Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (16)

idrizovo

idrizovo
Удбаш ја силувал пред нејзините деца

За да го оцрнат образот на свештеникот Иван Иванов од Виница и за да го осудат повеќе години удбашите ќе му скројат валкано сценарио

Виктор Цветаноски

„Посебна траума доживеавме ние домашните, кога еден ден дојдоа удбашите и и’ се заканија на мајка ми да се откаже од татко ми оти во спротивно ќе го стрелаат. Еден од нив и’ се нафрли и пред сите нас ја силуваше. Тоа беше врв на удбашките ѕверства. Затворот на татко ми му го упропасти и бракот и сите ние страдавме поради тоа. Како семејство бевме жигосани како бугараши и така беше до неодамна“, изјави синот на осудениот Борис Бојаџиев, Симеон, чиј татко за идејата за обединета Македонија одлежал 3,5 години затвор.

Според кажувањето на Симеон, неговиот татко прв пат за Македонија бил затворен во 1937 година, кога јавно викал низ улиците на Штип: „Да живее Македонија“. Веднаш бил уапсен и одведен во Ниш каде што без судење одлежал 1,5 година затвор. Од 1943 година учествувал во НОБ и бил еден од политичките комесари на 14. бригада. По неуспешниот обид да се оди за Солун, а не за Срем, припадниците на неговата единица на патот кон Сремскиот фронт, близу Куманово, се разбегале и секој си тргнал дома. Бојаџиев и некои негови соборци биле уапсени и осудени на смрт со стрелање, но по бројните интервенции од неговите родители бил ослободен. За Бојаџиев тоа не било доволна поука, така што во 1946 или 1947 година станал член на тајна организација што се застапувала за независна и обединета Македонија што би влегла во поширока балканска конфедерација. Групата одржувала и тајни состаноци надвор од градот. Бил уапсен во август 1948 година.

„Татко ми шест месеци беше во истражен затвор во Штип, кој тогаш се наоѓаше близу денешното основно училиште ’Ванчо Прќе‘ т.е. во училиштето каде што јас тогаш учев во прво одделение. Оттаму, секој ден, точно во време на големиот одмор, го водеа татко ми врзан од истражниот затвор кон Милевата куќа, која тогаш беше седиште на УДБ-а на Штип. Секојдневно го гледав и трчав плачејќи по него, а останатите деца во еден глас викаа по нас: ’уа‘. Таа траума до денес не можам да ја заборавам. Го спроведуваше Љупчо милиционерот, со пиштол вперен во неговиот грб, а во зградата на УДБ-а бил испитуван од некојси Митровиќ (Србин што бил на служба во Штип). За време на ноќните испитувања му се заканувал со убиство, го терал со часови да клечи со голи колена врз зрна пченка, со часови да стои потпрен на ѕид само на своите палци и други нечовечки изживувања“, раскажува Симеон.

По излегувањето од затвор Борис Бојаџиев едвај нашол работа. Ги работел најтешките работи. Починал од рак во 1984 година. „Пред крајот на животот повторно се состанаа и живееја заедно со мајка ми, меѓутоа, траумите што ги доживеавме од југословенскиот ’социјалистички‘ режим трајно оставија последици во нашето семејство“, се сеќава Симеон Бојаџиев на тешките времиња кога многумина штипјани ги нарекувале бугараши.

Во првите години по војната од Виница биле судени три групи за обединета Македонија. Во првата група, во 1948 година, страдале тројца виничани, а во останатите две, судени во 1950 година, имало и по еден свештеник: поп Иван Иванов и поп Иван Попов.

Свештеникот Иван Иванов, Блаже Лазаров и Чиме Иванов биле обвинети дека поединечно и сите заедно среде народот ширеле клевети и ја напаѓале народната власт дека таа го тормози народот и го пљачка, дека била составена од простаци, Цигани и голтари. Покрај тоа, обвинетите ширеле лажни гласови дека претстои нова војна, оти Русите ќе ја нападнеле Југославија во која ќе се вмешале Англичаните и Американците и дека на чело на Македонија ќе дојдел Ванчо Михајлов, а во Србија – кралот.

Свештеникот Иванов е обвинет и за друга работа. Настојувајќи докрај да го извалкаат неговиот образ, некои удбаши му скроиле невидено сценарио во кое никој во Виница нема да поверува. Во неговата куќа испратиле две жени за да го компромитираат. Во обвинението стои дека тој, користејќи ја својата свештеничка положба и верската заблуденост на селаните, систематски примал жени во својот дом и со изговор дека преку читање молитва ги лекува со нив вршел „блудни радњи“.

