Дијаспора

Од патувањата низ Србија (2)

slave-katin

slave-katin
СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА”

МАКЕДОНЦИТЕ – ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА НА СРБИЈА

Според статистичките податоци, во 1820 година Белград имал околу седум илјади жители, за по Првата светска војна тој број да се зголеми на повеќе од сто и десет илјади жители. Во 1948 година градот броел околу 360.000 жители, за денес во поширокото градско подрачје да достигне бројка од околу два милиона жители. Според пописот од 1971 година, кога градот броел околу 750.000 жители, во него 1,3% биле Македонци, односно преку 50.000 доселени пред војната и по неа.

Голем број Македонци од Тетовско, Битолско, Струшко, Прилепско, Кичевско и од други региони на Западна Македонија доаѓале на печалба уште во минатиот век, за тој број да се зголеми меѓу двете светски војни, особено по Втората светска војна, кога во Белград немало само фурнаџии, кафеанџии, семкари, слаткари и други занаетчии, туку дошла и плејада познати и признати културолози, политичари и граѓани на светот. Во тие мигови пред хотелот „Балкан“ со мислите отпатувавме во времето кога Македонците живееле од градот на белината, како често нашите го нарекувале.

Меѓу двете светски војни голем број Македонци оделе да се школуваат во Бугарија, Русија и бројни европски метрополи. Меѓутоа, по Втората светска војна Белград станал центар за голем број македонски студенти кои се стекнале со високо образование, за потоа да работат во својата татковина како професори, лекари, инженери, уметници, новинари, правници итн.

За многу Македонци Белград како главен град на Србија и на сојузната држава, како универзитетски центар останал да биде втората нивна татковина. Така, во текот на нашиот престој бевме со еден наш македонски „преспански београѓанин“ со кого го посетивме најживиот трговско-деловен дел на градот – улицата „Кнез Михајлова“. Тој ни раскажуваше дека  таа улица со закон е заштитена како историски вредна градежна целост.

Од повеќето нејзини објекти, коишто претставуваат дел од минатото на Белград, пак, нашиот пријател ни рече дека најзначајни се: Академијата на ликовните уметности, куќата на Хрисанта Хуманѕди, Српската академија на науките и уметностите, во чиј состав е Библиотеката на Архивот на САНУ, и Задужбината на Никола Спасиќ. Во близина на Калемегдан се наоѓа Конакот на кнегињата Љубица (дворец со оригинален стил), Соборната црква (изградена во неокласичен стил со барокно кубе) и Патријаршијата. 

Заедно со нашинецот отидовме до Стариот дел на Белград, до Скадарлија, која со векови е собиралиште на артисти, уметници, поети, новинари – најпознати имиња на културниот живот на Белград, а и денес ја привлекува и младината и туристите. Таму, на Плоштадот на Републиката, се издига споменикот на кнез Михајло подигнат во 1882 година, во знак на сеќавање на конечното заминување на Турците од српските градови. Вниманието го привлекуваат и Народниот музеј и Народниот театар, што се наоѓаат на Плоштадот на Републиката.  На Теразија се наоѓа Палатата „Албанија“ која пред Втората светска војна била највисоката и најубавата зграда во Белград.

Теразија во минатиот век било мочуриште, а денес тука се возвишуваат бројни културни, просветни и трговски институции. На овој простор се наоѓаат и хотелот „Балкан“, оставнината на Мавровчанецот Јаниќ, чија табла, за жал, при нашата посета беше извадена.

Нашиот пријател со кого другарувавме како студенти се потруди со автобус да го разгледаме Белград. Така, од хотелот „Мажестик“ преку Теразија се упативме кон плоштадот „Славија“ каде се наоѓа споменикот на Димитрије Туцовиќ. Го видовме Собранието на Србија, сместено во некогашниот дворец, го поминавме хотелот „Славија“ и Соборната црква „Свети Сава“ и од плоштадот на Автокоманда се упативме кон Авала.

Авала е ниска планина лоцирана на 506 метри надморска височина на шумадиската греда, и се протега од Рудник до Калемегдан. Петнаесетте километри ги поминавме за миг и се искачивме на ова значајно белградско излетиште. Го посетивме споменикот на Незнајниот јунак кој се наоѓа на врвот на планината и има облик на мавзолеј, изграден според проектот на Иван Мештровиќ. Во непосредна близина под нагорниот дел од кружниот пат се наоѓа Споменикот на настраданите советски воени ветерани, загинати во авионската несреќа во 1964 година. Меѓу зданијата сместени на Авала се и: телевизиската кула, висока 202 метра и угостителските објекти, каде се нагостивме со српски специјалитети и убаво тиквешко вино.

Во попладневните часови преку мостот „Газела“ се упативме кон Нов Белград, каде се изградени голем број монументални управни, културни и други објекти. Го посетивме Музејот на современата уметност, што е сместен во близина на сливот на реката Сава во Дунав, потоа Конгресниот центар „Сава“ и Студентскиот град, каде и ние сме имале статус на станар, за да стасаме во Земун. Овој стар град до 1918 година бил австро-унгарски пограничен дел. Во него ги видовме Тврдината на градскиот брег со Јанковата кула, Куќата со сончевиот часовник, како и други споменици.

Посетата на Земун беше предизвик за нас од Македонија, бидејќи бевме информирани дека во овој убав град, како и во селата Јабука, Качарево, Глогањ и други места живееле и живеат бројни македонски семејства, меѓу кои се познатите кичевски фурнаџии кои го одомаќиниле и бурекот и другите македонски специја-литети, како и Преспанци кои го збогатиле овоштарството. Во селото Јабука, пак, кое наликува на град, живеат повеќе од шест илјади жители, од кои 80% се Македонци, кои свиле семејни гнезда во рамниот Банат. Таму, „Кочо Рацин“, „Гоце Делчев“, „Македонија“ се најчести имиња на културните, образовните, спортските и другите организации. Така, Домот на културата го носеше името „Гоце Делчев“, културно-уметничкото друштво на Македонците се викаше „Васил Хаџиманов“, а основното училиште го носеше името „Гоце Делчев“. Сето тоа зборува за врската на Македонците во Војводина и пошироко со дедовската земја Македонија.

Ние имавме среќа да ги посетиме тие војводински села во кои пченката е најважната земјоделска култура и каде голем број македонски семејства од сите делови на Македонија, во виорот на големата повоена преобразба, добија земјиште, што беше напуштено и одземено од германските семејства. Според некои кажувања, во периодот од распадот на Југославија до денес, има бројни измени во културното, политичкото и општественото живеење на Македонците не само во Војводина, туку и во цела Србија. Имено, ако Србите во Македонија се гласноговорници и поборници за добивање на повеќе, отколку што треба, политички, црковни и социјални права, Македонците во Србија беа долго исплашени и неорганизирани, пред сѐ, поради политичките превирања и појавата на големите национализми.

selo-jabuka
Селото Јабука

belgrad-centar
Центарот на Белград

Најново од: Дијаспора

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

Дијаспората заборавени од историската слика за 8-ми септември

Идејата за самостојна Македонија не се роди непосредно пред референдумот во 1991 година. Таа долго живееше меѓу македонците во дијаспората, дури и кога јавното залагање за независност можеше да донесе прогон, затвор и уништен живот. По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од создавањето на самостојната македонска држава, под покровителство на претседателката […]

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година. Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области […]

To top