Луј Адамич: Галичник најкосмополитско место на светот –
-И наместо да се симнеме во Сплит, ние продолживме кон југ со истиот брод до Котор, старо пристаниште на Бока Которска, каде што се симнавме со нашите познаници од Галичник. Облековме спортска облека, зашто ни рекоа дека дел од патот за Галичник мора да се мине пеш, или на коњ.
Од причини за кои ќе стане познато во следното поглавје, на нашите домаќини многу им се брзаше што побргу да стигнат дома, иако во Котор стигнавме на самрак, Стела и јас имавме едвај слободно време да го сместиме багажот во бирото на парабродското друштво и веќе бевме во огромниот „бјуик такси“ кој тие на брзина го изнајмија да не вози преку Црна Гора, која почнува веднаш над Котор, а потоа по должината на албанската граница, па се до некои 35 километри од нивното место.
Тоа беше највозбудливото патување со автомобил што сме го доживеале јас и Стела досега. За среќа, како што се уверивме за време на патувањето, нашиот возач веројатно беше еден од најдобрите во Европа. За време на војната бил личен возач на покојниот австроунгарски цар Карло.
Во полутемнината, додека излегувавме од Котор, можевме само да насетиме дека некои од зградите се во стар венецијански стил.
“Ќе ги видите кога ќе се враќате“, рече еден од нашите домаќини. Не мина ни еден час откако го напуштивме бродот, а веќе се качувавме по патот кој во серпентини се качува на стрмната страна на Ловќен планина; еден од најопасните автомобилски патишта во Европа, од кој се гледа видик што никогаш не се заборава. Само, како што се повеќе се стемнуваше, ние можевме да видиме само некои светла под нас, во бездната, како што ни се чинеше, кога фаровите ја осветлуваа следната кривина на серпентината, која секој пат изгледаше се поостра.
Цела ноќ се возевме со автомобил…
Стигнувајќи на врвот на Ловќен, еден од нашите домаќини рече: “Сега сме во Црна Гора“, но ние и натаму не видовме ништо, освен патот неколку десетина метри пред нас и карпи од двете негови страни. Тоа беше големо олеснувањ да не се вози веќе по серпентините, а мешавината на високопланински и морски воздух создаваше мошне пријатно чувство во ноздрите и во градите.
Одвреме навреме минувавме низ нешто што изгледаше како село. Ќе залаеше некое куче. Во снопот на светлата на фаровите покрај патот ќе се појавеше некоја човечка фигура. Во еден момент, некој селанец, кој ми се стори висок како дрво, извика: „Среќен пат“ иако, се разбира, немаше ни поим кои сме и каде одиме. “Благодарам, Црногорче! Добра ноќ“ одговараа нашите домаќини.
Во селата немаше никаква светлина. Тогаш не знаевме дека повеќето црногорски селани се толку сиромашни што не се во состојба да купат ни петролеј за своите светилки, ако воопшто и ги имаа. Патот беше тесен, но мошне мазен и цврст, цел во карпи. Околу полноќ минавме низ населба, која изгледаше како град на некогашното кралство Црна Гора, а сега седиште на бановината, која опфаќа покраја Црна Гора делови на Херцеговина и крајбрежниот појас на јужна Далмација. Минавме низ местото без да запреме.
Се возевме цела ноќ, можеби никогаш побрзо од 50 километри на час, но ни се чинеше дека брзината е двапати поголема. Ја минавме цела Црна Гора по широчината. На праговите на автомобилот возачот смести две канти собензин за враќање. Ние вечеравме на бродот, а со себе понесовме кесе со сендвичи и две кесички овошје, шише сливова и еден сад со вода.
Не зборувавме многу. Нашите двајца домаќини Македонци беа во сентиментално расположение, па ни пееја свои народни песни, чија чудна мешавина на меланхолијата и животна радост ни еден писател досега не успеал да ја опише. Тие мораат да се слушнат.
Околу два часот по полноќ ни пукна една гума, но по половина час одново се возевме. Во четири часот, кога ненадејно почна да се разденува, пристигнавме во мало и неугледно, полуалбанско, полумакедонско селце во планината која ја сочинува границата меѓу Југославија и Албанија, кога возачот, откако го запре автомобилот среде главната и единствена улица, рече: “Ете, тоа е најдалеку што можев да ве доведам“. Исто така, ни рече дека само неколку дена порано до овде возел една група луѓе кои оделе за Галичник. “Тоа се посебни луѓе, галичаните“, шепна, “Дали некогаш сте биле во Галичник?“
“Не сум”.
“Интересно!“, додаде тој, давајќи му на своето лице некоја важност. “Мошне чудно!“
Ги изедовме нашите сендвичи и во една куќа купивме малку козјо млеко и сирење и така појадувавме. Некако, никој од нас не беше ни малку поспан. Стела и јас тоа го припишувавме на убавиот планински воздух и на возењето кое не држеше во напнатост цела ноќ. Гледајќи ја малата карта на Југославија, која ја купив на бродот, и реков на Стела: “По се изгледа ние сега се наоѓаме длабоко и високо на Балканот и од Словенија сме најдалеку што може да биде, а да не се мине границата“. Малку по малку од некаде се собираа десетина луѓе кои носеа иста облека како и нашите домаќини: елече тесно до телото и тесни бечви, и мала капа – се од ист материјал, дебел, груб, од домашен кафеав шајак, очигледно ткаен и шиен во селските домаќинства. Тоа беа галичани кои се враќаа дома. До овде стигнале претходната ноќ, некои со автобус, а некои пеш.
Требаше да минеме уште 35 километри. За Стела најдовме коњ, зашто нејзините чевли не беа погодни за одење по острите камења по должината на планинскиот пат, по кој требеше да одиме; а ние другите, откако купивме малку едноставна храна од селаните, го продолживме патот пеш. Тргнавме во 7 часот. Некаде околу 3 часот попладне, по напорно пешачење какво се уште не сум доживеал, стигнавме во Галичник.
Киро Кипроски
Во следниот број: “Бели вдовици“ и Како Галичник стана трајно живеалиште?