Историјата на Македонија, како држава и земја, денес побудува голем интерес во светот, не само поради современите политички случувања што се одиграа во последно време во југоисточна
Европа (распадот на комунизмот, распадот на Југославија, Косовската криза), туку, пред се, поради значајните личности што оваа земја ги има дадено како прилог во целокупната човекова цивилизација.
Да се потсетиме само на славниот цар Александар Велики Македонски (синот на царот Филип Втори Македонски), во чие време македонската империја се протегала на три континенти и чија крајна цел била создавање на општосветска империја, во која требало да нема граници во мешањето на различните култури и во која сите народи требало да живеат братски.
Да се потсетиме и на славната египетска кралица Клеопатра Седма, која, по крв и по гени, била етничка Македонка. Таа била далечна правнука на Александровиот генерал Птолемеј, кој, по распадот на македонската империја, останал да владее со Египет.
Да се потсетиме и на фактот дека христијанството во Европа за првпат почнало да се шири токму преку Македонија. Македонија и Македонците повеќепати се спомнати во Библијата, најмногу поради мисијата на светите апостоли Павле и Лука кои престоју-вале во оваа земја. Првите европски христијани што се христијанизирале на тлото на Европа биле Македонци.
Во Македонија е роден и познатиот византиски цар Јустинијан, а етнички Македонци биле и византиските цареви, припадници на Македонската династија, која владеела со Византија од 9 до 11 век.
Македонија ги дала и светите браќа Кирил и Методија, кои денес, во Европа се третирани како ‘сезаштитници на европскиот континент’ и кои го создале првото писмо на т.н. ‘словенски народи’.
Македонија го дала и свети Климент Охридски, човекот за кој се смета дека ја создал кирилицата – писмо на кое денес пишуваат неколку стотици милиони Руси, Украинци, Срби, Бугари, Црногорци, Македонци и припадници на други народи.
Етнички Македонци се и над осумдесет светители, кои денес се слават во католичката и во православната црква.
Во Македонија и денес живее народ, чии припадници отсекогаш себеси се нарекуваат Македонци и кои од дамнина живеат во оваа земја. Соседите на Македонија (а пред се Грција и Бугарија, кои денес држат под окупација делови од Македонија, а порано и Србија), го негираат постоењето на засебна македонска нација, користејќи ја својата бројност и поголема моќ во однос на Македонците.
Но, и покрај тоа Македонија и македонската нација го доживуваат своето повторно воскреснување. Во 1991 година беше возобновена независната македонска држава. Па, сепак, денес за Македонците многу малку се знае во европската и светска јавност. Зошто е тоа така?
Како прво, древна Македонија, како држава, престанала да постои уште во 2 век пред Христа (веднаш откако Римјаните ја окупирале македонската држава). Оттогаш (освен неколкуте обиди за нејзино обновување во средновековието), Македонија и Македонците континуирано се наоѓале под разни ропства. Во 1913 година Македонија е поделена на четири дела, по што, за етничките Македонци, настапи тежок период на нивна денационализација. Македонците, кои останаа да живеат под Србија беа убедувани дека се ‘Срби’, оние кои останаа да живеат под Грција беа убедувани дека се ‘Грци’, оние кои останаа да живеат во Бугарија беа убедувани дека се ‘Бугари’, а оние под Албанија, дека се ‘Албанци’. Сето ова не минува без отпор од страна на Македонците, како на културно, така и на воено поле.
За време на Втората светска војна Македонците во трите дела на Македонија кренаа национално востание, но само Македонците во делот окупиран од Србија успеаја да добијат свои национални права (иако во рамките на недемократскиот југословенски комунистички режим).
Во 1991 година, заедно со распадот на комунистичка Југославија, овој дел од Македонија, успеа да се осамостои како засебна држава под името – Република Македонија. Така повторно е обновена славната древна македонска држава, иако само на дел од својата етничка територија.
Сето ова значи, дека, едноставно, досега другите (поробувачите или оние кои владееја со Македонија) им ја пишуваа историјата на Македонците. Но, од 1991 година, па наваму Македонците, за првпат, се во состојба слободно да ја експонираат пред светската јавност вистината за сопствените етнички корени и за првпат се слободни самите да проговорат за историската и културна величина на својата земја (иако рековме дека и во рамките на југословенскиот комунистички режим Македоцните уживаа национални права и имаа своја република).
Сепак, Македонците кои останаа да живеат под Бугарија и Грција и денес немаат никакви национални права и врз нив и натаму се врши жестока денационализација.
Што се однесува до Албанија, иако оваа држава ги признава Македонците како посебен народ, сепак таа во официјалните документи го прикрива вистинскиот број на Македонците што живеат во нејзините граници, со тоа што ги признава за Македонци само Македонците кои живеат во Мала Преспа, додека такво признавање не им дава на најголемиот дел Македонци со муслиманска вероисповед кои живеат во Голо Брдо и пошироко во Албанија, како и на остатокот Македонци со православна вероисповед кои живеат во поголемите градски центри во Албанија.
Под постојан притисок се наоѓаат и Македонците кои живеат во Гора (според тоа се наречени и Горанци), во Србија (Косово), каде што поради несредените услови, Македонците мора да ги кријат својот национален идентитет).
Превземено од UMO of Canada