Дијаспора

НАЗАРЕТ – ГРАДОТ НА ДЕТСТВОТО НА ИСУС ХРИСТОС

slave-katin

slave-katin
Пишува СЛАВЕ  КАТИН

Назарет е свето место за христијаните, со христијански цркви, манастири и други религиозни објекти, каде што пораснал Исус Христос. Таму е изградена базиликата “Благовестие”, која е голема и импресивна архитектонска градба и културно уметнички споменик на Назарет. Има високо кубе на кое се вишнее симболот на христијанството – Крстот, кој се гледа од сите страни на градот

Според библиските преданија од Новиот завет за Христовото раѓање и неговото детство, посебен интерес привлекуваат градовите Витлеем и Назарет. Двата града денес се под палестинска управа, како автономни територии. Назарет го посетивме ден пред новото Господово лето по новиот календар. Заради целокупните политички состојби во Израел, посетители и туристи, за жал, имаше малку, скоро како да ги немаше. Затоа немаше тешкотии да се посетат голем број свети места во Израел.

На патот што води од Тел Авив кон Назарет, Тиверијада и кон другите места од Галилеја тргнавме во утринските часови и поминавме низ многу живописни и населени места, што предизвикуваат изненадување и восхит за секој посетител. Овие предели само до пред шеесетина години биле ненаселени, скоро пусти, а површините необработени. Но, во последниве децении, на сметка на Тел Авив и на другите приморски градови, кои поради излезот на Средоземното Море се ограничени во просторното ширење, овде се’ повеќе се гради, особено во Галилеја, каде се подигаат нови населби и урбани живеалишта.

На пат за Назарет поминавме долж средоземно морскиот брег, каде скоро на средината од патот, меѓу Тел Авив и Хаифа, се наоѓа историското место Кесарија, град со големо пристаниште. Него го изградил Ирод Велики и го нарекол според царот (кесарот) Август. Таму било престојувалиштето на римската војска и седиште на римскиот управител.

galileja

На 30-тина километри северно од Кесарија, пак, се наоѓа градот Хаифа, што е сместен на падините на планината Кармел, на брегот на Средоземното Море. Со овој град е тесно поврзана еврејската историја, особено на оние Евреи кои по нивното пристигнување во Хаифа, биле вратени назад во Европа а притоа многумина умреле во морето. За христијаните Хаифа е важен град бидејќи во него се наоѓа пештерата на Свети Илија. Хаифа е голем трговски град и пристаниште во кој се наоѓа познатиот Технички институт за наука и технологија.

Посебна живописност на Галилеја и, воопшто, на Израел му дава реката Јордан. Таа извира од планината Хермон, минува низ Галилејското Езеро, потоа тече низ целиот простор по должината на границата меѓу Израел и Јордан и се влева во Мртвото Море. Старите историски податоци говорат дека Галилејското Езеро, всушност, некогаш било проширување на коритото на реката Јордан која тече околу 220 км. од Галилејското Езеро до Мртвото Море. Тоа било со солена вода, затоа и во многу документи и во библиските преданија се споменува како Галилејско, Генисаредско Море, кое е на 215 м под нултата надморска височина. Во новозаветното време се нарекувало уште и Јан Кинерет. Но, со протекувањето на реката Јордан низ него, водата постепено се отсолувала, така што денес неговите слатки води имаат големо значење.

Северниот дел на Галилеја на хебрејски уште се нарекува и Галил, а поголеми градови се Назарет и Тиверијада. Тоа се градски центри што имаат важна улога во развојот на туризмот, преработувачката индустрија и, воопшто, во развојот на стопанството на Галилеја и на Израел.

