Фељтон

Историја на Македонската Православна Црква (19)

Прашањето на авторитет

Второто прашање со кое морав да се борам, а кое ми беше уште потешко, е прашањето на црковниот авторитет. Од моето проучување ми беше јасно дека Црквата, навистина, одредила кои книги го сочинуваат Писмото, но сè уште силно се борев со мислата дека Црквата го „предала“ својот авторитет.

Конечно, тоа се сведе на едно прашање. Веќе со сето свое срце верував дека Бог со власт говори преку Своите пишани зборови. Пишаното Слово Божјо е конкретно и опипливо. Можам да ја допрам Библијата и да ја читам. Но од некоја чудна причина се колебав да верувам во исти нешта во врска со Телото Христово – Црквата – дека таа е видлива и опиплива, дека физички е сместена на земјата, во историјата. Црквата за мене беше суштински „мистична“, неспоредлива со било каква заедница на земјата.

Овој поглед на работите ми овозможуваше секој христијанин да го сфаќам како „црква за себе“. Колку тоа е „комфорно“, особено кога ќе се појават доктринарни или лични проблеми! Па сепак, тој поглед не се сложуваше со она што во апостолско време се подразбирало под Црква. Новиот Завет зборува за вистински цркви, а не за некакви „етерични“. Дали сега би можел да го прифатам фактот дека Бог веродостојно зборувал не само преку Библијата, туку исто така и преку Црквата – истата онаа Црква што го произвела, одбранила и сочувала Писмото што ми беше толку мило?

Според сфаќањето на најстарите христијани, Бог Своето Слово ì го говорел не само на Својата Црква, туку и преку Својата Црква, Телото Негово. Истовремено, Црквата ја сфаќаме како дом Божји, „оти се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа“ (Ефес. 2, 20-21).

Бог има Свое Слово, но има и Свое Тело. Новиот Завет вели:

„А вие сте тело Христово, и поодделно членови“ (1. Кор. 12, 27; спореди Рим. 12. 5).

„И Он е глава на телото, односно на Црквата“ (се мисли на Христа), (Кол. 1, 18).

„И Он (Отецот) сè Му покори под Неговите нозе и Го постави глава над сите во Црквата, која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сè во се“ (Ефес. 1. 22, 23).

Во древните времиња немало органско раздвојување на Црквата и Библијата, какво што денес често се среќава. Телото без зборови е тело без порака, но зборот без Тело е без темел. Како што пишува апостол Павле, телото е „Црква на Живиот Бог, столб и тврдина на вистината“ (1. Тим. 3, 15). Црквата е Живото Тело на Воплотениот Господ. Апостолот не рекол дека Новиот Завет е столб и тврдина на вистината. Црквата е столб и извор на вистината, бидејќи Новиот Завет настанал врз основа на нејзиниот живот во Бога. Накусо, таа го напишала! Таа е составен дел на евангелската порака, и во Црквата е напишан и сочуван Новиот Завет!

Словото Божјо во усното предание

Апостол Павле нè опоменува: „И така, браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание“ (2. Сол. 2, 15). Овој стих своевремено не го подвлекував со фломастер, затоа што има два израза што не ги сакав: „држете ги преданијата“ и „словото“ (усно). Тие два израза се судираа со моето сфаќање за авторитетот на Библијата. Но, тогаш почнав да сфаќам: истиот Бог, Кој говорел преку Своите пишани слова, Библијата, исто така говорел и преку Христовите апостоли, кога тие лично поучувале и проповедале. Во овој (и во другите пасуси) самото Свето Писмо нè поучува дека усното предание е она што мора да го чуваме! Пишаните и усните преданија не се во судир, туку се делови на иста целина. Тоа објаснува зошто отците учеле дека оној, кој ја нема Црквата за Мајка, не може да го има ни Бога за Татко.

Сфаќајќи го ова, заклучив дека многу сум претерал во отфрлањето на усното свето Предание. Во своето непријателство кон еврејското усно предание, што Го отфрла Христа, го отфрлив христијанското усно свето Предание, кое го изразува животот на Светиот Дух во Црквата. И на тој начин ја отфрлив идејата дека ова Предание на правилен начин целосно нè оспособува како треба да ја сфатиме Библијата.

Дозволете ми тоа овде да го илустрирам со едно искуство кое неодамна го имав. Решив да направам стреа зад куќата. Подготвувајќи се изучив книга за столарство во која пишува за „сè“. Полна е со слики и дијаграми така што и „дете може да ги следи нејзините упатства“. Ми беше речено дека таа самата себеси се објаснува. Но, дека е едноставна, онака како што ми тврдеа, не е, зашто колку повеќе ја читав, имав сè повеќе прашања и сè повеќе бев збунет.

