Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (22)

udba22

udba22
Шатев умре во куќен притвор, Брашнаров на Голи Оток

Славниот гемиџија почива на битолските гробишта, а на велешкиот учител гробот не му се знае

Виктор Цветаноски

Во стравотните години на Информбирото настрадаа плејада стари прекалени македонски револуционери кои секогаш го сонувале сонот за слободна Македонија. Беа прогласени за предавници од државата на која и’ го посветија сиот свој живот.

Меѓу настраданите беше и Павел Шатев, последниот гемиџија, човекот кој во солунските атентати го запали францускиот брод „Гвадалкивир“. Откако повеќе месеци помина во Истражниот затвор во Скопје, беше ставен во во куќен притвор во Битола, каде што почина сам.

Според кажувањата на неговите ќерки, кои во тоа време живееле во Загреб, татко им бил уапсен во јуни 1949 година додека бил на посета кај нив и веднаш префрлен во Скопје и затворен. Во затворот бил во иста соба со Благоја Аризанков, исто така, уапсен по резолуцијата на ИБ. „Во собата каде што бев сместен еден ден внесоа кревет и по малку време го доведоа Павел Шатев. Долго време не го викаа на сослушување. Но, потоа често го носеа горе, а се враќаше назад по кратко или по долго време. Секогаш се враќаше без очила, иако без нив гледаше слабо. Се плашеа да не се обиде да изврши самоубиство со стаклата, пресекувајќи си ги вените. Нему не му паѓаше тоа на ум“, раскажува Аризанков.

Го обвиниле дека соработувал со контраразузнавачката служба на Црвената армија, иако ги уверувал дека го правел тоа до 1942 година, кога бил интерниран и осуден на 15 години. „Беше неверојатно скромен, за себе не сакаше многу да зборува. А кога раскажуваше беше толку красноречив! Да имаше до него стенограф да ги бележи неговите раскажувања, ќе немаше потреба да стави ама баш никаква исправка, ниту запирка на дешифрираниот стенограм. Толку убаво и поврзано се изразуваше“, се сеќава Аризанков.

Според Виолета Ачкоска и Никола Жежов, Шатев завршил трагично поради неговото инсистирање „за комплексно разрешување на македонското национално прашање и реска разграниченост меѓу национално-патриотската потреба и класно-комунистичката идеологија внатре во него. Тој бил длабоко уверен дека македонското националноослободително движење мора да остане чисто национално и самостојно, да биде надвор од идеологијата на комунистичките партии и туѓите влијанија. Неговата основна преокупација била да создаде општо национално ослободително движење во сите три дела на Македонија. „Тој немаше резервна идеологија освен македонската патриотска револуционерна дејност со чиста национална димензија. До крајот на животот остана непартиен и не стана комунист“, нагласуваат Ачкоска и Жежов.

По долгата истрага, Шатев во Битола бил сместен во една трошна напуштена куќа. Никој не го посетувал, освен човекот што му носел храна секој втор ден. Цело време бил сам, без огрев, на студ, во темнина, мемла и влага. „Дење беше слободен и можеше да се движи слободно низ градот. Навечер се прибираше на спиење во УДБ-а. Според општото уверување, Шатев не беше здрав кога дојде во Битола… Во зимата 1950-1951 година престана да излегува… Научивме дека се разболел и дека го сместиле на лекување во битолската болница, во депандансот за затвореници… Се расчу дека умрел од глад…“, пишува Михајлов за гемиџијата, во чиј живот се отсликува трагичната судбина на Македонија.

Шатев почина на 30 јануари 1951 година. Големиот син на Македонија на оној свет замина скромно како што живееше, без никакви државни почести. На закопот на битолските гробишта присуствуваа петмина, само неговите најблиски – неговата сопруга, сестрата и уште три блиски роднини. „Така, отфрлен од општеството за кое го беше потрошил сето свое битие, згасна животот на големиот револуционер, родољуб и разузнавач Павел Шатев. Погребан е онака како што се стремеа ’гемиџиите‘ да исчезнат од светот“, пишува Михајлов.

Михајлов ја пренесува потресната приказна раскажана од Милка Шатева, една од ќерките која зборува за нивната прва посета во Битола: „Кога стигнавме во Битола, штотуку излеговме од железничката станица, минавме покрај еден човек што заличи на татко ми. Во првиот миг не можевме да поверуваме дека е тој, бидејќи тоа беше руина од човек. Се вративме и го препознавме. Тоа беше толку тажна, трогателна средба! И двете потресени од глетката не можевме да ги запреме солзите, го зедовме под рака и тргнавме кон градот… Татко ми во Битола живеел во една приватна куќа, но таа и припаѓала на УДБ-а. Се наоѓаше близу до зградата на Државната безбедност. Задолжен за татко ми бил некој Владо, човек на УДБ-а, кој повремено доаѓал во куќата, се грижел за него, му носел храна. Но, татко ми морал секој ден да оди во канцеларијата на УДБ-а и да се потпишува. Едно време, раскажува татко ми, тој Владо отишол некаде по работа и неколку дена го немало. За сето тоа време не добивал храна“.