Назарет се вишнее над долината со црвената земја, Шарон, која се споменува и во библиското време. И не случајно овој дел изобилува со многу библиски места, кои според преданијата во одреден период биле пространи мочуришта. Но, денес со доселувањето на новите жители, овие мочуришта се пресушени и сега на нив се протегаат плантажи со портокали, со авокадо, со ореви и слично. Хедера е населба како најдобар пример за исушувањето на мочуриштето. Овде, првите доселеници умреле од маларија. Но, упорноста да се опстои и во овие простори ги натерала другите што се доселувале да ги дупчат површините за да може застоената вода да понира или да истекува во морската површина. Сепак, водата морало да остане незагадена и затоа на мочуриштето почнале да се засадуваат еукалиптуси, што во Израел се пренесени од Австралија. Тоа се дрва со големи корени кои многу брзо ја апсорбираат мочурливата вода. Денес во овој регион постојат цели плантажи со еукалиптуси, врз чија суровинска база се подигнати и фабриките за производство на хартија и за лековити билки. Листот се користи за разни лековити напивки и чаеви, а кората од дрвото за квалитетна хартија.

nazaret2
Назарет и црквата „Благовестие“

Создавањето на плодни ораници овде овозможува да се подигнат и најголемите плантажи со памук. Тоа производство денес е унапредено до тој степен што се произведува памук во боја: како на пример кафеав или зелен.

Во текот на патувањето се запознавме и посетивме и арапски села, населени со Палестинци. Евреите нив ги нарекуваат Арапи, зошто тие се тука од пред 1948 година. Палестинците, пак, нивните собраќа во автономните територии не се израелски државјани, за разлика од Арапите кои се државјани на Израел и се прифатени и интегрирани во тамошното општество. Тие ги имаат сите привилегии како и другите Израелци, со исклучок на тоа што младите Арапи не служат воен рок во израелската армија

Во непосредна близина на Назарет, се наоѓа Кана Галилејска, каде е лоцирана црквата “Свети Ѓорѓи Галилејски”. Кана значи црква, како и село во Галилеја,близу до Назарет. Тоа е местото каде Господ Исус Христос ја започнал својата јавна мисија, со присуството на свадбата на која, откако домаќинот снемал вино, Христос ја претворил водата во вино. 

Зборот Назарет значи “заштитник” и на арапски и на јудејски. Денешниот град Назарет во времето на Исус Христос бил село, а сега е населено место на Галилејските ридови на околу 350 м надморска висина, близу до трговските патишта од Јорданската Долина до Средоземното Море. Овие простори биле освојувани од Александар Македонски, Римјаните, Арапите и од крстоносците, затоа овде живеат муслимани, православни и римокатолици.

blagovesti1

blagovesti2

Во црквата „Благовестие“

Меѓутоа, Назарет е свето место за христијаните, бидејќи во него се изградени бројни христијански цркви, манастири и други религиозни објекти. Овде се наоѓаат црквите: “Благовестие”, “Свети Архангел Гаврил”, која е изградена врз природните извори на “Пресвета Богородица” и црквата “Свети Јосиф”. Тоа е градот во кој пораснал Исус Христос. Имено, според преданието тој се вратил со неговите родители во Назарет по бегството во Египет. Марија и Јосиф од Витлеем избегале во Египет, за да го спасат новороденецот од злото на Ирод Велики, кој по наредба на Август Цезар, откако не можел да го најде новороденецот за кој се проширило дека е новиот крал, организирал војска за да ги убие сите машки деца до две години.

Назарет, градот на Христовото детство, во кој се случи благовестието денес е еден од главните градови на Галилеја. Тој е сместен во северен Израел, југоисточно од пристаништето Хаифа и претставува важен сообраќаен јазол. По името на градот, Христос е наречен Назареец. Археолошките податоци говорат дека Назарет бил населен уште во раниот канаански период. Тој е прв град познат како еврејски, а денес е најголем арапски град со околку 60.000 жители. Од нив 40 отсто се христијанско население, а другите се муслимани, како и Евреи, кои живеат во горниот дел на Назарет. Што се однесува до населените места, не е пишано правило, меѓутоа таквите карактеристики се воочуваат токму во Назарет. Имено, Евреите живеат на врвовите од ридовите, а Арапите во пониските делови. Куќите на Арапите во голема мерка се без покриви и врз нив висат разни видови сателитски и други антени, а еврејските куќи имаат современи покриви од ќерамиди и соларни системи за затоплување на водата.