Незадоволен што не разбирам нешто толку просто, заклучив дека на оваа книга ì треба толкување. Без помош не ќе можам да ја применам во пракса. Ми беше потребно некој стручњак да ми го објасни прирачникот.

За среќа, имав еден пријател, кој умееше да ми покаже како да го завршам проектот. Го знаеше тоа од усно предание. Бидејќи него го подучувал искусен столар, тој ме подучи мене. Писменото и усното предание работата ја завршија – заедно.

Што било прво?

Она со што се соочив најпосле беше клучното прашање: што дошло попрво – Црквата или Новиот Завет? Знаев дека Воплотеното Слово Божјо, Исус Христос ги повика апостолите, а дека тие ја обликуваа суштината на Христијанската Црква. На тој начин, знаев дека Он – Вечното Слово Божјо, заради тоа е извор на Црквата и дека ја родил Црквата.

Кога Црквата го чула Воплотеното Слово Божјо и почнала да ги запишува неговите зборови, таа така учествувала со Бога во раѓањето на пишаните зборови на Новиот Завет. На прашањето: „Што било прво, Црквата или Новиот Завет?“, одговорот и библиски и историски е кристално јасен.

Некој би можел да се противи: „Дали воопшто има некаква врска што било прво? На крајот на краиштата Библијата поседува сè што ни е потребно за спасување“. Библијата е доволна за спасување во смисла, дека содржи темелен материјал неопходен да нè насочи на вистинскиот пат. Од друга страна, погрешно е Библијата да се смета за самодоволна и самотолкувачка. Се подразбира дека Библијата мора да се чита и разбира преку Божјото просветување од Светиот Дух во рамките на животот на Црквата.

Зарем и самиот Господ не им рекол на Своите ученици, пред распнувањето: „А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина, но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже иднината“ (Јован 16, 13). Исто така рекол: „Ќе ја изградам црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мат. 16, 18). Нашиот Господ нас не нè оставил само со книга што треба да нè води. Нè остави со Својата Црква. Светиот Дух во Црквата нè поучува, и Неговото учење го дополнува Светото Писмо.

Колку е будалесто да се верува дека Божјото целосно просветување, престанало штом се напишале Книгите на Новиот Завет и дека не делувало до XVI век и протестантската реформа или – да го доведеме аргументот до неговиот логички крај – до моментот кога јас самиот почнав да ја читам Библијата. Или Светиот Дух бил во Црквата низ вековите по новозаветниот период, водејќи ја, учејќи и просветувајќи се во нејзиното разбирање на евангелската порака, или Црквата е оставена како духовно сираче, со поединци – христијаните кои независно го толкуваат, секогаш „автентично“ го проповедаат истото Свето Писмо на радикално различни начини. Ваквиот хаос не е по Божја волја, „оти Бог не е Бог на безредие туку на мирот“ (1. Кор. 14, 33).

Време за одлука

Кога стигнав дотаму почувствував дека морам да донесам одлука. Ако Црквата не е случајна тангента или случајно објаснување на Светото Писмо, туку активен учесник во развојот и зачувувањето на истото, беше време да ги надминам разликите во однос на неа, како и да ги напуштам своите предрасуди. Наместо да се обидувам да ì судам на Црквата врз основа на своите современи предрасуди, морав да се смирам и да се соединам со Црквата која го создала Новиот Завет, и да ì допуштам да ме води кон вистинското разбирање на Светото Писмо.

По внимателните истражувања на различни црковни групации, конечно сфатив, спротивно на уверувањата на многу современи христијани, дека Црквата што ја создала Библијата не е мртва. Денешната Православна Црква е непосреден и јасен историски континуитет со Црквата на апостолите, и ги сочувала негибнати како Светото Писмо, така и Светото Предание кое ни помага Писмото да го протолкуваме на правилен начин. Штом тоа го сфатив, се преобратив во Православие. И почнав да ја доживувам полнотата на христијанството како никогаш дотогаш.

Иако сковал слоган, Лутер никогаш сам не ја намалил (испразнил) Sola Scriptura. Да го направел тоа, би го отфрлил „Символот на верата“ и би поминал помалку време во пишување на разни библиски коментари. Таа фраза се појавила како резултат на борбата на реформаторите против придодадените од човека преданија на римокатолиците. Разбирливо е дека тие сакале нивната вера сигурно да биде она што одговара на библиските стандарди. Но да се изолира Светото Писмо од Црквата, да се негира 1500 години историја, е нешто што слоганот Sola Scriptura и протестантските реформатори – Лутер, Калвин и подоцна Веслеј – воопшто не сакале да го сторат.