Панко Брашнаров, потпретседател на Првото заседание на АСНОМ, човек кој со вдахновен говор го отвори историскиот собир кога беше создадена македонската држава, не и’ се радуваше многу на слободата за која цел живот се бореше, зашто таа иста македонска држава по седум години го испрати на озлогласениот Голи Оток, каде што заврши неговиот живот.

Сакајќи да го „превоспита“, власта го упатува Брашнаров на „општествено“ полезна работа на Голи Оток во траење од 24 месеци. За време на патувањето се разболува и по пристигнувањето, директно е однесен во болница каде што умира по 13 дена.

Повеќемина заточеници се сеќаваат на деновите кога пристигнал Брашнаров. Вевчанецот Светозар Чочоровски вели дека тој од бродот бил симнат на 3 јули 1951 година. „Панко имаше 68 години, но личеше како да има 90… Беше тотално исцрпен, не можеше да стои на нозе и не прозборе ни збор, туку само гледаше некаде далеку, во празно…“, раскажува Чочоровски.

Велешанецот Јордан Мецановски-Иванов вели: „Последен пат го видов Панко Брашнар, веројатно, неколку дена пред да почине пред санитарниот јазол. Кога излегов од него, кон клозетот идеше Панко. Наметнат (завиткан) со ќебе, гол. Го причекав да дојде да го прашам во кој павилјон е распореден. Ми рече дека е во павилјон број 6 и дека тој ден се пареле од дрвеници (тавтабити), наместо со прашок. ’Како е?‘, го прашав. ’Не ме бидува, ме тепаа, ова не биле луѓе, ами ѕверови…‘“

Аче Ќучук вака ја опишува последната средба со Брашнаров: „Работејќи во мензата, го здогледав чичко Панко. Ја фрлив футата и се упатив кон него, кој одеше придржуван од двајца што го носеа под мишка. Сакав да го охрабрам. Безуспешно. Ми рече: ’Аче, мене не ме бидува веќе. Јас сум исцрпен. Немоќен. Се сврши со мене работата. Нема да се видиме веќе, да знаеш!‘ И не го видов повеќе. По неколку дена слушнав дека умрел“.

Јордан Лазаревски-Цвај, уште еден велешанец репресиран по линија на ИБ, раскажува: „Беше 12 јули утрината кога одевме на работа. Одеднаш некои свикаа дека човек паднал од стројот. Гледав како некој ќе го чукне со нога, ќе измине и кога пред мене лежи чичко Панко. И покрај строгите наредби, се наведнав, го зедов врз себе и се упатив кон амбулантата што беше оддалечена над 200 метри. Носејќи го врз себе, чувствував како дише. Го однесов во амбулантата… Вечерта пред бараката ме изнесоа. Беше поставен строј. Ми рекоа дека сум направил грешка што сум го однел човекот во амбулантата. Ме натераа за казна неколку пати да поминам низ стројот. Ме тепаа…“

Според д-р Вера Весковиќ-Вангели, политичкото самоуништување на Брашнаров, всушност, настапило во часот на неговото изјаснување за Резолуцијата на Информбирото во 1948 година. „Иако не беше коминтерновски комунист, тој стана парадигматична жртва на своите ’интернационалистички‘ и ’сепаратистички‘ уверувања… Така се случи големиот борец за национални права на македонскиот народ и еден од втемелувачите на македонската државност во студените декемвриски денови на 1950 година официјално да биде прогласен за ’државен непријател‘“, констатира д-р Вангели.

Останките на Панко Брашнаров почиваат на Голи Оток, но каде му е гробот не знае точно. Лекарите што го прегледаа констатираа крајна исцрпеност со срцева слабост, со болен стомак, отечени колена, со телесна тежина помала од 40 килограми. Затворскиот лекар, и самиот затвореник, д-р Никола Николиќ, ми рече мене дека природата на болеста е таква што Панко набргу ќе умре…“ раскажува Лазар Стефановски

Така, на 13 јули во 13 часот 1951 година починал големиот Македонец Панко Брашнаров. Двајца затвореници го завиткале мртвото тело во ќебе и го однеле на голооточките гробишта. Еден од затворениците раскажувал дека за време на седумте месеци во затвор во Скопје бил подложен на посебна тортура, бил тепан и измачуван.

Неговата најблиска роднина Богда Брашнарова, која живеела заедно со него во Скопје, за смртта била известена по три месеци. Веста стасала и во родниот Велес. Братот Милан поставил на семејните гробишта во црквата „Свети Пантелејмон“ крст и фотографија на Панко облечен во англиска униформа. Велат дека фотографијата набрзо ја снемало. Три децении подоцна, на споменикот на Брашнарови е напишано и името на Панко.

(Продолжува)

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top