
Васил Чулев
Неолитот во Македонија
Почетоците на Неолитот во Македонија датираат од втората половина на 7-от милениум п.н.е. Процесот на „Европеизација” на Македонскиот полуостров создаде сточарство, земјоделство, економија, архитектура и нови ритуали и општествени односи меѓу заедниците. Mеѓу првите неолитски култури во Македонија се идентификувани оние од Анзабегово-Вршник, Велушинa-Породинската и Зластрана. Првата се наоѓа во Овче Поле, втората во Пелагониската рамнина, додека третата е на територијата на Oхридскиот регион.
Во средниот Неолит во Пелагониската рамнина се појави нова група на култури во денешен Трн, додека Анзабегово-Вршник и Велушинa-Породинската влегоа во својата втора фаза. Во доцниот неолит територијата на групата Амзабегово-Вршник покажа нови културни манифестации и понатамошен развој во културата на Ангелци-Зелениково, а во Oхридскиот регион посебна група е потврдена и на устието на Дрим.
Како што беше нагласено и од страна на повeќе истражувачи, според керамиката од 7-от милениум п.н.е. најдена во Македонија може да се издвојат две главни културни групи: Анзабегово-Вршник (Овче Поле, Полошкиот и Скопскиот регион) и Велушинa-Породинската (Пелагонија и Охридскиот регион). Oвие две култури прикажаa нивни особености преку нивната посебно препознатлива керамика и производство, но исто така и сличности со другите култури, главно на ниво на архитектура, економија и религија, вклучувајќи тука и слични камени и коскени орудија, фигурини, жртвеници, украси и живеалишта.
Високиот степен на развој и цивилизираност на овие рани праисториски населби во Македонија може одлично да се види од квалитетот и уметничките способности на луѓето кои ги населувале. Една таква зачудувачки совршена изведба во печена глина е и преубавата статуетка на машко торзо најдена во Говрлево близу Скопје. Наречена „Адам од Говрлево” иако нецелосно сочувана изненадува со анатомски детаљи и уметничката стручност со кои e изработена пред некои 7500 години.

„Адам” од Говрлево. 5478 г.п.н.е.
Според Немачкиот институт кој ги направи анализите со Јаглерод14 статуетката „Адам” од локалитетот кај Говрлево е изработенa во 5478 г.п.н.е., некои 2000 г. пред времето на „Ледениот човек” од Алпите – Отци. Таквото датирање повторно совршено се поклопува и со наодите на историчарите, лингвистите и генетичарите, кои ги одредија правците на движење и населување на праисториските луѓе низ Европа од Балканот.
Скулптурата „Адам” од локалитетот Говрлево покажува дека во времето кога постоела населбата во 6-от милениум п.н.е. таа имала посебно погодни услови и климатски карактеристики за живот. Амбиентот бил таков, што создавал услови за продолжено човечко делување и живеење во континуитет, што му овозможило на тогашниот човек на посебен начин тоа и да го представи.