
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН
Македонците кои работат во поголемите центри ширум Европската Унија, уште со доаѓањето имаат организиран живот преку организациите, клубовите, друштвата, црковните општини, печатот и другите асоцијации.
Со различен успех се организираат информативни гласила (печат, радио), културно-забавни, воспитно-образовни, црковно-просветни, спортски и многу други активности, кои придонесуваат за зближување во новите средини во Европската Унија.
Уште со доаѓањето во новите средини во повоениот периот, Македонците во западно-европските земји правеа обиди да печатат гласила на македонски јазик. Во почетокот иницијатори беа поединци-емигранти декларирани како антикомунисти во логорите за емигрантите.
Тоа зборува за организираното живеење на Македонците во демократската Европска Унија и нивниот придонес на сите полиња во општественото живеење. Тие се вистински амбасадори на македонската култура, јазик, обичаите, религијата и други македонски обележја, особено со македонските информативни гласила, со што претставуваат мост меѓу Европската унија и Република Македонија.
3. “Агонистис” (“Борец”) 1950 – 1971) – Букурешт. По граѓанската војна во Грција бројот на политичките емигранти во Чехословачка беше околу 12.000, од кои над 2000 Македонци, претежно од Леринско-костурскиот регион.
Информирањето за Македонците и Грците се вршеше преку заеднички весник со име “Агонистис” (“Борец”). Ова гласило започна да излегува во почетокот на 1950 година во четири страници, од кои една, а понекогаш и две беа на македонски јазик.
4. “Прос ти ники” (“Кон победата”) “Неос дромос” (“Нов пат”) (1951-1968) – Ташкент. Улогата на информатор меѓу политичката емиграција од Грција во Ташкент ја вршеше весникот “Про ти ники” (“Кон победата”), кој под ова име излегуваше во Грција како орган на Главниот штаб на ДАГ, а под име се појави и пролетта 1951 година и во Ташкент. Во почетокот излегуваше само на грчки јазик, на 4 страници, среден формат и тоа трипати неделно (вторник, четврток и сабота). Од 1954 година втората страница се печатеше на македонски јазик со кирилица, 1958 година весникот го смени името во “Неос промок” (“Нов пат”), во кој исто така, една страница беше на македонски јазик. Весникот е укинат 1968 година.
5. “Димитракис” (“Демократ”) ( 1951 – 1974) – Вроцлав. Први меѓу емигрантите од Грција во Полска беа децата бегалци, а со нив по некоја жена или мома кои имаа улога на воспитувачки. И на тие нови простори Македонците се бореа да го афирмираат својот јазик, култура, литература, традиции и да го зајакнат националниот дух. Така, уште во 1949/50 година во Згожалец се издаде билтен и на грчки и на македонски јазик.
Со зголемувањето на политичките емигранти, во август 1951 година започна да се печатат македонски страници на весникот “Демократис” (“Демократ”). Истата година кога раководството на Грците и на Македонците се пресели од Згожлец во Вроцлав се пресели и Редакцијата на весникот.
Од друга страна, на просторите на Полска во периодот од 1953 до 1957 година во селото Кросченко, околија Устшики Дољне, близу сегашната граница со Украина, во Земјоделската задруга “Нов живот” се печатеше билтен на македонски јазик.
6.”Лаикос агонас” (“Народна борба”) (1951-1975) – Будимпешта. Во 1950 година започна да се печати весникот “Лаикос агонас” (“народна борба”) во кој покрај трите страници на грчки јазик, една страница се печатеше на македонски. Тој излегуваше на различен формат, но обично беше на формат 42 х 58 см. Весникот престана да излегува во 1975 година, кога и бројот на Македонците рапидно се намали.

7. “Илинден” ) (1952 – 1956) – Букурешт. Ова е второ списание на македонски јазик што се печатеше во источно-европските земји. Тоа беше орган на Централниот совет на организацијата “Илинден”. Се печатеше на македонски јазик со кирилица, употребувајќи и руски букви, на формат 16,5 х 12,5 см. Списанието од август 1952 година излегуваше на четиринаесетина страници и тоа како периодично гласило. Последниот број на ова списание датира од 1955 година како двоброј за периодот ноември – декември.
8. “Македонски живот” (1963-1966) – Букурешт. Првиот број на списанието “Македонски живот” се појави во јануари 1963 година како периодично издание. Него го уредуваше Редакциски одбор составен од политички бегалци од Егејска Македонија, кои по Граѓанската војна во Грција беа протерани од своите родни огништа и преселени во европските социјалистички земји. Тоа се печатеше на македонски јазик и кирилица, на формат 14 х 24 см., во тираж од 2.000 примероци.
Бројот 4 е последен на “Македонски живот”. Тој е отпечатен на 144 страници во февруари 1966 година, со текстови за слични историски настани, како и литературни творби од Македонци во европските земји, што пртставува убав прилог кон литературното творештво на Македонците надвор од татковината.
Прололжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН