
Васил Чулев
Златните посмртни маски на Ангелите од градот на Светлината – Охрид

Охрид, градот на Светлината и Ангелите, по два и пол милениума, повторно ни ги покажа златните бесмртни лица на своите Ангели. Откривањето на бесценетите богатства од Требениште, селото кое се наоѓа на патот Охрид-Кичево, беше како од некој филм: Антички Македонски гробови натоварени со злато, сребро и богати погребни кралски подароци. На 30 септември 2002 година е најдена и петтата по ред златна маска, што претставува ретка пракса во археологијата. За помалку од еден век, или поточно за 84 години, иако на мала далечина и во земја која всушност не може да инвестира многу во скапи археолошки ископувања, пронајдени се дури пет златни маски! Ова откритие, како и многу други пред тоа, уште еднаш ни докажа дека Македонија е навистина најбогата археолошкa ризница во Европа.
Археолошкиот локалитет Требениште кој датира од 6-5 век пред нашата ера е откриен во 1918 година. Некрополата се смета зa еден од најинтересните археолошки локалитети од железното време во Македонија и пошироко. Откриени се педесет и шест гробови, од кои најзначајни и најстари се 12 кралски гробници, цела династија што беше погребана со сите обележја на нивната моќ. Досега се откриени пет златни погребни маски, златни нараквици, златни, сребрени и бронзени садови, накит, оружје сандали, и т.н.. Требениште некрополата и натаму е еден од најважните археолошки локалитети во Македонија, и жив потсетник на богатството и префинетоста на Македонската цивилизација уште од најдамнешни времиња.
Историјата на откривање на кралски златни маски од некрополата во близина на селото Требениште и Горенци, на 10 километри северно од Охрид, има долга традиција. Во оваа некропола четири погребни маски беа пронајдени во два наврати, двапати по две, во гробници кои датираат од крајот на 6 и почетокот на 5 век п.н.е., со богата погребна понуда (злато и сребрен накит, сребро и бронзени садови, стакло и килибарни монистра, црно-фигуративна ќерамика, оружје, печена глинa, и така натаму).
Првите две маски беа пронајдени сосема случајно во пролетта 1918 година, за време на бугарската окупација на овој дел од Македонија. Во екот на воените операции, ископувањата биле направени од страна на Б. Филов (В.Filow) кој во соработка со К. Шкорпил (K. Shkorpil) откри седум кралски гробови од кои целиот материјал е ограбен и од Македонија e однесен во Археолошкиот музеј во Софија, Бугариа, каде што се наоѓа и денес.[1]
Во 1919 година, Македонија потпаѓа под окупација на Кралството на Србите, Хрватите, Словенците, кога и дел од Охридското езеро со 22 Македонски села се дадени на Албанија. Дванаесет години подоцна, 1930-1934, српскиот археолог Х.Вулиќ откри уште шест други кралски гробови во истата некропола со уште две златни маски, кои, заедно со другите наоди, биле ограбени и однесени во „Националниот” музеј во Белград.[2]
Неочекуваното откритие на ваквите богати гробови и погребни златни маски од Охридскиот регион фрли ново светло врз Македонската древна историја и ги изненади Западно-Европските научници. Тие датираат од период кој е цел еден милениум одалечен од археолошкиот период на единствената друга златна маска откриена досега на Балканот и во Европа генерално (најдена од Х. Шлиман во 1876 година во Микена, Пелопонез).
Во Македонија, и не само во Охридскиот регион, телата на најистакнатите членови на заедниците, односно челниците, беа покривани со злато. Овие биле локални владетели од 6-от и 5-от век п.н.е., период пред Македонската држава да се обедини од страна на најмоќната династија, Аргеадите, основачи на првата Европска империја – Македонската.
Сепак, најголем проблем на Западно-Европските научници им претставуваше етничкото потекло на сопствениците на овие луксузни предмети, односно жителите на Охридскиот регион од 6-от и 5-от век п.н.е.. Дури и пред откривањето на златните маски, имало неколку обиди лажно да се прикаже потеклото на овие Македонски племиња како Тракиски, Данајски (Грчки), Илирски или „стара популација која била Илиризирана”.
Кога првите две златни маски беа пронајдени во Горенци/Требениште пред 84 години, тоа не беше само епохално откритие, туку и проблем за Западно-Европскиот научен свет, затоа што им ја сруши долго градената конструкција за Европската историја.
