
ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА
По победата на Македонија над силите на Атинскиот сојуз кај Хajронеја (338 п.н.е.), воспоставена е македонска политичка и воена хегемонија над цела Елада. Иако македонскиот крал бил странец (варвар), овој настан придонел во обединувањето на грчките полиси, но и губење на нивната автономија.
По прераната смрт на кралот Филип II Македонски, на престолот застанал неговиот дваесетгодишен син, законски наследник на македонскиот престол, Александар III Велики Македонски. Александар е роден во Пела, македонска престолнина, во 356 година п.н.е., во месец мај или јули, по македонскиот календар. Имал само 20 години кога стапил на престолот, а веќе располагал со воено и политичко искуство. Учителот кој му дал образование на кралот над кралевите, Великиот Александар, и ги удрил темелите на современата филозофија и науката за светот, бил филозофот Аристотел, исто така Македонец од Халкидика. Таткото на Аристотел, Никомах бил личен лекар и пријател на македонските кралеви Аминта и Филип II. Аристотеловата Кралска школа во Македонија, е формирана во Миеза, во близина на Пела, меѓу Бероа и Едеса. Тука постојат пештери со убави сталактити и сталагмити, густи шуми и богати извори на кристална вода, под свежите падини на Вермион-Каракамен Планина, (Папазоглу, 1957, стр.21) т.е. во древната Аига.
Меѓу учениците на таа школа, покрај Александар, биле и неговите врсници: Птоломеј од Еордеја, Кратер и Пердика од Орестида, Хефестион, Харпат, синовите на регентот Антипатро Парсиа, Атал и Андроменеј од Стимфаја, Пантал и Милеј од Бероја, Неарх, Еригеј, потоа синот на Перминион Филот, Леорат и други синови на македонската аристократија, кои како млади команданти ќе одиграат улога во организацијата на царството на Александар.
Во текот на краткото, но многу успешно двегодишно образование и воспитна работа, Аристотел ги подготвил своите ученици за големи и одговорни задачи, за дела кои ќе го променат класичниот свет. Према Дурант (1.990), Александар за еден дел од својата сила и величина, треба да му заблагодари на својот учител, „најсилниот синтетички мислител што го познава историјата на духот; понатаму, дека двете победи на поредокот и тоа, победата на Александар во воено-политичката област и учителовата во филозофската, се само две различни страни на еден ист благороден и драмски план, двајца извонредни Македонци да извршат обединување на хаотичниот свет на антиката”.
Нередите кои настанале непосредно по инаогурацијата на младиот крал, заради ослободување од македонскиот јарем, во Грција биле задушени со молскавична интервенција на младиот крал. Со ова е воспоставен ред во земјата, а на Коринтскиот собор, во есента 336 година п.н.е., Александар бил, како претходно неговиот татко Филип, избран за главен командант-император во походот против Персија. Негова главна и непосредна преокупација била да ја обезбеди својата позадина, т.е. северната и западната страна на државата. Заради тоа, во пролетта 335 година п.н.е., почнал со војни против Трибал и Гето на север и Илирите на запад, со што го зазел целиот Балкан и ги проширил границите на својата држава од Дунав до Дрина, и од Јадран до Црното Море.
Неговото отсуство го искористила окупираната Елада. Со богата парична и материјална помош на Персија, преку Демостен и Атина и лажната пропаганда дека македонскиот крал загинал, во Теба и околината е дигнато востание. Меѓутоа, во есента истата година, со молскавичен напад на Македонците, востанието е задушено. За да се обезбеди од понатамошни нереди во Елада и да ја зацврсти својата држава уште повеќе, Александар поставил силни стражи на клучни места во воените гарни-зони во Теба, Коринт и Еубеја. Управата над Македонија и Елада му ја поверил на својот пријател и познат војсководец Антипатро, кому на располагање му оставил војска од 12.000 пешадијци и 1.500 коњаници.
Со битката кај Хајронеја и задушувањето на двете последователни востанија, 336 и 335 п.н.е., во Елада, нејзината самостојност била запечатена. Коринтскиот сојуз и „Општиот земен мир” станале политички инструменти во интерес на Македонија. Добро организираната, високо дисциплинирана, обучена и одлично опремена модерна армија, станала гарант за соборување на Персиската империја. Во тоа придонеле уште: новата воена доктрина, прекалените и искусни млади официри и големите извори за снабдување.
Во тоа време моќното Персиско царство се простирало од реката Инд до Егејското Море, од Каспиското и Црното Море до Египет. Тоа била најголема и најмоќна империја во тогашниот свет, чии воени сили изнесувале околу милион војници. По неуспешната експанзија на Персија на европскиот континент, во борбите против Скитите и Елините и поразите кај Маратон (490), Саламина (480) и Платеја (479), по еден и пол век се јавуваат Македонците како големи противници, кои ќе ја уништат Ахеменидската држава на Персијците. Тие засекогаш ќе ја отстранат големата опасност која постојано ѝ се заканувала на Европа.

Пела-престолнината на Античка Македонија Аристотел –учителот на Александар
Постои огромна литература на историчари, воени теоретичари, филозофи, филолози, од Калистен до денес, за ликот и делото на Александар Македонски, како освојувач, војсководец организатор, политичар, дипломат итн. Затоа оваа анализа не ги опфаќа овие сегменти. Се разгледуваат единствено некои поважни односи на Александар кон Елините и учеството на Елините во овие настани.
