
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Публикацијата, пак, „Македонците во Светот“ од Слааве Катин, која е во издание на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје и Фондацијата „Џорџ Атанасоски“ од Прилеп излезе од печат во 2021 година Таа претставува значајна и своeвидна документација за одбрана на националното, духовното и културното битие на Македонецот во светот.
Ова дело е обид да се осветли иселеничката одисеја на Македонците во САД, Канада, Европската Унија и Австралија и да се остави неизбришлива трага за нивното постоење и активности во државите во кои несебично ги вградиле своите човечки и интелектуални способности за развојот на македонската вистина во тие демократски општества. Публикацијата е отпечатена на 520 страници, на македонски јазик.
Таа, всушност, открива еден навидум познат, а, всушност, недоволно осознаен феномен на Македонците во дијаспората: способноста за нивното брзо адаптирање и интегрирање во новата средина; изостреното чувство за прифаќање на новите општествени норми и стандарди и успешното вклучување во новите економски, социјални културни и други процеси. Таквиот modus vivendi им овозможува да го свртат вниманието на тамошниот естаблишмент врз сопствените цивилизациски вредности и врз својот автентичен геокултурен автопортрет, со кој Македонецот е препознатлив, речиси, на сите меридијани.
8. “ЦРКОВЕН БИЛТЕН” (1981 –) – ДЕТРОИД. Првиот број на ова гласило бил печатен како тримесечник за август, септември, октомври 1981 година во Детроид, на 12 страници и на формат 13,5 х 21 см. Тој е орган на црквата “Раѓање на Пресвета Богородица” од Детроид. Секоја година се печатат по неколку црковни билтени.
9. “ЦРКОВЕН БИЛТЕН” (1983-1986) – ЧИКАГО. Во 1983 година во Чикаго започна издавање на Црковен билтен како тримесечник на 20 страници и на формат 13,5 х 21,5 см. Тој се печател во рамките на Црквата “Св. Кирил и Методиј “ и од него се отпечатени 11 броја.
10. “АЛМАНАХ” (1988) – РОЧЕСТЕР. По повод 10-годишниот јубилеј од осветувањето на Македонската православна црква “Св. Димитрија” во Рочестер, на 21 август 1988 година е издаден годишен “Алманах”. Тој е отпечатен на 100 страници на формат 21,5 х 27,5 см, на македонски јазик со кирилица, а само некои од документите се на англиски јазик.
11. “МАКЕДОНИЈА НИЗ ВЕКОВИТЕ” (1992) – ОРМОНД БИЧ. Во издание на Македонскиот светски конгрес со седиште во Ормонд Бич во Флорида, во 1992 година се појави брошурката под наслов “Македонија низ вековите”. Таа е печатена на англиски јазик на 16 страници, со формат 14 х 22 см, која содржи материјали во одбрана на македонската историја и јазик.
12. “ГЛАСНИК” (1996) – ЛОРЕИН. Во рамките на црковната општина “Св. Климент Охридски” во Лореин, во текот на 1996 година било отпечатено верското гласило “Гласник” на формат 28 х 21,5 см на 16 страници. Тоа било со религиозни текстови.
13. “СВЕТ КОПНЕЖ” (1996) – ЛОРЕИН. И ова гласило е отпечатено во рамките на Црквата “Св. Климент Охридски”. Тоа е печатено на мал формат, 21,5 х 14 см, на 12 страници и има религиозен карактер.
14. “ВЕСНИК” (2000) – КЕНТОН. Во март 2000-та година, во рамките на Црквата “Св. Никола” во Кентон бил печатен месечникот “Весник”како гласило на црквата. Во него се дадени текстови од религијата и од активностите на црквата.
15. “МАКЕДОНСКИ ФЕСТИВАЛ” (1995 –) – ДЕТРОИД. На 11 јуни 1995 година, по повод Вториот македонски фестивал што го организирала Св. Богородица од Детроид било отпечатено ова пригодно издание. Во него се застапени спонзорите кои го помогнале фестивалот, а вакви изданија се печатат секоја година.
16. “БИЛТЕН” (1995 -) – ДЕТРОИД. Во рамките на Црквата “Св. Ѓорѓи Кратовски” од Фармингтон Хилс излегува “Црковен билтен”. Тој се печати на формат 21,5 х 27,5 см, на 32 страници и е исполнет со корисни материјали од религијата и општественото живеење.
17. “МАКЕДОНСКИ МЕСЕЧНИК” (1999) – ЊУ ЏЕРСИ. Македонската заедница во Њу Џерси го издала “Македонскиот месечник” на 14 страници мал формат. Тоа е прв младински весник и орган на Македонската младинска организација од Њу Џерси.
18. “ДУХОВНА ИСКРА” (1996 – ) – СИРАЌУЗ. За октомври, ноември и декември 1996 година во Сираќуз излезе првиот број на “Духовна искра”. Изданието е печатено во рамките на американско-канадската македонска православна епархија. Во мај и јуни 1997 година е отпечатен вториот број.

Македонски радија и ТВ часови во САД.
Првите обиди за започнување со радио програма кај доселениците од Македонија во САД се јавиле во 50-тите години. Првиот радио час на македонски јазик бил отворен во Гери – Индијана во октомври 1954 година, под име “Американско-македонски радио час”. Исто така, во Гери бил отворен уште еден радио час на 3 март 1972 година кој се емитува и денес. Во 1977 година во Гери започна да се емитува уште еден македонски радио час кој престана во 1983 година. Во Детроид првиот радио час на македонски јазик започна во 1967 година под име “Југословенска програма”. Овој радио час се емитувал с# до 2001 година под името Радио програма “Оро македонско”.
Исто така, во Детроид се емитувале радио часови во 1972 година под име “Југословенски радио час”, а во 1977 година започна со работа телевизискиот час под име “Балкан ТВ шоу”, а во 1980 година започна со работа “Југословенско-американската ТВ програма” која повремено се емитуваше с# до 2000-та година. Радио часот “Глас од Македонија” започна да се емитува во Детроид во мај 1975 година.
Во исто време започна да се емитува уште еден македонски радио час на “Станицата на нациите”, кој работел се’ до 1983 година. Во рамките на Македонската православна црковна општина “Св. Богородица” од 1985 година започна да работи радио часот “Македонски глас” кој се емитува и денес. Во Детроид од мај 1986 година започна да се емитува радио часот под име “Југословенско-вардарска радио програма”. Денес оваа програма се води под името “Македонски радио час” од “Срце за срце”. Во август 2001 година во Детроид започна со работа новата радио програма “Македонија”.
Во рамките на црквата “Св. Ѓорѓи” во Сираќуз, во текот на 1973 година започнал да се емитува македонски радио час кој работел с# до 1978 година. Исто така, во Рочестер на 4 ноември 1984 година на патрониот празник на црквата “Св. Димитрија” започнал да се емитува македонски радио час, кој и денес е еден од активните.
Првиот македонски радио час во Њујорк бил отворен на 10 септември 1971 година. Тој е и денес еден од најактивните и најдобрите македонски радио часови на северно-американскиот континент. Исто така, во Њујорк во 1975 година започна да се емитува првата телевизиска програма на македонски и на српскохрватски јазик.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН