Евангелие по кого?
Следното што ме изненади е откривањето дека многу „евангелија”, покрај оние од новозаветниот канон, кружеле во првиот и вториот век. Тие биле: Евангелието според Евреите, Евангелието според Египќаните, Евангелието според Петар и др.
И Новиот Завет зборува за постоењето на такви документи. Евангелието по Лука започнува со следните зборови: „Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните, што се случија меѓу нас, намислив и јас да ти пишам точно по ред” (Лука 1. 1, 3). Кога пишувал Лука, Матеевото и Марковото Евангелие биле единствените две напишани канонски евангелија.
Со текот на времето сите, освен четирите Евангелија, биле исклучени од новозаветниот канон. На почетокот на христијанството дури постоел и спор околу тоа, кои четири евангелија треба да се употребуваат. Повеќето малоазиски христијани повеќе го користеле Евангелието според Јован отколку евангелијата на Матеј, Марко и Лука. Потпирајќи се на описот на Страдањето што се наоѓа во Евангелието според Јован, повеќето малоазиски христијани Велигден го славеле поинаку од оние во Рим. Римските христијани имале извесен отпор кон Евангелието според Јован и наместо него ги користеле другите евангелија. Западната Црква извесно време се двоумела да се служи со Евангелието според Јован, затоа што гностичките еретици го користеле заедно со своите „тајни” евангелија.
Следната полемика избила околу тоа, дали треба да постојат одвоени евангелија или единствено компониран евангелски извештај. Во вториот век Татијан, ученик на свети Јустин Маченик, објавил единствено „компонирано”, „хармонизирано” евангелие со наслов „Дијатесарон”. Сириската Црква ова компонирано евангелие го користела во вториот, третиот и четвртиот век; таа не ги применувала сите четири евангелија сè до петтиот век. Исто така, извесно време не ги согледувале: Јовановите Посланија, Второто Петрово, како и книгата Откровение.
За уште повеќе да се искомплицираат работите, Црквата на Египет, како што се гледа во канонот од вториот век, што го составил св. Климент Александриски, вклучувала евангелија според Евреите, Египќаните и според Матеј. Покрај тоа сметале дека со апостолско потекло се: Првото Послание на Климент Римски, Посланието на Варнава, Петровата Проповед, Дидахи, Протоевангелието Јаковово, Делата на Јован и Пастирот на Ерма (за кого сметале дека е особено вдахновен). Иринеј (вториот век), замолкнатиот епископ од Лион во Галија, го вклучил Петровото Откровение во својот канон.
Други книги што предизвикувале противречност
Мојата омилена новозаветна книга Посланието до Евреите, во многу пописи на Западната Црква во вториот, третиот и четвртиот век јасно била исклучена. Пред сè, благодарение на влијанието на блажениот Августин врз некои северноафрикански собори, Посланието до Евреите конечно е прифатено на Запад при крајот на четвртиот век.
Од друга страна, пак, книгата Откровение, позната како Апокалипса, напишана од апостол Јован, неколку века не била прифатена од источната Црква. Меѓу источните авторитети кои ја отфрлиле оваа книга биле: Дионисиј Александриски (трети век), Евсевиј (трети век), Кирил Ерусалимски (четврти век), Лаодикискиот собор (четврти век) и Теодорит (петти век). Да додадеме дека сириските и ерменските составувачи на Новиот Завет ја испуштаат оваа книга. Многу грчки ракописи на Новиот Завет, напишани пред петтиот век не ја содржат Апокалипсата, и таа во источната Црква литургиски не се користи ни денес.
Свети Атанасиј го поддржал вклучувањето на Апокалипсата и пред сè благодарение на неговото влијание, Црквата од исток на крајот на краиштата ја вклучила во Новиот Завет. Изгледа дека раната Црква направила внатрешен договор во врска со Откровението и Посланието до Евреите. Истокот од каноните ја исклучил Апокалипсата, а Запад – Посланието до Евреите. Едноставно, секоја од страните се согласила да ја прифати спорната книга од другиот.
Интересно е дека во шеснаесеттиот век таткото на протестантската реформа, Мартин Лутер, сметал дека книгите на Новиот Завет треба да бидат „степенувани” и дека некои се „повдахновени” од другите (т.е. дека постои канон во каноните). Лутер им дал секундарно значење на Посланието до Евреите, на Јаков и Јуда како и Апокалипсата, сместувајќи ги на крајот од својот превод на Новиот Завет. Замислете, човекот што ни ја дал Сола Сцриптура врз себе ја презел одговорноста да го редактира Словото Божјо.
Новиот Завет созрева
Особено бев заинтересиран за барање на најстариот легитимен попис на новозаветните книги. Некои веруваат дека тоа е Мураториевиот кодекс од крајот на вториот век. Тој ги исклучува Посланието до Евреите и Јакововото како и две Петрови кои ги вклучува Петровото Откровение и Соломоновата Премудрост. Поимот „Нов Завет” не се користи сè до 200 година – 170 години по Христовата смрт и воскресението – кога за прв пат го употребува Тертулијан.
Ориген, кој живеел во третиот век, се смета за прв систематичен теолог (иако често систематски грешел). Тој ја доведувал во прашање автентичноста на Второто Петрово и Второто Јованово послание. Исто така тој ни соопштува дека на своите долги патувања сретнал цркви што го отфрлаат Второто послание до Тимотеј затоа што посланието зборува за „тајниот” документ – книгата Јанија и Јамврија, создадена врз основа на усни еврејски преданија (2. Тим. 3, 8). Книгата Јудина е сомнителна заради тоа што содржи цитат од апокрифното „Мојсеево Вознесение”, исто така создадено врз основа на еврејски преданија (Јудина 9).
Проучувајќи го четвртиот век открив дека Евсевиј, „таткото на црковната историја”, како спорни книги ги споменува посланијата на Јаков, Јуда, Второто Петрово, Второто Јудино, а Откровението Јованово сосема го отфрла.
Цодеџ Синаитикус најстариот новозаветен ракопис што го имаме, а ги вклучува сите новозаветни книги, откриен во православниот манастир „Света Екатерина” на Синај, се датира во четвртиот век и ги содржи сите книги што ги има во современиот Нов Завет, но и Посланието на Варнава и Ермовиот „Пастир”.
Во четвртиот век царот Константин бил незадоволен од судирот на христијаните и аријаните околу Христовото Божество. Бидејќи Новиот Завет сè уште не бил конечно оформен, извршил притисок да се одреди канон на Новиот Завет и конечно да се заклучи, за да помогне во решавањето на јавениот спор и да донесе религиозно единство во својата поделена империја. Па сепак, Цодеџ Алеџандринус ги вклучува 1 и 2 Климентово послание дури во петтиот век, покажувајќи дека споровите околу каноните не биле секаде решени дури ни дотогаш.
Кој одлучил?
Со текот на времето, Црквата востановила кои документи навистина се апостолски, а кои не се. Таа борба била долга и траела неколку векови. Во текот на утврдувањето, Црквата неколку пати се состанувала на Собори. Овие црковни Собори се соочувале со многу прашања, меѓу кои било и прашањето за канонот на Писмото.
Важно е да се воочи дека причината за Соборите била утврдување и потврдување на она што во Црквата како целина веќе конечно било прифатено. Црквата канонот го утврдила востановувајќи што е очевидна вистина и пракса на црквите Божји. Соборите настојувале да го објават она што е соборно умување на Црквата, и да го одразат единството на верата, праксата и преданијата, кои веќе постојат во помесните цркви.
Соборите нам ни даваат специјални записи преку кои Црквата јасно и едногласно ни соопштува што прави Писмото. Меѓу многуте собори што се одржале во текот на првите четири века, два се особено значајни во овој контекст:
1. Лаодикискиот Собор е одржан во Мала Азија околу 363 година. Тој е првиот Собор кој јасно ги наброил книгите на сегашниот Стар и Нов Завет, исклучувајќи го Јовановото откровение. Лаодикискиот Собор востановил дека само наброените книги треба, и можат да се читаат во храмот. Неговите одлуки широко се прифатени на Исток.
2. Третиот Картагински Собор се одржал во Северна Африка околу 397 година. Овој Собор, на кој бил и блажениот Августин, дал целосен список на канонски книги и на Стариот и на Новиот Завет. Дваесет и седумте книги на сегашниот Нов Завет се прифатени како канонски. Соборот исто така усвоил дека овие книги треба да се читаат во црквите како Божествено Писмо, а другите да се исклучуваат. Соборот широко е прифатен на Запад.
Балонот пукна
Колку подлабоко ја изучував историјата на Новиот Завет, сè повеќе увидував како моите некогашни, површни концепции се распаднаа една по една. Сега конечно го разбрав она што било очигледно: дека Новиот Завет се состои од дваесет и седум документи кои, сигурно од Бога се вдахновени – ништо не може да го измени ова уверување! – биле напишани и собрани од страна на луѓе. Исто така ми стана јасно дека не бил направен од обични поединци кои работеле изолирано – туку тоа бил соборен напор на сите христијани насекаде – Телото Христово, Црквата Божја. Овој заклучок ме принуди да се соочам со уште два факта кои претходните предрасуди ме наведуваа да ги избегнам: 1. Доброто и неопходноста од човечкото учество во пишувањето на Писмото, и 2. Авторитетот на Црквата.
Божествено и човечко
Како и многумина од сектата на евангелистите, навикнат длабоко да верувам во вдахновеноста на Писмото, јас разбрав дека Новиот Завет е само Божјо, но не и човечко слово. Мислев дека Бог непосредно им рекол на апостолите што да напишат, слично како кога секретарите го прибележуваат она што им се диктира, без никакво додавање од своја страна.
Конечно, моето разбирање за вдахновеноста на Писмото е прочистено со учењето на црквите за личноста на Христос. Воплотеното Слово Божјо, Господ наш Исус Христос, не е само Бог, туку е и човек. Христос е единствената Личност со две природи – божествена и човечка. Потценувањето на Христовата човечка природа води во ерес. Древната Црква учела дека Воплотениот Логос во потполност е човек – навистина, човек онолку колку што може да биде – но сепак без никаков грев. По Своето човештво, Воплотениот Логос е роден, растел и достигнал зрела возраст.
Сфатив дека овој поглед на Воплотеното Слово Божјо на Логосот, Исус Христос, кој го имал раното христијанство паралелно со ранохристијанскиот поглед на пишаното Слово Божјо, на Библијата. Пишаното Слово Божјо не одразува само божествена мисла, туку и човечки придонес, исто така. Словото Божјо ни ја пренесува вистината за она што луѓето го пишувале, донесувајќи ни мисли, личности, па дури и ограничувања и слабости на писателите – секако, Боговдахновени луѓе. Тоа значи дека човечкиот елемент во Библијата не е толку преплавен за да се изгуби во океанот на Божества. Ми стана јасно дека, како што Христос се родил, растел и достигнал зрелост, така е и со пишаното Слово Божјо, со Библијата. Таа не паднала од небо, туку има човечко потекло, како и божествено. Апостолите не го пишувале Писмото како роботи или зомби, туку слободно соработувале со Божјата волја, преку вдахновението од Светиот Дух.