
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Преку информативните гласила во новите средини Македонците ги збогатуваат своите национални вредности со помош на културните институции во новите средини и на тој начин го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини во иселеништвото, меѓу кои се следните:
5. Во одбрана на македонскиот јазик” (1960). Оваа специјална публикација на Комитетот за протест против забраната на славо-македонскиот јазик во Грција се појави во март 1960 година, во пет илјади примероци, на 4 страници, на формат 29,5 х 41 см. Отпечатена е на македонски јазик со латиница, а има текст на англиски и на грчки јазик. Бројот обилува со материјали во врска со забраната на македонските доселеници во Беломорска Македонија одржана протесна конференција во Адејланд, на 2 и 3 јануари 1960 година, од каде произлезе и една Резолуција која е испратена на многу адреси.
Во продолжение на овој број се поместени Резолуцијата и други информации и соопштенија, со кои се упатуваат македонските доселеници во Австралија да протестираат пред сите грчки конзуларни претставништва во Австралија, потоа за протесната конференција, и текст за одбраната на мајчиниот јазик.
6. “Народен глас” (1962-1963). Првиот број на ова гласило излезе во декември 1962 година. Како издавач е наведен Алек Раковитис, познат како активист на МАНС во Мелбурн, меѓутоа иницијативата ја поведува и работата фактички ја води Стојан Србинов, порано уредник на “Македонска искра”. Се печати со латиница, освен насловот кој е со кирилица. Вториот број е отпечатен на 2 февруари 1963 година, на четири страници, на формат 32 х 49 см. Речиси половина од просторот е посветен на катастрофалните поплави во Македонија во ноември 1962 година, информации за штетите и за кампањата за собирање помош од иселениците во Мелбурн.
Бројот четири од 13 април 1963 година, е отпечатен на македонски јазик со кирилица, на помал формат 28 х 41 см. На четири страници. За првпат во историјата на македонската емиграција во Австралија се печати весник на кирилица, кое е основно писмо на нашиот книжевен јазик.
Бројот пет е од август 1963 година и е последно издание на “Народен глас”. Тој е печатен на македонски јазик со кирилица, на ист формат како и претходниот број, а на десет страници. Посветен е на 60-годишнината на Илинденското востание.
7. Единство” (1965). По згаснувањето на “Македонски глас” во 1958 година во информативната дејност кај Македонците во Австралија настана голема празнина. Во тој период & се отвори простор на бугарската пропаганда машинерија, која успеа една група поранешни активисти на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС) да ја натера, да издава весник. Весникот е наречен “Единство”, чиј прв број излезе во септември 1965 година во Сиднеј, деклариран како општествен и економски весник.
Првиот број е отпечатен во Сиднеј во септември 1965 година на среден формат 31 х 43 см. На бугарско-македонски јазик со латиница, само насловот (клишето) е со кирилица. Вториот број се појавил во октомври 1965 година, во кој е објавена статија за Илинденското востание со некои стари “видувања” и “вистини”. Исто така, поместен е текстот под наслов “11 Октомври – Денот на оруженото востание” во кој покрај другото, се наведува дека 11 Октомври е симбол на вековните стремежи на македонскиот народ на злобода и е национален празник како во стариот крај, така и на Македонците во Австралија и во светот. Потоа поместен е текстот за одржувањето на годишното собрание на организацијата ‘Весела Македонија” од Сиднеј и текстот по повод изборите на црковното раководство во Македонската православна црква Св. Ѓорѓи во Мелбур.

8. “За Единство” (1966). Со пропаѓањето на “Единство” во 1965 година, се направи уште еден обид да излезе весникот, но со нешто изменето име. Имено, се појави под наслов “За единство” во ноември 1966 година како бр. 3. Весникот кој повеќе личи на леток, се појави во Сиднеј и од него е отпечатен само еден примерок, на 4 страници, формат 20 х 31 см. Отпечатен е на англиски и на нечист македонски јазик, а и насловот на весникот е на латиница. Посебен простор е посветен на гостувањето на КУД “Светлост” од Мелбурн во Сиднеј и Њукасл.
9. “Македонски илинденски весник” (1966-1967). Првиот број на ова македонско гласило се појави во август 1966 година на шест страници, како продолжение на “Билтенот на Македонската православна црква Св. Ѓорѓи” од 1965 година. Првиот број на “Македонски илинденски весник” се појави по повод прославата на Илинденското востание. Во него преовладуваат текстови за Илинденското востание, статии по повод 40-годишнината од смртта на Крсте Мисирков, за 1050 – годишнината од смртта на св. Климент Охридски и друго. Посебно место е посветено на десетгодишнината од создавањето на Македонската православна општина во Мелбурн, потоа информации за работата на македонската општина во Перт и за илинденските прослави. Не е наведено кој го уредува весникот, но се чини уредници се членови на црковната општина.
Другиот број на “Македонски илинденски весник” излезе во август 1967 година, на десет страници, на формат 28 х 42 см. Тоа е издание на македонските општини од Мелбурн, Перт, Аделајд, Були, Вулунгонг, Порт Кембла, Њукасл, Квинбијан и Шепартон. Важен простор му се посветува на текстот за прогласувањето на Македонската православна црква за автокефална, проследен со фотографија на поглаварот на обновената Охридска архиепископија, македонскиот архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН