Македонски легенди

Георги Костадинов Динков – Динката

Georgi_dinkov

Georgi_dinkovГеорги Костадинов Динков – Динката (1838 –1876) е познат македонски културно-национален деец од XIX век. Тој бил учител, учебникар, поет, публицист, општественик, и како просветен деец тој е видна фигура на македонската преродба.

Георги Динков е роден 1838 година во Солун, во видно македонско преродбенско семејство. Син е на Велика и Константин Држилов кој учествувал во познатото Негушко востание (1822 г.), а подоцна како трговец во Солун се вклучува во просветната и антипатријаршиска борба.  Соработувал со Георги Раковски и Стефан Верковиќ и заедно со брат му Киријак Држилов кој има сопствена печатница и книжарница ги распространуваат „Царигрдаскиот весник“ и „Македонија“.

Воспитан од својот татко и стрико, Георги тргнува по нивните стапки.

Динков се образувал во родниот град Солун, а потоа две години учел во Богословското училиште на островот Халки. Кратко време учел во Атина, а потоа како руски стипендист учел во Смоленската гимназија во Русија (1859–1860).

Во 1860 година се враќа во Османлиската империја и почнува да работи во Цариград како секретар на истакнатиот отомански државник Стефан Богороди, кој го поддржувал соработникот на Константин Миладинов и организаторот на тајното македонско друштво во Атина, Горги Раковски. По смртта на Богороди, Георги Динков се враќа во Солун каде се поврзува со Димитар Миладинов и Стефан Верковиќ, а потоа патува по Македонија собирајќи географско-етнографски и фолклорни материјали. Тој му помага на Миладинов да се спаси од опасноста по огнениот говор за национално будење на македонскиот народ во Воден.

Георги Динков – Динката настојувал од чичко му Киријак Држилович да отвори и печатница во Солун, а татко му Костадин Држилович интервенирал во Зографскиот манастир да се отвори таква печатница и во неа да се печатат ракописите на син му. Во една своја песна од 1962 година напишана по повод Велигден и заедничката македонско-бугарска борба за одделувањето од Патријаршијата, тој ќе напише: „Да живее славна Македонија, Тракија и Бугарија“.

Во периодот кога двата народа водат борба за отцепување од Патријаршијата, а македонскиот народ се залага за обновување на Охридската архиепископија, Горги Динков ќе напише уште една своја песна во која го повикува народот на црковна борба. Во неа тој ќе напише:

„ …татковината наша стана и ни вика, со крст во едната рака и со желбите наши општи и со народните права… Духовна слобода, а не ропство и бремиња… Охридска архиепископија и народно духовништво… да видите Македонија, Тракија, Бугарија, вашето големо царство, милата ви татковина“.

Слично како татко му и чичко му, Георги Динков одржува коресподенција со Георги Раковски, но и со Гарибалди и други револуционерни личности во тоа време во Европа. Динков се обидува да се вклучи во Македонската легија во Белград, но фатен е на границата во 1862 година. Турските власти го испраќаат во затворот во Софија, каде останува 17 месеци. По интервенција на татко му тој успева да се оправда пред судот и излегува од затвор.

Тодор Ненов од Неврокоп во своето писмо од 22 јануари 1863 година му го препорачува Динков на Христо Димитров од Дупница. Во препораката меѓу другото вели:

„Затоа ве молам да го имате за пријател… И ќе имате полза од големото знаење, од тој млад Македонец“.

Само неколку месеци подоцна, во август 1863 година, наклеветен од грчкиот конзул во Солун за противдржавна дејност, Горги Динков повторно е затворен како руски шпион и панславист. Турските власти во недостаток на докази го ослободуваат, но во текот на 1864 година, Динков е повторно затворен. Во текот на двете години тој лежи по затворите на Софија и Видин.

Горги Динков ја потпомага својата сестра Славка и во 1866 година во родниот дом го отвораат првото училиште на народен јазик во Солун. Во 1868 година, тој станува основач и настојател на Црковно-училишната општина во Солун.

Во истата година, Динков пишува географски опис на Македонија „Општ преглед на Македонија“… во кој се опишани планините, реките, рамнините и езерата. Во 1889 година овој географски опис, со додадените дополнувања за Пазарската, Воденската и Берската каза на Солунскиот санџак, бил публикуван во „Топографско-етнографскиот преглед на Македонија“ од Стефан Верковиќ. Исто така, во 1867/68 година, Динков објавува статии за јазикот, географијата и историјата на Македонија во цариградскиот весник „Македонија“.

