Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (23)

udba23

udba23
Коце полуде, на Цониќ им се затре родот

Многумина останале на голиот камен, други се вратиле дома со ранети души и тела, некои не формирале семејства и умреле сами

Виктор Цветаноски

По невидените психички и физички тортури на Голи Оток, речиси сите заточеници се враќале дома со ранети души и тела, на некои умот им се нарушувал, а други станале трајни инвалиди, врзани за количка. Некои повторно не ги виделе своите семејства, останале на голиот камен, им се затреле фамилијарните огништа. Други, пак, се вратиле дома, но не формирале семејства и умреле сами.

Димче Најчески во книгата „Голооточки сведоштва“ ни ја пренесе потресната приказна на првоборецот и предвоениот скопски комунист Коце Златевски-Троцки. „Тие што не го познавале отпорано Коце-Троцки, којзнае дали ќе обрнеле внимание на стутканиот старец, збрчкан во лицето, со дотраени алишта, како полека се движи по улиците во Скопје, чиниш, отсутен за се’ што му се случува наоколу. Тие, пак, што го познавале, пријателите и голооточаните, ќе му пријдеа, кој од сожалување, кој од искрено сочувство за да поразговорат со него; знаеја дека е осамен, измачен, по сето она што го претрпе на Голи Оток, но залудни беа нивните настојувања да поведат разговор со него; од него не можеше да се извлече ниту една поврзана реченица. Нешто ќе промрмореше како одговор на прашањето, а дали тоа значеше нешто, тешко би можело да се каже. При една таква средба, во која не успеав да остварам вистински разговор со него како личност, се сетив на зборовите на голооточанинот Тодор Павлов: ’Коце-Троцки е померен (мрднат)‘. И навистина така изгледаше. Ете што направија со него. Ако сакаа да го уништат Коце-Троцки, успеаја во тоа“, пишува Најчески.

Во годините поминати во логорот на Голи Оток, кажуваат сострадалниците што биле заедно со него, Коце Златевски бил подложен на најстрог режим на измачување. Тој еднаш бил пуштен од заточение и пак бил вратен. А тие што повторно ги испраќале на Голи Оток биле третирани како дволични и непоправливи, биле предмет на неограничено изживување на оние што врз нив сакале да докажат дека се поправиле (превоспитале).

Лазар Стефановски немаше пород, почина под необични околности сам во својот стан во Скопје. За многумина, неговата смрт е загадочна. Голооточани, кои тие денови контактирале со него, велат дека немал некои посериозни здравствени проблеми. Кога негов пријател отишол да го посети во домот, ја слушнал трагичната вест за смртта. Откако виделе дека тоа утро Лазар не се појавил како вообичаено, соседите влегле во станот и го нашле мртов испружен на постела. Наредните денови раскажувале дека ден пред тоа кај него навратиле некои луѓе, го зеле со себе и подоцна пак го вратиле. Кои биле тие луѓе и што барале од него, никој не дознал. Стефановски немал пород. Како што им се исповедал на своите голооточани, УДБ-а му подметнала свој човек за жена што го шпионирала. Кога дознал, се развел.

Лазо Стефановски е роден во Леринско, Егејска Македонија, бил скромен човек, кој, очигледно, не спаѓал во редот на оние што по секоја цена сакаат да бидат во власта. Иако имал високо образование, по завршувањето на војната во која активно учествувал, се посвети на својата професија и работел како наставник.

Животните приказни на луѓето што настрадале по Информбирото навидум се исти, но, сепак, различни по нивните интимни драми. Сигурно денес во Тетово речиси никој не знае за младиот Стефан Цониќ, кој го завршил животот на Голи Оток. Во „Голооточки сведоштва“ читаме само еден детаљ за крајот на неговиот живот. Се’ друго за Стефан е непознато и веројатно ќе остане засекогаш заборавено ако некој не се зафати да ја истражи неговата трагична судбина. Неговиот прв другар, побратим-Албанец, кој се потпишал со иницијалите А.Ј., по педесет години запишал:

„Се разболе од жолтица (хепатитис А), но од работа не изостануваше. Не му веруваа, го исмејуваа дека е симулант. Не можеше ништо да јаде. Само чмаеше. Тој веќе како да имаше претсмртно претчувство зашто честопати ги повторуваше овие реченици: ’Не ми е страв од смртта, побратиме, но ако треба да умрам, да умрам дома. Сакам да ги видам старите. Мајка ми и татко ми се стари и осамени. Од роднина само мене ме имаат. Уште брат ми не го прежалиле, кој загина како партизан (првоборец) во Шарскиот одред 1943 година. Ако умрам и јас, огништето во нашата куќа полека и нечујно ќе згасне‘. Претчувството стана стварност. Умре Стево само еден месец пред да не’ пуштат на условна слобода. Остана за навек на вечна стража на Голи Оток“, се сеќава А.Ј.

Трагична била и судбината на Коле Дебранчето, предвоен комунист. Бил уапсен на 1 август 1950 година. Тогаш имал 30 години. На Голи Оток го држеле три месеци. Од големо тепање и мачење полудел. Ја повикале жена му да дојде да си го земе. Го сместила во душевната болница во Демир Хисар, каде што извршил самоубиство на 11 јули 1956 година.