Во обвинението се изнесени многу вулгарности. „Ги штипел на секаде по телото. Им ги вадил дојките и им молзел млеко со кое ги поливал крстот и еден струк босиљок, и со тоа после ги мазал по образите и полните органи, након тоа ги терел да му се обрнуваат со грбот и прават метанија ако би им четел молитва, а за тоа време кога би се жените наведнале ги зграбувал за половините, им ги подигал фустаните. И како постраданите оделе махом без гаќи насилно со нив вршел сношај…“, пишува во обвинението.

Неговата сопруга Стојка Иванова за тој настан прозборе четириесетина години подоцна. Во изјавата што ја испрати до д-р Стојан Ристески и што е објавена во „Судени за Македонија“, целосно ги демантира гнасните обвинувања. Таа лично присуствувала на судењето на сопругот и тогаш ги слушнала лажните сведочења на двете жени.

„Гледајќи ги двете жени во судницата се присетив на нив. Двете дојдоа во нашата куќа неколку дена пред затворањето за мојот сопруг да им чита молитва. Бидејќи тој беше в црква, им реков да одат таму, но тие инсистираа да го чекаат тука. Во тоа не видов ништо сомнително зашто за истата работа доаѓаа и други лица. Иван долго се задржа в црква, а тие упорно го чекаа. Кога дојде свештеникот, му кажав за двете жени т.е. дека ги упатував в црква, но оти тие упорно го чекаат дома. Ова му го реков во нивно присуство. Тие ништо не прозборија. Со свештеникот слегоа во приземјето од куќата, таму се изврши читањето на молитвата. Бев изненадена како овие жени можат толку подло да лажат на судот. Прво, да се прави нечесно дело пред две лица е незамисливо, дури и во денешни услови на слаб морал, а не тогаш. Второ, јас со децата бев тука, немаше никакво заклучување на врата. Зашто така сведочеа, тие си знаат, но можат да заклучат сите добри луѓе“, објаснува сопругата Стојка.

Поп Иванов на власта и’ се замерил веднаш по војната. По ослободувањето бил избран за претседател на Виница, но по околу два месеца се откажал поради тоа што не се согласувал со некои постапки на власта. Покрај тоа, им припаѓал на луѓе што не се согласувале со делумното решавање на македонското прашање, а во тоа време слушал и Радио Лондон, нешто што се сметало за голем ерес. Му била изречена строга казна – 16 години затвор, а сопругата и децата биле истерана од црковниот стан и морале да се приберат кај нејзините во Кочани.

„Како затвореник мојот сопруг во ’Идризово‘ доживеал невидени маки. Таму, освен со многу блиски луѓе и соученици, се сретнал и со својот колега, свештеникот Јован Попов. На Јован Попов управата на затворот му пуштила провокатор, со цел да се дознае каде се скриени златото и другите драгоцености што ги имало неговото семејство. Провокаторот му се претставил како голем маченик, но и моќен да стори се’ за да избегаат од затворот преку свои канали, за што, наводно, му требале пари. Поп Јован му поверувал и за ова му кажал на мојот сопруг, велејќи му дека и тој може да побегне со нив. Целата приказна за бегањето и за парите на мојот сопруг му станале сомнителни и му рекол на поп Јован дека мисли оти лицето што му ветува бегство е провокатор. Стариот поп Јован поверувал, па при првата средба со него му рекол в очи дека е провокатор, испратен од затворските власти. Притоа го спомнал и името на мојот сопруг. Провокаторот не признавал, но набргу го снемало од затворот, а мојот сопруг и поп Јован добиле по 30 дена карцер“, пишува сопругата на виничкиот свештеник.

Меѓутоа, поп Јован Попов веќе му имал кажано на големиот „маченик“ за закопаното богатство на неговото семејство. Еден дел било пронајдено во Разловци, родното село на свештеникот, а другиот дел во неговата куќа во Виница. Во народот се зборувало дека имало една канта злато.

Поп Иван Иванов по издржувањето на затворската казна не се вратил повеќе во Виница, во градот каде што УДБ-а го извалкала неговиот свештенички образ. Виничани го канеле да биде свештеник кај нив, но тој одбил и заминал во Кочани.

„Вистината секогаш излегува на површина, но не доживеа да ја види самостојна Република Македонија за да може сам да се искаже, а имаше што да каже, бидејќи по затворот заврши Филозофски факултет, група историја, со претходна диплома на завршена Богословија и незавршен студент на Богословскиот факултет во Белград. До крајот на животот остана свештеник и од секого беше почитуван, како свештеник и како човек“, ја пренесува Стојка Иванова трагичната судбина на својот сопруг.

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top