Според преданието од пред Христа, во близината на Назарет се наоѓало малото село Ципорија каде што се претпоставува дека се родила Марија, но откако се свршила за Јосиф, отишла да живее во другиот дел кој што денес е во состав на Назарет. Тука е најголемата црква во градот базиликата “Благовестие”. Таа е голема и импресивна архитектонска градба и културно уметнички споменик на Назарет. Има високо кубе на кое се вишнее симболот на христијанството – Крстот, кој се гледа од сите страни на градот. Базиликата “Благовестие”  е прекрасен христијански храм кој е дел од Католичката црква, во која со свои средства учествувале голем број католички цркви во светот, што се потврдува со донациите на фреските во дворот на црквата.

blagovesti3
Црквата „Благовестие“

Според податоците, првата црква на ова свето место била изградена во 356 година по Христа, а ја изградила Света Елена, мајката на Свети Константин, римскиот император. Денешната црква, чиј дизајн е на италијанскиот архитект Џовани Музио (Гиованни Музио), е изградена во 1969 година врз пештерската црква “Благовестие” во која, всушност, за прв пат во Галилеја се практицираше Христовата вера. Затоа црквата “Благовестие” претставува свето место за сите христијани во светот.

Најново од: Дијаспора

Илјадници наши иселеници летово во Македонија

Фиданка Танаскова Посети и дружење за незаборав Д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн помина два месеца во родната земја, исполнети со средби, патувања и дружење. Летово, во своја Македонија, на балканската крстосница во јужниот дел на Европа, допатуваа илјадници наши сонародници од различни генерации, кои низ годините заминале на разни страни од светот. Оживеаја многу […]

Градот Мелбурн им се извини на Македонците

Градскиот совет ги покани македонските играорци повторно да настапат на парадата Мумба во 2027 година, со дозвола да го истакнат знамето со Ѕвездата од Кутлеш.   Градот Мелбурн на 16 ноември 2026 година официјално ѝ се извини на македонско-австралиската заедница поради одлуката со која во март на македонските учесници на парадата Мумба им беше забрането […]

Мито Алексовски од Полска во 2010 година: Името Македонија му припаѓа на македонскиот народ

Името и другите државни вредности на Македонија не се приватни сопствености на политичарите а, ни на било која партија. Тоа се сопствености на целиот македонски народ. Исто така тоа не е стока за продавање и не постои  начин не можат да бидат тема на политички разговори или дипломатски трговии. Кој го прави тоа е предавник […]

Се одржа Јубилејна „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип

Јубилејната „Егејска вечер“ и семакедонската средба во Штип ги собраа Македонците од Грција, Бугарија и Албанија, како и Македонците од Егејска Македонија кои денес живеат во Република Македонија. Од средбата беше упатена порака за зачувување на македонскиот идентитет, поцврсти врски меѓу заедниците и поголемо внимание од институциите кон нивните права. Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на […]

Апел на Друштвото на Македонците во Полска од 28 мај 1994 година

Друштво на Македонците во Полска Гдањск, 28 мај 1994 година До Претседателот, Владата и Парламентот на Република Македонија АПЕЛ Ние, Македонци – бегалци од егејскиот дел на Македонија, здружени во Друштвото на Македонците во Полска, апелираме до Претседателот, Владата и Парламентот на Република Македонија да не се откажуваат од името „Република Македонија“, знамето, сонцето – […]

ОМД успешно ја заврши втората турнеја низ Германија

Од 2 до 8 ноември 2026 година, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) посети пет германски града. Се сретнавме со македонските заедници, ја претставивме нашата работа и направивме нови чекори кон формирање на ОМД Германија. По првата турнеја во март, вториот дел собра семејства, професионалци, здруженија и институции. Еве краток преглед на секоја станица. Бретен (Карлсруе) 2 […]

Македонската црква Свети Кирил и Методиј во Чикаго

Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго е духовно собиралиште на македонските иселеници и место за зачувување на православната вера, македонскиот јазик и традициите од татковината. Во далечната 1979 година, Македонците од Чикаго го направиле првиот поголем чекор кон остварувањето на својот сон – купиле постара црква во Бервин, Илиноис, и веднаш започнале […]

Семакедонска средба на 14 ноември во Штип

Традиционалната Семакедонска средба годинава ќе се одржи на 14 ноември 2026 година, сабота, со почеток во 12:00 часот, во хотелот „Оаза“ во Штип. Организатори на средбата се Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“. За […]

To top