мане, а утредента го прошетале во Маврово.

„Седнавме да ручаме во ресторанот на ’Макпетрол‘. Богдановски, човекот што го имаше прошетано цел свет, кој ги познаваше сите манири на бонтонот, не се служеше со приборот за јадење. Ни велеше, во затворот јадевме само со лажица и сега ми е полесно така да јадам. По 11 години поминати во ’Идризово‘, целосно беше уништен, и физички и психички. Затворот на него имаше оставено страшни последици. За разлика од порано, по излегувањето од ’Идризово‘ беше многу тивок, не говореше ништо за годините поминати таму. Не се пожали на ништо ниту, пак, расправаше за неговата вечна тема – Македонија. Зборуваше за безначајни работи за тоа како е убаво Маврово, за обични човечки нешта“, се сеќава Кипроски.

И по излегувањето од затвор Службата за безбедност постојано го следела. Кипроски неколку пати го посетил и во станот во Скопје.

„Откако ќе се качев во станот Богдановски ќе ми речеше: ’Ајде да излеземе некаде надвор да поразговараме како луѓе, затоа што овде секое ѕитче има микрофонче‘. Не можеше да го издржи големиот психолошки притисок. Се жалеше дека постојано го следат. ’Било кога да се вратам навечер секогаш пред лифтот или пред вратата на станот забележувам некој човек‘, ми раскажуваше. И јас лично можев да се уверам во тоа. Кога бев во друштво со него, често гледав како непознати луѓе дискретно го следат“, раскажува Кипроски.

Мане Јаковлески додава дека неговиот брат Гојко на луѓе од МВР им дал 40. 000 германски марки за да му купат стан на Богдановски, откако ќе излезе од затвор. Кога го побарале купопродажниот договор им било речено дека таков договор нема. Богдановски, всушност, бил сместен во стан на Службата за државна безбедност, а веднаш до него, како што тврдат некои, живеел еден од агентите што го киднапирале во Париз. На Гојко Јаковлески парите подоцна му биле вратени, но не целата сума, туку само 28.000 германски марки.

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top