На оние кои догматски настојуваат да останат на Sola Scriptura гледиштето, во процесот на отфрлањето на Црквата, која не само што го создала Новиот Завет, туку, исто така, водена од Светиот Дух, утврдила кои книги го сочинуваат Новиот Завет, би сакал да им го кажам следното: изучувајте ја историјата на раната Црква и развојот на новозаветниот канон. Каде што е можно користете изворни документи. (Вчудовидувачки е како некои од „најконзервативните“ библиски експерти на евангелистичката (новопротестантска) заедница се преобразуваат во цинични и рационалистички либерали кога разговараат за раната историја на Црквата). Заради себеси истражувајте што се случило со Божјиот народ според дваесет и осмото поглавје на книгата Дела Апостолски. На крајот на оваа статија давам преглед на воведна литература по тоа прашање. Ако ги испитате фактите и објективно согледате што се случувало во тие рани денови, мислам дека ќе го откриете истото она, што и јас самиот го открив. Животот и работата на Божјата Црква не престанале по првиот век и повторно отпочнале во шеснаесеттиот. Да било така не би ги имале новозаветните книги кои му се многу мили на секој христијански верник. Одвојувањето на Црквата и Библијата, кое толку преовладува во поголемиот дел на современиот христијански народ е модерна појава. Раните христијани не правеле такви вештачки поделби.

Кога ќе ги испитате податоците, храбро продолжете да сознавате повеќе за историската Црква која го создала Новиот Завет, го сочувала и ги одбрала оние книги, кои ќе бидат составен дел на канонот. Секој христијанин си должи откривање на Православната Христијанска Црква и разбирање на нејзината витална улога во донесувањето на Словото Божјо на нашето сопствено поколение.

Историчарите на христијанството начелно даваат некои известувања за оформувањето на Канонот макар што се наклонети да расправаат за значењето на истиот, за авторитетот и толкувањето на Светото Писмо.

Заедничко учење на сектите

Свештеник Бранислав Перановиќ

ЗАЕДНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ И УЧЕЊА НА СЕКТИТЕ

Сите секти доаѓаат да ја „поправат лошата состојба во Црквата“, да го „реформираат“ нејзиното учење и организација, бидејќи Црквата наводно, „со текот на времето го напуштила вистинското учење и духот на Евангелието“. Сите секти наводно ги „подготвуваат“ луѓето за скорото доаѓање на Исус Христос и Неговото илјадагодишно царство на земјата. Секоја секта за себе тврди дека таа единствено е вистинската и спасоносна, а сите други дека се лажни. Наводно секоја ја „вдахнува Светиот Дух“, а ја „основал“ Господ Исус Христос преку своите пратеници. Секоја проповеда слобода, особено од „поповите“. Сите следбеници се еднакви, нема посебна црковна власт, но треба да им се потчинуваат на водачите на сектите, кои можат дури и да исклучуваат поедини членови и групи, што често доведува до разединување на старите и појава на нови секти. Освен ова сектите:

1. Го негираат Светото Предание и самоволно го толкуваат Светото Писмо;

2. Светата Причест ја сфаќаат како нешто символично, а не како Телото и Крвта на Исус Христос;

3. Немаат посебно, туку општо свештенство;

4. Ги отфрлаат иконите и Чесниот Крст, православните ги сметаат за идолопоклоници;

5. Не веруваат во задгробниот живот, сметаат дека душата спие до воскреснувањето (ова важи за адвентистите и јеховистите);

6. Забрануваат молитвено почитување на Пресвета Богородица и светителите итн. Дури се потсмеваат и хулат на нив.

Православен осврт за заедничкото учење на сектите:

1. За Светото Предание:

Тоа е постаро од Светото Писмо, кое и настанало од Светото Предание. Во прво време апостолите усно го проповедале Евангелието. Во Светото Писмо не е запишано сè што правел и учел Исус Христос (Јован 21, 25) и апостолите (2. Јов. 12). Во Новиот Завет има заповед (1. Тим. 6, 20; 2. Тим. 2, 2) и пофалба (1. Кор. 11, 2) за придржување и чување на Светото Предание. Исто така има и опомена: „Браќа пазете некој да не ве заведе… според човечкото предание“ (Кол. 2, 8). Токму тоа се случило, прво на секташките верници, бидејќи го наследиле и го држат преданието на своите основачи. Невистинито е тврдењето на секташите дека веруваат само во Светото Писмо, тие им веруваат на своите „пророци и основачи“ (Хелена Вајт, Милер, Расел итн.) и на нивното толкување на Светото Писмо.

Светото Писмо не може правилно да се толкува и разбира без Светото Предание (Лука 1, 2), што е причина за појавата на огромен број различни „вистини“, толкувања и „цркви“. Црквата Божја – Православната, основана е од Господ Исус Христос (Мат. 16, 18) преку апостолите за сите времиња. Таа е столб и тврдина на вистината (1. Тим. 3, 15). Сето друго, основано од луѓе, спаѓа во верски вонцрковни организации, кои на своите приврзаници, со изопачена наука и радикален пристап кон Светото Писмо, им навлекува пропаст и Божја осуда. Сите денешни секти се основани од неодамна, најстарите пред неколку века, а светот навистина не започнува со нив, како ни Христовата Црква.