Пред походот, во подготвителниот период, Александар ги извршил религиските обреди и Олимписките игри, кои траеле девет дена, не во елинските институции во Делфи и Олимпија, туку во македонските светилишта Дион и Пела. Како стар свет град на Македонците во Пиерија, земја на музите, во подножјето на Олимп, Дион бил центар на верскиот и културниот живот на Македонија, откако кралот Архелај (413-399) во него ги востановил Олимписките игри.
Почетната задача на воените планови на Александар била да се освои Мала Азија, да се прошири на исток и да се создаде големо Македонско царство, со што би се обезбедиле морски патишта во Егеј, Мраморното и Цр-ното Море. Оваа цел подоцна е изменета и дополнета со идејата за создавање светска држава, додека судбината на Македонија останала во втор план.
Во составот на експедицискиот корпус, чие јадро го сочинувале Македонци, во копнената војска имало 34.000-43.000 војници и 4.000-5.500 коњаници, со потребна воена техника и опсадни машини. Командувањето со трупите било во рацете на македонската аристократија „хетера” (пријатели, односно другари на царот), со околу 1.500 витези. Личната гарда „агими”, која била ударна сила на младиот крал, формациски изнесувала 6.000 тешко и 3.000 лесно вооружени пешаци и коњаници (Пановиќ, 1.983, 43)
Меѓу војсководците се истакнувале Парменион, Филот, Никанор, Пердика, Антипар, Антигон, Лисимах, Селеук, Птоломеј, Касандар и многу други, кои подоцна ќе станат цареви во посталександровите македонистички држави.
Во штабот на армијата, покрај воените команданти и советници, биле и научници и филозофи, како што се историчарите Калистен и Аристобул, филозофот Анаксарх, пиротехничарот Пирон, географи, трговци и друго. Внукот на Аристотел, историчарот Калистен, покрај другите обврски имал задача да ја води коресподенцијата и да издава дневен воен Билтен (Рановиќ, 1983, 44 стр.). Што се однесува до учеството на сојузниците, нивниот придонес бил следен: Тесалците дале 600-1.500 коњаници, Тракија и Коринтскиот сојуз околу 7.000 пешаци кои ги обезбедувале помошните служби (интенданската, ветеринарната и слично), а покрај овие имало и некои елински наемници.
Во морнарицата имало околу 170 бродови, од кои 20 биле земени од Атињаните и околу 20 од островот Хија, чии грчки екипажи биле повеќе како заложници отколку сојузници (Рановиќ,1983, стр.44).
Финансиското обезбедување изнесувало 70 таланти. Во споредба со сумата од 300 таланти кои Демостен ги добил од Персија во 335 година п.н.е, за организација на востанието во Елада против Александар, овој износ очигледно бил многу скромен (Диодор, 17, 8, 5).
Силите на непријателот во реализирањето на непосредната цел биле повеќе од десет пати појаки, како во копнената војска, така и во морнарицата. Покрај тоа, Персијците имале под наем грчки доброволци од околу 30.000 воини, под команда на Гркот Мемнон од Родос и цела средоземна флота на Персија која била господар на морските патишта.
Во проценката на ситуацијата, Македонците имале во обзир дека јонските, лиѓанските и другите полиси од западниот дел на Мала Азија, ќе им биле наклонети ним, зашто настапувале како ослободители или пак ќе бидат неутрални.
За подготвениот поход, македонската армада тргнала од престолнината Пела и военото пристаниште Амфипол, во пролетта 334 година п.н.е. По 20 дена движење и преминување на Хелиспонд, дошло до судир на непријателските формации. По молскавичниот пораз на персиската војска и грчките наемници на реката Граник, Александар со последователни борби и победи ги ослободил Јонија, Ликија и цела западна и централна Мала Азија, со егејските острови. Есента 333 години п.н.е., во битката на реката Ис, македонскиот цар ги победил здружените сили на персискиот цар на царевите Дариј III Кодоман и околу 30.000 грчки наемници (Аријан I, 16, 24 и Диодор XVII, 24, 1). Оваа Александрова битка во која имало многу малку загуби кај Македонците, по своите успеси, резултати и последици е најголема битка во светската историја (Рановиќ, 1983, стр.47). Во оваа битка на Ис, покрај големиот број заробени непријателски војници и официри, оружје, злато и др., заробено било и царското семејство. Во ропство паднале мајката на Дариј, жената, сестрите, двете ќерки и синот, додека царот побегнал.
Исходот на оваа победа имал голем одек во Македонија и Елада. Коринтскиот сојуз донел одлука Александар да се овенча со златен венец, како акт на благодарност во име на цела Грција, па на победникот му испратил 15 пратеници да го сторат тоа. На жителите на освоените територии во Мала Азија дадена им е слобода, а на полисите самостојност наместо приклучување во Коринтскиот сојуз, како што посакувале Елините, така што панелинската идеја во главите на македонскиот штаб ја губела целта.
Со овие активности Македонците во потполност и за многу кратко време ја исполниле својата поблиска задача. Тука созреала идејата за освојување на цела Персија и создавање на единствена светска држава, со единствена управа и единствен економски систем.
Во дотогаш освоените територии, организацијата на управување е спроведувана под единствен принцип. За воена управа и финансии, Александар секогаш поставувал само Македонци, додека цивилната управа ја оставал на домородците.
Пишуваат:
Академик Антоније Шкокљев-Дончо

Славе Николовски – Катин