Георги Динков учителствува во Прилеп, Битола и во костурското село Загоричани во периодот од 1869 до 1871 година. Поради воведувањето на народниот јазик со употреба и на своите учебници и поради будителската дејност во целиот реон, во 1870 година бил претепан од гркоманите и одново затворен во Костур. Динков бил принуден да го напушти Костур и да се врати во Солун.

Во 1874/75 година во Солун, Динков бил следен и наклеветен пред турските власти од грчкото свештенство. Наклеветен како руски шпион, тој бега во Атина и соработува во весникот „Еон“. Истормозен и болен, умира во 1876 година во Атина.

Останува непубликувана неговата патриотска поезија, но и македонските учебници („Граматика на македонскиот бугарски јазик“, „Наречие Солунскаго округа“, „Подробна географија на Македонија“ и друго), како и некои монографски описи на градови („Историја на града Негош“) и публицистички прилози („Познај себеси“).

Најново од: Македонски легенди

Ибе Паликуќа – една од најмладите народни хероини од Македонија

Ибе Паликуќа (Дебар, 1927 – Шутово, Кичевско, 22 септември 1944) била учесничка во Народноослободителната војна во Македонија и една од најмладите жени од Македонија прогласени за народни херои на Југославија. Како борец и политички активист, својот живот го загубила на само 17-годишна возраст. Ибе Паликуќа е родена во 1927 година во Дебар, во албанско семејство. […]

Христофор Жефарович – првиот македонски хералдичар

Христофор Жефарович (околу 1690 – 18 септември 1753) бил зограф, иконописец, бакрорезец, калиграф, калуѓер, трговец и печатар од Македонија. Се смета за прв македонски хералдичар и еден од најбараните уметници на просторот од Солун до Пешта во XVIII век. Во 1741 година во Виена ја објавил книгата „Стематографија“, во која се претставени грбовите на повеќе […]

„Македонија ќе биде слободна!“ – Александар Турунџев (1872–1905)

Александар Турунџев е роден во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, а се самоубил 30 август 1905 година во Битола. Македонски револуционер, илинденец и војвода, тој останал запаметен како еден од симболите на непокорот и саможртвата во борбата за слободна Македонија. „Македонија ќе биде слободна!“ –тоа биле последните зборови на Александар Турунџев пред неговото […]

Драган Богдановски – живот посветен на слободна и независна Македонија

На 18 септември 1929 година во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, починал на 31 мај 1998 година во Данска, на пат од Шведска кон Германија. Подоцна бил погребан во Куманово Драган Богдановски е еден од најистакнатите македонски политички емигранти по Втората светска војна, долгогодишен борец за македонската национална кауза, претседател на ДООМ и […]

Лилјана Чаловска – писателка, борец и учесничка на АСНОМ

Лилјана Чаловска (3 декември 1920, Софија – 20 јули 1997, Скопје) е македонска писателка, учесничка во Народноослободителната борба и општествено-политичка дејка. Била делегат на Првото заседание на АСНОМ и член на Претседателството на АСНОМ, а значајна трага оставила и во македонското новинарство и литература. Лилјана Чаловска е родена на 3 декември 1920 година во Софија, […]

Владислав Ковачев – Македонец до срж, а малку познат меѓу Македонците

„Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот.“ Кој бил Владислав Ковачев? Владислав (Славчо) Михаилов Ковачев е роден на 5 јануари […]

Оскар Давичо – писателот што со перо сведочеше за борбата на партизаните на Маркос

Оскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година во Шабац, во еврејско семејство, а починал на 30 септември 1989 година во Белград. Бил истакнат српски и југословенски писател, поет, есеист, преведувач, новинар, револуционер и учесник во антифашистичката борба. Оскар Давичо потекнувал од сефардско еврејско семејство. Детството го минал во Шабац, а образованието го продолжил […]

Васил Ивановски – истраен борец за македонската национална посебност

Васил Ивановски (18 октомври 1906 – 1991) е македонски национален деец, комунист, публицист и историограф. Во своите трудови ги користел и псевдонимите Динко Динков и Бистришки. Васил Ивановски е роден на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде, во Егејскиот дел на Македонија, а починал во 1991 година во Софија. Во 1907–1908 година, во […]

To top