Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (17)

podmornica

podmornica
Барале американска подморница во Преспа!

Албанецот Бајрам Тефик, учител од Горна Бела Црква, се борел за самостојна и обединета Македонија

Виктор Цветаноски

Првите години по војната удбаши од Ресен мислеле дека во Преспанското Езеро има подморница на Шестата американска флота. За време на истрагата го обвинувале Крсте Коњаноски дека знае каде се наоѓа, тврдејќи дека се состанувал со нејзиниот командант и со разузнавачи на САД, од кои, според нив, добивал злато за борба против Титова Југославија и за отцепување на НРМ од неа.

„Три дена и три ноќи непрекидно ме измачуваа, држејќи ме на една нога и со една рака крената. Така, стојам на десната нога, а левата рака морам да ја држам над глава. И обратно: стојам на левата нога, а десната рака морам да ја држам над глава. Ме тепа ли ме тепа Пецо Нечоски. ’Зошто ме тепаш?‘, се обидов да го прашам. ’Зошто си предавник, шпион…‘, реди тој. ’Како, бре, предавник!. Не сум ни за Србија, ни за Бугарија, ни за Грција, туку за Македонија. Македонци сме и Македонци ќе умреме…’ Кога ова му го реков пак ме удри. ’Што ме тепаш, не сум стока!‘, му се спротивставив. ’Молчи!‘, ми се заканува човекот идиот Пецо Нечоски. Едно време ми вели: ’Крсте, биди маж, герој биди, кажи за подморницата!’“, раскажува Коњаноски за тоа време кога на неписмени млади луѓе новата власт им доверувале да вршат значајни работи за заштита на државата.

„Му велам, Пецо, три дена и три ноќи ме мачите. Искрено ти велам, нема никаква подморница. Како може да дојде подморница од море во нашето езеро? И да има водена врска, кај може во волку плитка вода да има подморница? Од каде сум можел да се состанувам со Американците од подморницата кај Нивици? Вие таму имате партизани. Проверете, прашајте дали може да има подморница во Преспанско Езеро, иако има навистина подморница самиот ќе се обесам среде Ресен“, се обидувал Коњаноски да ги разубеди ресенските удбаши што верувале дека такво американско чудо стасало во нивното езеро.

Најверојатно, сфатиле дека прават голема глупост, па го оставиле на мира. Коњаноски во тоа време имал четириесетина години, а идејата за самостојна и обединета Македонија кај него била присутна од поодамна. Тој и уште најмалку дваесетина негови истомисленици од Ресен и Ресенско решиле да формираат тајна организација, а бидејќи нивните размислувања биле исти со идеите на Гоце Делчев ја нарекле ВМРО. Не биле задоволни од ослободувањето на само вардарскиот дел на Македонија, туку сакале нејзино целосно осамостојување и обединување во закрила на Англоамериканците.

„Точно е наведено во пресудата дека ние бевме за самостојна Македонија под покровителство на Англија и Америка, но уште и за обединета Македонија, а сето друго што се наведува во пресудата е неточно и злонамерно квалификувано. Ние ништо не знаевме за Ванчо Михајлов, ниту некој го спомна него, а во пресудата ни се припишува како водач. Ние бевме за самостојна и обединета Македонија во која сите ќе бидеме рамноправни, без разлика на вера и народност, па затоа во нашата организација членуваше и Албанецот Бајрам Тефик од Горна Бела Црква, по занимање учител“, ги објаснува Коњаноски определбите на нивната организација.

Се состанувале секоја сабота во Ресен, во пазарен ден, во дуќанот на чевларот Сандре Дума. Придобиле многу симпатизери. Член на организацијата бил и некој Гале од селото Долно Дупени, кој ги предал по што биле притворени.

„Мене милицајците ми ги донесе соселанецот Крсто Калинџиев. Комбето го оставиле кај ливеѓено. Врзан ме одведоа до него и ме втурнаа внатре. Таму веќе собран Живко Стојкоски од Прељубиште. ’Зар и тебе, бре Живко?‘, му велам зашто тој беше слеп човек. ’Ете, се плашат да не избегам!‘, ми одговори со презир кон спроводниците“, раскажува тој.

Според кажувањето на Коњаноски, и учителот Бајрам Тефик бил многу малтретиран, а луѓето што работеле во УДБ-а не можеле да сфатат како Албанец се нашол во група на вмровци и се залагал за самостојна и обединета Македонија. Настојувале по секоја цена да дознаат што го натерало да се здружи со нив. Подоцна во обвинението ќе му накалемат други работи, како соработувал со некои екстремни Албанци.