„Коле Дебранчето не успеа да ги издржи првите три месеци. Луѓето што го паметат во тие денови расправаат како го гледале и кога бил гонет и кога не бил гонет: бил унеѕверен, со уплав во очите, наведнат доземи или сосема легнат, лазел и четириношки подбегнувал, уплашено се обѕрнувал назад, застанувал и пак забрзувал, им се плеткал на другите казненици низ нозе. Казнениците свртуваа поглед при помислата дека и нив може да ги снајде нешто такво.

Тој, Коле Дебранчето, самоуверен и силен маж, како што го паметат сограѓаните, сега изгледаше немоќен, загубен за себеси и за другите. Беше бестрашен во борбата, но оваа борба не ја издржа…“, запишал Димче Најчески.

Заточеникот Стиле Милевски го илустрирал теророт со еден пример: „Го помнам линчот врз Ѓорѓевиќ, воденичар од Власотинце, носител на ’Споменица 1941‘, кого го нарекуваа Чекиќ. Син му седеше до мене и јас ги гледав неговите реакции додека го убиваа татко му. Човекот умре од тепање. Така, имаше посебен однос спрема првоборците, шпанските борци, предвоените фракционери. Според мене, над 13.000 луѓе минаа низ мачилиштето. Имаше многу смртни случаи. Ги фрлаа труповите в море. Еднаш, кога избега еден затвореник, во кордон го баравме и јас наидов на оголени чела и оголени прсти. Таму немаше земја и силните дождови носеа се’, освен каменот. Подоцна направија и провизорен крематориум. Голи Оток, мислам, дека човек и не може да го заборави. Тоа не се заборава. И сите овие што велат дека ништо не знаеле, имаат одговорност, сите знаеле за Голи Оток. Тоа била работа на на зли и најглупави луѓе“, вели Милевски, за кого нема дилеми дека стравотниот логор е решение на ЦК КПЈ на чело со Тито.

Анонимен Албанец кој ги преживеал патилата на Голи Оток вели дека бродот „Пунат“ ги истоварувал пред Дантеовиот пекол, пред кој на влезот на вратата пишувало: „Низ оваа врата се влегува во градот на сите маки. Низ оваа врата се влегува таму каде што вечно се плаче“. „И токму сите ние влегувавме во тој град на вечните маки и плач. Во Дантеовиот пекол грешниците биле казнувани според направените гревови, а сите ние, без разлика какви гревови сме направиле, стигнувавме во деветтиот круг, во кој и Данте ги казнуваше предавниците, а сите ние имавме жиг на челото како предавници и државни непријатели број 1. Зар можеше општество за кое се боревме и дадовме толку жртви за да зацарува човечноста, вистината, слободата, правдата и законитоста, како темел на секое општество, да роди вакви ѕверови, монструми, без ни малку срам, пристојност, луѓе без никакви културни вредности, рамнодушни на сите зла – вистински сатани. Мачење и убивање од задоволство. Садизмот кај нив беше секојдневна практика и гордост. Секој нов ден, нови маки измислуваа“, пишува анонимниот страдалник, подвлекувајќи дека сите грешници кои минале низ голооточкиот пекол ги почувствувале сите човечки зла од Адама до денешни дни и дека сите зла се спроведувале во името на УДБ-а и КПЈ.

Благоја Аризанковски запишал: „Бев заточеник во четири конц-логори. Заточеништвото во Меѓуречје е мошне ретка тема на мое размислување и сеќавање. Тоа се однесува и на заточеништвото во Рутел. Сеќавањата за престојот во Ени Ќој, меѓутоа, мошне често си ги евоцирам – во мислите. Не поради односот на полицијата, која не беше груба, туку поради фактот што таму се запознав и со оние бугарски комунисти кои по 9 септември 1944 година зазедоа високи државни и партиски функции во Отечественафронтовска Бугарија.

Поминаа близу пет децении од денот кога го напуштив Голи Оток. Оттогаш не паметам ниту еден ден кога, во мислите, не сум си ’евоцирал‘ грозоморни спомени од пеколниот остров. Тоа, сигурно, е случај со сите голооточки маченици. Потврда за тоа претставува и оваа мисла изречена од еден Унгарец од Војводина на искривоколчен српски јазик: ’Једном крочиш Голи Оток, никад одеш Голи Оток‘. Слободно преведена на македонски јазик, таа мисла на заточеникот Унгарец гласи: ’Штом еднаш стапнеш на Голи Оток, никогаш нема да си одиш од Голи Оток‘“.

Тој претепан и шокиран од она што го видел и доживеал при пречекот на Голи Оток, ќе се сети на зборовите на својот стар пријател и другар од Осмата дивизија на КНОЈ, Наум Зафировски, бивш заточеник во германски конц-логор, кој му рекол: „Благоја, гестаповците во Дахау вака не постапуваа при доаѓањето на нови затвореници“.

(Продолжува)

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top