
ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА
По заземањето на Мала Азија, персиската воена сила на копно не била во потполност скршена, а морнарицата била недопрена во пристаништата на Средоземјето. По освојувањето на Дамаск и цела Сирија, пред Македонците се испречила најсилната тврдина од тоа време, градот Тир на море. Следеле страшни борби кои траеле седум месеци. Опседнатиот град паднал во летото 333 година п.н.е. и при тоа биле заробени 30.000 војници. Оваа победа исто така се вбројува во големите светски настани на своето време.
Со понатамошно напредување, по два месеца опсада, заземени биле Газа, цела Јудеја и Египет. Во Мемфис на Александар му се укажани сите почести како ослободител на земјата и е прогласен за наследник на фараоните. Во почетокот на 331 година п.н.е., македонскиот владетел на устието на реката Нил, го изградил градот Александрија. Тоа исто го сторил и во Газа. Во овие градови донел колонисти од Македонија и Елада. Во подоцнешните години, Александрија ќе стане најважен научен и трговски центар на светот, не само во елинистичкиот туку и во римскиот период, сè до процветот на Цариград. Персиската морнарица се предала, по заземањето на Либија, со што Македонците станале господари на источното Средоземје.
Александровиот престој во Египет е врзан со една интересна анегдота, која е проткаена со романтичната природа и мистицизмот на младиот освојувач. Се работи за посетата на Оаза Силва во Сахарската Пустина, каде било светилиштето на богот Амон-Зевс. Неговата оддалеченост од Александрија е 600 км низ беспатица и безводна сурова пустина. Дистанцата била премината за кратко време, што се смета за значајно достигнување во извежбаноста, добрата кондиција и војничката способност. Во храмот на богот Амон (бог на боговите), Александар бил прогласен за Амонов син, што оставил силен впечаток во целата Империја.
Враќајќи се во Тир, експедицискиот корпус добил појачување во луѓе и опрема од Македонија, од Антипатр. Консолидирајќи ги своите сили, Александар направил добар гест кон Атина со тоа што ги вратил заробените Грци кои како наемници се бореле во персискиот табор. Во есента 331 година п.н.е , македонскиот гувернер Антипатр го задушил бунтот на спартанскиот крал Агист III. Оттогаш, па сè до Александровата смрт, ниеден елински крал не се побунил против Македонија.
Во меѓувреме, Александар вторпат ја одбил понудата за мир од персискиот цар, Дариј. Тој им ги нудел на Македонците сите територии на неговата Империја западно од Еуфрат и 10.000 таланти за откуп на своето семејство. Под овие околности, на видик била конечна пресметка.
Александровата армада била засилена со нова ефектива од Македонија, па така располагал со 40.000 пешадијци и 7.000 коњаници. Армијата на Дариј имала 1.000 000 војска која била наоружена со нова опрема и воени слонови. Двете армии подготвивале нова тактика на војување. Односот на силите бил 2:1 во корист на Персијците.
До одлучувачката и последна битка дошло на 11 октомври 331 година п.н.е. кај Гавгамел, поранешна асирска престолнина, или денешен Мосул. Поразот на Персијците бил тотален. Победиле македонската доктрина, вештина, дисциплина и јунаштво.
Во текот на 331 година п.н.е Александар го зазел целото царство, сè до кинеската и туркменската граница. Во рацете на македонските воини паднале прочуени градови, како Вавилон, Суса, Персепол и други, многу заробеници, богата опрема, наоружување и повеќе од 170.000 таланти. Сè до 327 п.н.е. Александар со голем успех го завршил планираниот поход и за девет години воспоставил македонско владетелство од Дунав и Дрина до Пелопонез, и од Јадран до Кина.
Во текот на неговата персиска кампања, односите со Елада повторно се влошиле. По битката кај Гавгамел, Александар ги отпуштил елинските сојузнички сили на Коринтскиот сојуз и тесалските коњаници со големи подароци, со што ја прекинал и оваа слаба симболична нишка на соработка со Елините. Со ова на Грците им се ставило до знаење дека дошол крајот на „панелинскиот” поход и Коринтскиот сојуз и дека Грците нема да учествуваат во понатамошните настани, а со тоа нема да бидат учесници во постигнатите успеси (Рановиќ, 1983, стр.64).
По досегашните победи, е извршена реорганизација на власта во Персија, на војската и отстранета е кризата во редовите на македонската аристократија, а со тоа биле создадени претпоставки во летото 327 п.н.е. Александар да преземе поход на Индија.
Целта на походот била создавање нова светска монархија, запознавање со нови народи, нови морски патишта, нови економски односи и да се достигне крајниот свет.

Александар Македонси, Дариј
Според Аријан (19, 5), македонските сили броеле околу 120.000 војници. Походот тргнал од Бактрија, преку денешен Авганистан и Пакистан, до Индија. Оваа експедиција го чинела Александар многу труд, борби и војници, не сметајќи ги трошоците. Во „земјата на чудата” Македонците влегле во 326 п.н.е. Индискиот цар Пор дал силен отпор и тоа била една од најкрвавите Александрови битки. На р. Хифес, најисточниот дел на р. Инд, Александар изградил 12 богомили со висина од 22 м, кои ги посветил по имињата на своите богови. На огромен обелиск напишал: „Овде застанал Александар”.
Според Филострат (цитат според Рановиќ, 1983, стр.70), храмовите биле посветени на поголемиот број богови со натписи „на мојот татко Амон”, „на мојот брат Херкул”, „на мојот брат Аполон”, на божицата Атина, Зевс, на богот на сонцето на Индија итн. Интересно е што еден храм посветил на старите пелашки божества Кабирите, кои посебно биле почитувани во Македонија и на островите Самотраки и Лемно, каде им припаѓал и Кадмо.
Во Пенџап и долж Инд, Александар изградил многу градови, како Никеја, Букефал, Александрија Опиана, Александрија Порте (Карачи) пристаниште и бродоградилиште во Патала (Хаидарабад) и други, со што се воспоставиле цврсти врски меѓу Македонија и Индија.
Покрај тоа, македонската експедиција успеала да собере научни податоци од етнографијата, географијата, ботаниката и астронимијата, како и да ја прошири употребата на македонскиот јазик на сите освоени простори до Хималаи и Индискиот Океан.
Рановиќ (183, стр.78), тврди дека Александар придонел и во ширењето на будизмот во Индија преку царството на Ашоките. Имено, моќното македонско-индиско царство Магадха дошло до врвот во времето на владеењето на Ашока (274-237). Тој ја започнал ерата на будистичките мисионерски активности, кои имале далекусежни последици во Централна Азија и Далечниот Исток. Ашока примил многу амбасадори од македонските држави, а за возврат праќал свои пратеници. Бидејќи го покорил кралството Калинга (денешната индиска држава Орис), се одрекол од војните. Името Калинга и понатаму живее во називот „Награда Калинга”, која УНЕСКО секоја година, од 1.951 година, ја доделува за придонес во популаризацијата на науката (Дани, 1.990, 59). Движењето на учените будисти ги охрабриле другите мисионери како што се зороастријците, манихејците и други.
За време на Александровата кампања на Исток, но и подоцнешните негови држави, воспоставиле односи со кинеската династија Хан и „патот на свилата”.
Враќањето и смртта на Александар
По девет години напредување и перманентни акции од војничка и политичка природа, кои почнале 334 п.н.е. во Македонија и завршиле 395 п.н.е. во Индија, хероите биле изморени. Прифатен е предлогот на командантот за враќање во Вавилон. Планирано е движењето да оди во две колони, по сувоземен и морски пат. Појдовна точка бил градот Патала. На чело на сувоземната армија од околу 120.000 воини одел Александар, по крајбрежниот пат покрај Персиското Море. Вториот дел, под команда на адмиралот на флотата, Неарх, тргнал по морски пат, преку Индискиот Океан и Персиското Море, кон Месопотамија. Двете колони се споиле во март 324 п.н.е. во градот Суса каде била одржана голема свеченост, со парада на војската, со одликување и награди за заслужните борци.
За време на престојот во Суса, големиот освојувач дошол на идеја за збратимување со Персијците и создавање единствен свет, што била цел на неговите идни остварувања. Тежнеел да ги спои македонскиот и персискиот народ и да направи асимилација на персиската аристократија. Затоа им предложил на своите офицери и војници да се оженат со Персијки, придржувајќи се на персиските обичаи за полигамија. Во таа прилика покрај него во брак стапиле уште 80 хетери и 10.000 војници.
Покрај тоа, извршил реорганизација на армијата, регрутирал околу 30.000 кадети со персиска народност и поголем број персиски офицери. Свадбата која ја организира Александар Македонски била најголема и најмасовна во историјата на човештвото. На таа свадба тој се венчал со две жени иако имал една во Македонија. Подароците за сите млади ги обезбедил на време. Парите за свадбата ги пренесувале десет илјади мазги и пет илјади камили. Церемонијата и веселбите биле според македонската богата традиција.
За време на одморот кој истата година го минал во Медиска Екватана, имал значајно советување со своите соборци и биле донесени значајни одлуки. Било решено една истражувачка екипа да се упати и ги испита Запад-ното и Источното крајбрежје на Арапскиот Полуостров од Месопотамија, а другата, од Суец да го испита Еритрејското Море и неговите брегови. Одредена била и екипата која ќе го проучи Каспиското Море и неговата околина. Александар планирал да подготви голем поход на северниот брег на Африка, до Гибралтар и да ја покори Картагена.
Во прогласот за успешниот поход над Азија, кој Александар им го пратил на учесниците на Олимписките игри, преку Аристотеловиот посинок Никанор, а истовремено ја изнел одлуката за амнестија на сите политички затвореници во неговото царство и за враќање на личните и имотни права. Во пролетта 323 година п.н.е. Александар се наоѓал во Вавилон. На големата свеченост ги примил пратениците кои дошле да му честитаат, да го изразат своето пријателство, покорност и желба за соработка. Биле претставници од Картагина, Етиопија, Либија, Рим, Иберија итн. Претставниците на Грција на Големиот цар му донеле златни венци како знак на признавање. Големото учество на пратениците од тогаш целиот познат свет, ги убедило учесниците и младиот цар дека идејата за космополитизам и единственост на светот, не е фантазија.
Меѓутоа, во околностите на успех и слава, животот на храбриот и славен војсководец се ближел кон крајот. Смртта го затекнала кога имал 33 години и бил на царска власт 13 години, на ден 13 јуни, или по македонскиот календар на 28, во месецот дисиос. Македонија го изгубила својот најголем син, генијален генерал и политичар, но името Македонија и неговото гигантско дело станале составен дел од европската и светска цивилизација.
Пишуваат:
Академик Антоније Шкокљев-Дончо

Славе Николовски – Катин