„Бидејќи ништо не признал, една ноќ го одвеле надвор од градот. Откопале дупка и го пикнале внатре за жив да го закопаат. Пусти живот мил! Им рекол: ’Аман! Ќе признам, само немојте жив да ме закопате!‘ Како што ми кажуваше кога се врати од затвор, им рекол дека имал намера да собере три-четиристотини вооружени луѓе од Албанија и со нив да ја собори комунистичката власт. Ова била голема вест, огромна опасност за државата, па дојде од Скопје поручникот, мислам се викаше Трпе, кој беше по политички работи во републичката УДБ-а. Кога го прашал Бајрама дали ќе можел да собере толку луѓе, тој му рекол: ’Јас не можам да најдам еден таков човек, а не три-четиристотини. Тоа го реков од мака‘. На прашањето како од мака, Бајрам ја кренал кошулата, ги турнал панталоните. Целиот син како џигер. Тогаш Бајрам бил ослободен од натамошно малтретирање во притворот, а потпишаното признание поручникот го искинал. Ова лично ми го кажуваше Бајрам, кој сега живее во Америка“, се сеќава Коњаноски.

Стариот вмровец годините минати по затворите сака да ги прикаже од ведрата страна на животот. Маките и страдања ги гарнира со доза на хумор, правејќи шеги на сметка на оние што управувале со затворот.

„Од ’Идризово‘ бев донесен во Отешево. Работевме два-три месеци на вилата на Цветко Узуновски Абас (’Југославија‘). Таму со една група изработивме една плоча од гипс на која беше претставена положбата на Македонија преку три жени вдовици, симболизирајќи ја Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија со испишано ’ВМРО‘. Таа плоча ја закопавме близу до темелите од една зграда, каде што за штета, за инает поради нечовечките односи кон нас, во една дупка, ги туравме и шајките. Ако газдите ни ја откриеја плочата, ќе беше тешко за нас“, раскажува тој.

Поради таквите бељи што правел го преместиле во Србија.

„Во Добановци бев пет-шест месеци, кајшто учествував во градењето на штала и фарма за потребите на ЦК на КПЈ. И денес да се погледне на нивните покриви на керамидите ќе се види испишано: ’ВМРО‘. Потоа бев во Земун на изградба на фабрика за стакло. Животот во затворот, односно во работата, на милицијата, неспоредливо беше подобра во Србија. Таму се изнајадов и за тоа што гладував во ’Идризово‘ и во Отешево. Меѓутоа, бев осамен. Пусто и пеколот во својата земја е подобар. Барав начин да се вратам во Македонија. Во тоа ми помогна затвореникот, личен лекар на Анте Павелиќ. Тој ме научи да се жалам на ревма, да куцам, да се влечкам по стројот. ’Ревмата никој не може да ја утврди‘, ми рече. Со неговата потврда бев вратен во ’Идризово‘“, раскажува за затворските денови Коњаноски.

Во галеријата на вмровски ликови на „Судени за Македонија“ на Стојан Ристески, по своето специфично однесување се издвојува Ангеле Мувчески од охридското Требеништа, кој од 42 месеца одлежани во затвор 34 ги поминал во карцер (самица). Од љубов кон Македонија официјално во месната канцеларија на селото си го променил името во Гоце Сандански, но од повисока инстанца тоа не го прифатиле. Како млад заминал во странство, но оттаму бил вратен и предаден на југословенските власти. Во Охрид луѓето на УДБ-а му извадиле повеќе документи за неговото емигрантско дејствување за самостојна и обединета Македонија. Притоа, му рекле ако не соработува со нив ќе го дадат на суд со обвинување за здружување против народот и државата и според доказите можел да биде осуден на повеќегодишна робија.

„Од мене се бараше на измама, прво да го донесам Драган Богдановски во СФРЈ или во најмала рака во Грција, а потоа тие ќе ја преземеле работата во свои раце. Второ, што бараа од мене беше некоја си охриѓанка што во тоа време била лична секретарка на Ванчо Михајлов, пробугаринот од Рим, да се елиминира. За овие две услуги и уште некои поситни ќе требаше да добијам србокомунистички пасош и скромни финансиски средства, а по тие работи нема што да се секирам за вработување и воопшто за мојата иднина“, објаснува Мувчески.

Соработка со УДБ-а не прифатил, но затоа пак бил изведен пред суд и осуден на две години затвор. Дента, пред да биде пуштен, било покренато ново обвинение и повторно го осудиле на една и пол година. Тој смета дека тоа му го направиле поради тоа што дента кога го донеле Драган Боганоски во „Идризово“ истрчал и го прегрнал.

„Јас имав уште десетина дена за робијање. Отидов во едно одделение (таму правеа кревети) и јавно реков дека штом човек како Драган падна во рацете на србокомунистичкиот окупатор, тогаш ДООМ треба да стори се’ да го ослободи, па макар и по пат на уцена“, објаснува Мувчески.

(Продолжува)

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top