Со исклучок на Македонците, кај другите антички народи (Данајци, Тракијци, Илири, Мизи) од „класичниот период” погребни златни маски никогаш не биле откриени. Маската од Микена пронајдена од Шлиман датира повеќе од илјада години пред тоа, и припаѓа на Aхајците, чија култура е сосема различна од оние на народите во класичната ера, вклучувајќи ги и античките Данајци (денес „Грци|”). А бидејќи Македонците во Европската лажирана историографија, со неколку исклучоци, погрешно се сметаа за „Данајци” („Грци”), овие маски, бидејќи не-грчки, историчарите пробаа да им ги припишат на Илирите.
Иако чисто географски поим, чии граници никогаш не биле прецизно дефинирани, Илириа (латински „ILIRICUM”) секогаш им служи на историчарите како универзален контејнер за се она што не се поклопува со нивната замислена историја. Илириа и Илирите никогаш не ни постоеле како етникум и не биле ништо друго освен вулгарно латинско толкување (‘Interpretatio Latinvm’) со кое Римјаните во целост ги нарекувале земјите и населението од другата страна на Јадранското море. Како што и вулгарно ги нарекле и доселениците од Балканот во Северна Италија – Венети (од латински „Vene-di” – „дојде-од” ).[3]
Според пишаните антички извори, првите жители на Охридскиот регион се Енгелите, а подоцна и Десаретите. Имено, античкиот автор Манасиј (Manasias) пишува дека Енгелите (Engelines/Enkheleis или Encheleis во античко-грчка транскрипција) се Македонско племе од Охрид. Овие податоци од пишаните извори се поддржани со новите докази, како археолошки, епиграфски, анализи со Јаглерод14, кои покажаа дека племињата кои живеле во регионот на Охрид припаѓаат на Македонската етничка група. Студијата на Ономастичките[4] податоци исто така покажаа дека имињата од Охридскиот регион имаат многу аналогии во Мала Азија, со која се докажува дека тие треба да се припишат на сродството со Бригите, кои живееле во овој дел од Македонија пред миграцијата кон Мала Азија. А денес знаеме дека Бригиските племиња се основата (супстрат) во етно-генезата на античките Македонци.
Сите овие научни испитувања и разни методологии докажаа дека карактеристиките на погребниот ритуал во овие некрополи не се ниту грчки ниту илирски ниту тракиски. Златни погребни маски досега се најдени само во Македонија, но не и на територијата на Античка Грција. Златни маски не биле употребувани во погребниот култ на античките Данајци (Грци) – а да се поврзат со маските од Критско-микенската култура методолошки не е во ред, бидејќи и етничките, и културните и хронолошките разлики меѓу нив се огромни.
Друга специфична карактеристика на Македонските погребни ритуали е троножниот погребен жртвеник, кој не се наоѓа кај старите Грци, кои употребувале жртвен кревет, така наречен „клине”. Овие две најзначајни карактеристики беа посочени од страна на познатиот француски експерт Клод Роли (Claude Rolley) по откривањето на некрополата во Синдос. Покрај овие карактеристики, биле пронајдени и метални садови во некрополата во Горенци/Требеништe кои не се користеле во античка Грција. „Сето ова докажува дека сме соочени со два различни погребни ритуала”, наведува Роли. Ако се истакне дека погребниот ритуал е еден од најзначајните елементи на религијата, која, по јазикот, е најважниот елемент во дефинирањето на етничката припадност, очигледно е дека Енгелите припаѓале на групата Македонски племиња.
[1] B. Filow, and K. Schkorpil. Die archaische Necropole von Trebenischte am Ochrida. Berlin und Leipcig, 1927.
[2] N. Vulic. Das neue Grab von Trebenischte, Arch. Anzeiger, Bb. III/IV, 1930, pp. 276-279; Id., Ein neues Grab bei Trebenischte, Jahreshefte d. Ost. Arch. Inst., 28, Wien, 1932, pp. 164-186; Id., Neue Graber bei Trebenischte, Arch. Anzeiger, 1933, pp. 459-486; Id., La nécropole archaïque de Trebenishte, Revue archéologique, Paris, 1934, pp. 26-38.
[3] Сите сме го виделе натписот на латински „Veni Vidi Vici” (Дојдов Видов Победив) на цигарите „Марлборо”, искажан од Гај Јулие Цеэар по победата над Галите кај Зела во 47 г.п.н.е.
[4] Наука за имињата.