
ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА
Популацијата во Македонија се намалила за време на освојувањата на Александар на Исток за околу 45 000 војници, придружни службеници и колонисти. Многу од нив се вратиле, но недостатокот е надоместен и во текот на следните генерации. Миграција на населението немало. Во периодот на доаѓањето на Римјаните имало 86-100 поголеми или помали градови во Македонија и овој број, во сите три римски периоди, останал ист, со помали промени. Стопанството било добро развиено и Македонија бил сметана за богата земја.
На новите завојувачи Македонија им послужила како мост за понатамошна експанзија во правец на Тракија и Мала Азија. Заедно со римските трупи и политичарите, на Балканот продираат пословни луѓе, а нивниот капитал почнал да игра сè позначајна улога. Со својата геополитичка положба, реномето, традицијата и стопанството, Македонија нудела големи можности. Заради тоа почнале и вложувања. Била направена добра патничка мрежа, во почетокот за воени и административни потреби, а која била изградена уште во времето на македонскиот крал Архелај (413-389).
Од Тесалоники, како копнен, поморски, административен, економски и културен центар, почнува нов просперитет на провинцијата на Македонија. Изградена е патна трансверзала Via Egnatia, која преку Via Appia во Италија ги поврзала Исток и Запад и го спојувала Рим со Македонија, Тракија и Мала Азија. Оваа трансверзала уште повеќе ја поврзала вештачки поделената Македонија. Следат патна и речна сообраќајна артериска вертикала, која одела од југ на Елада кон север и ги поврзувала Атина, Теба, Бероја, Тесалоники, Стоби, Скупи, Наис, Сингидунум, Сирмиум итн. Овие сообраќајници биле дополнети со уште една паралелна спојница, од Via Egnatia која одела од Хераклеа кон исток и ги опфаќала Стоби, Сердика, Филипуполис и Константинопол.
Унапредувањето на трговијата и занаечиството придонело за развој на некои градови, не само во економска и воена, туку и во културна смисла. Истражувањата укажуваат на голем просперитет кои го имале градовите како што се Тесалоники, Стоби, Хераклеа, Филипи, Бероја, Едеса, Пела, Скупи, Диоклецианопол и други. Отворени се училишта и гимназии, па Македонците како граѓани на Римската империја, со римско граѓанско право, земаат учество во животот на Империјата како чиновници, војници и друго.

Хераклеа
Според евиденциските списоци кои се најдени кај ископината во Стибера, град во северозападна Македонија, кој бил главна база на Македонците во нивните операции против Илирите, во овој град бил gimnasion за време на Римјаните. Евиденцискиот лист содржи преку стотина имиња на efeba (момчиња) – регрути обврзници, од 190, 203, 206 и 223 н.е. Се работи за регрутни евиденциски книги на општините, од околу 20 000 слободни луѓе (Papazoglu, 1957 стр. 220). Овој град дал и еден конзул и неколку македонијарси.
Списоците кои се најдени на други локалитети истотака укажуваат на широко учество на Македонците во римските легии, а две „кохорти“ (воени единици од 500-600 војници) носеле македонско име. Во почетокот на III век римскиот цар Каракала (211-217) објавил едикт по кој правата на римското граѓанство се прошириле на речиси целото слободно жителство, со цел да се заврши процесот на асимилација кој започнал уште во време на Републиката. По овој едикт Каракала организирал фаланга од 16 000 Македонци кои учествувале во судирите со непријателите на Римското царство, во 213 година. И во овој период демографскиот развој на македонското население е зачуван.
Културниот развој на Македонија покажувал сè поголеми успеси. За тоа сведочат многубројните религиски градби, палати, јавни купатила, водоводи, канализации, улици, плоштади, театри, тврдини и друго. Уметничките предмети ги украсувале приватните и јавни градби, пред сè декоративна пластика, фрески итн. Македонците го зборувале својот „коине“ или Александровиот македонски јазик и пишувале со алфабетско писмо.

Стибера
Во текот на раното царство, императорот Август извршил колонизација на некои градови во Македонија и тоа: Пела, Филипи, Стоби, Дион и Касандрија, со колонизатори од Италија и воени ветерани. Колониите го уживале римското граѓанско право. Со време дојденците биле асимилирани.
Меѓу градовите во Македонија кои имале посебен напредок и процвет во римскиот период се: Бероја, Хераклеа, Пела, Стибера, Лихнида, Едеса, Стоби и Тесалоники, но и други.
Бероја (Ber), во Долна Македонија, бил седиште на провинцинскиот кинон. Како и Неа Никомедеја, Бероја или Бер, спаѓа во Македонија во најстарите неолитски населби од VII милениум п.н.е. За време на Римската империја го задржал реномето како еден од најмногубројните македонски градови, каде покрај Македонци живееле и Римјани и Евреи. Градот бил избран да се грижи за царскиот култ и храм и ја носел титулата метропола. Во Бероја секоја година се одржувале свеченостите на царскиот култ и Олимписките игри. Големите згради, храмовите и плоштади ги разубавувале многубројни споменици и уметнички дела. Во ранохристијанско време Бероја имала епископско седиште. Во неа Апостолот Павле ги држел своите проповеди.
Хераклеа (Херина слава, Битола) во Горна Македонија, голем град изграден од Филип II, го задржал својот процвет и за време на римското владеење. Наоѓајќи се во плодната Пелагонија и на главната магистрала Via Egnatia, Хераклеа станала голем економски, воен, административен и културен центар, а за време на христијанството и епископско седиште. Во Хераклеа во 48 п.н.е. се одржал важен состанок меѓу Помпеја и пратениците на Детскиот крал, што сведочи за важноста на овој град.
Стибера во северозападниот дел на Горна Македонија, бил многу развиен град за време на македонската монархија и главна база во операциите против Илирите, на локалитетот Чепигово во Пелагонија. Ископувањата укажуваат дека во периодот на римското владеење бил многу распространет и населен, со уредување на една самоуправна единица и околу 200 илјади жители.
Продолжува
Пишуваат:
Академик Антоније Шкокљев-Дончо

Славе Николовски – Катин