2. За Светата Причест:

Сите секти учат дека лебот и виното при причестувањето само симболично ги претставуваат Телото и Крвта Христови, додека ние православните, врз основа на Светото Писмо знаеме дека лебот е вистинското Тело и виното вистинската Крв Христова (Јован 6, 55; Мат. 26, 26-28) и дека таквото причестување е еден од условите за спасување (Јован 6, 53-54).

3. За свештенството:

Апостолите низ молитва ги ракополагале своите помошници и заменици, кои Светиот Дух ги поставил за епископи да служат во Божјата Црква, која Господ ја стекнал со Својата Крв (Дела 20, 28). Не е чудно што сектите не го признаваат свештенството, ниту тие го имаат, бидејќи немаат т. н. апостолско преемство – од времето на апостолите постојано ракополагање, како што и единствено се станува свештеник.

(Да се прочита: 1. Тим. 5, 22; 2. Тим. 1, 6; Тит 1, 5).

4. За иконите, чесниот крст и моштите:

Кога ги целиваме иконите, ние православните не сме идолопоклоници, бидејќи ниту иконите, ниту ликовите на светителите и Богородица ние не ги обожуваме, туку само им го даваме одреденото должно почитување, како на оние кои на Бога му служеле и угодувале многу повеќе отколку ние.

Иконите потекнуваат уште од Стариот Завет, а во христијанството отсекогаш постоеле. Многу од нив се и чудотворни.

Осенувајќи се со крсниот знак (со прекрстување) православните видливо ја изразуваат најважната вистина на православната вера: верата во Светата Троица, во богочовечката природа на Господ Исус Христос, верата дека сме споени со неговата крсна жртва, итн. Новиот Завет на многу места говори за крстот.

Ќе наведеме само некои од нив:

Апостол Павле плачејќи говори за многумина кои живеат како непријатели на Христовиот крст (Филип. 3, 17-19).

Тој не сака да проповеда со премудри зборови, да не ја изгуби силата крстот Христов, бидејќи словото за крстот е безумство за оние што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја (1. Кор. 1, 17-18 ).

– Самиот Исус Христос зборува за знакот на Синот Човечки (Мат. 24, 30).

Секташите (нововерци, како што нашиот православен народ многу соодветно ги нарекол) не ги признаваат ни моштите на светителите, иако нивното чудотворно дејство е опишано уште во Стариот Завет (2. Цар. 13, 21). Ние сме сведоци на постоењето на многу чудотворни мошти, сведоци сме на исполнувањето на пророштвото на псалмопеецот царот Давид, кој вели: светецот Твој нема да види распаѓање (Псал. 16, 10).

5. За задгробниот живот:

Некои секти со помош на библиски цитати, извадени од контекст или погрешно протолкувани, го негираат задгробниот живот (континуитетот на свесност за постоење на душата и по смртта на телото).

Православното верување, засновано на Светото Писмо е дека душата по смртта на телото продолжува свесно да живее во услови што зависат од начинот на овоземниот живот на човекот, т.е. нецелосно блаженство или нецелосно мачење, сè до Второто доаѓање на Господа Исуса Христа и сеопштото воскресение. Во Светото Писмо за тоа има многу сведоштва.

(Да се прочитаат: 1. Мој. 15, 15; Проп. 3, 14; Марко 10, 20; Лука 23, 46; Јован 24, 12; Откр. 6, 9; Кор. 5, 8; Филип. 1,23-24 итн).

Особено е впечатлива приказната за богатиот и сиромавиот Лазар (Лука 16, 19-31), за преобразувањето (Марко 9, 1-8), каде што се појавува пророкот Мојсеј. Во книгата за Јов (24, 12) пишува „Душата на убиваните вика“. Самиот Господ со душата се симна во адот и им проповедуваше на душите на умрените (1. Петр. 3, 18-20).

6. За молитвеното почитување на светителите:
Сите секти го забрануваат заради идолопоклонство и неверување во задгробен живот. Причината за ова неверување е друга, прикриена: секташките учења се погрешни, поради што во нивните редови нема и не може да има светители, тие сите себеси се сметаат за свети (колкава ли гордост), а православните светители не ги признаваат, без оглед на доказите, бидејќи секташите така би ја одрекле оправданоста и логиката на своето постоење.

Како што видовме од пасусот за задгробниот живот, ние православните сосема оправдано веруваме во задгробниот живот и врз основа на таквото верување ги молиме светителите пред Бога како Негови угодници, да се заземат за нас бидејќи: „Прекрасен е Господ во Своите светии“ (2. Сол. 1, 10-12).

Крај

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top