Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (19)

udba-19

udba-19
Голи Оток – пекол за непослушните комунисти

За време на Информбирото, најмалку 1.000 македонски комунисти беа испратени на познатиот остров и беа изложени на невиден терор

Виктор Цветаноски

За време на Информбирото во 1948 година партијата преку УДБ-а започна сурово да се пресметува со своите со сите оние што застанаа на страната на Сталин. Тогаш најмалку 1.000 македонски комунисти беа испратени на Голи Оток, а помал број, воените лица, во Билеќе. Еден дел од нив ниту знаеја што се случува меѓу Тито и Сталин, а голем број беа накодошени од своите дотогашни другари, кариеристи кои во тие матни времиња виделе шанса да ги заземат нивните места.

Некои моќници го искористиле ИБ да ги расчистат сметките со тие што не ги трпеле, кои им се замериле, а некои дури да им се одмаздат на тие чии жени или сестри не сакале да спијат со нив. Најилустративен пример е случајот со младиот поручник Благоја Георгиевски кого го распоредиле на служба во Тетово. Настрадал поради тоа што неговата сопруга не сакала да спие со еден удбаш. § предложил љубов, а таа се заканила дека ќе му каже на сопругот. Тетовскиот моќник не го заборавил тоа и за време на Информбирото го накодошил Георгиевски дека го фалел Сталин.

„Издржа 20 години во Воениот затвор во Билеќе. Јас добро го познавав човекот и знаев дека никогаш не бил за Сталин. Го видов и неговото досие и се обидов да му помогнам. Тогаш недоволно искусен, дури напишав барање за негова рехабилитација до Сојузниот секретаријат за внатрешни работи. Ме повикаа таму и толку многу ме изрибаа што не знаев што да им одговорам. Отворено ми рекоа: ’Иване, мораш да сфатиш дека не е во прашање Благоја Георгиевски. Ако еден информбировец рехабилитираме, ќе признаеме дека не бевме во право. А Титовото ’не‘ на Сталин ја спаси државата од сето она што го доживеаја источноевропските држави“, раскажува Иван Бабановски, кој долги години работеше во Службата за безбедност.

Во времето на ИБ постоел принцип се’ да се набљудува, се’ да биде под контрола. Многумината сведоци за тоа страшно време и денес немаат сигурни одговори. Останува до крај неодговорено и прашањето како се случи нивните довчерашни другари со кои имале ист идеал – комунизмот и интернационализмот и заедно се бореле против фашизмот и ја извојувале слободата така ѕверски да се пресметаат со своите соборци и сопартијци. Голооточките сведочења на тие што пропатиле се стравотни. Едноставно, човек не може да поверува дека човек на човека може да му го направи тоа.

Димче Најчески, еден од тие што поминаа три години на проклетиот остров, вели дека целта на тогашната власт била да те удрат толку силно по свеста за да се откажеш од тоа што си мислел, да те онеспособат тоа што си бил, не со убедување, туку со невидена тортура. Тој нагласува дека заточеникот на Голи Оток по неколку години поминати во пеколниот режим личел на вистинска руина од човек. „Измачен, исцрпен, понижен, со згазено човечко достоинство, со чувство на вина за поразот, за изнудените компромиси, зашеметен, со затапени чувства, без самодоверба, несигурен во утрешнината. Некои беа со физички мани, мнозинството со душевни рани… имаше и такви кои не можеш да ги препознаеш“, вели тој.

Д-р Стојан Ристески нагласува дека само првата група заточеници страдале од органите на власта што биле таму. „Штом дошла втората група, веќе ’превоспитаните‘, тие што го ’ревидирале‘ својот став во истрагата, како и криминалците донесени да ги уништат ’непоправливите‘, почнале да ги посетуваат иследниците, да се оцрнуваат самите себеси, своите фамилии, сите најблиски, да се немилосрдни спрема ’непоправливите‘, настојувајќи кој од кој повеќе да се покаже и да се докаже за побрзо да излезе оттаму“, вели Ристески, кој има напишано неколку книги за драмата на Голи Оток.

По пеколниот пречек на проколнатиот остров, почнувало вистинското „превоспитување“, всушност, систематско мелење на душата на новодојдените, невидено понижување и уривање на нивното достоинство. Новопечените заточеници најпрво пред „колективот“, пред затворениците од бараката, поединечно требало да го изнесат својот став за Резолуцијата на Информбирото, да „признаат“ што работеле против партијата, народот и државата, и ако собниот старешина, кој инаку бил затвореник, оценел дека исповеданиот е на вистинската линија, го примале во „колективот“. Најтврдите, тие кои и натаму останувале на својот став, поминувале најтешко. Нив им бил определуван бојкот, проследен со постојани извици „Уа, бандо“ и тепање од присутните. Бојкотот значел нов пекол. Бојкотираниот можел да го тепа секој „активист“, а такви кои сакале да се покажат пред иследникот имало многумина. Со бојкотираните никој не смеел да разговара, нив им се давале најтешките работи. Тие ноќе морале да стојат наведнати над киблите во бараката, во кои затворениците ноќе вршеле мала нужда и од кои се ширела неподнослива реа.

Тоа било физичкото уништување. Психичкото черечење било пострашно и многу повеќе болело од раните по телото. Секој од нив морал најмалку двапати месечно да отиде кај иследникот, да поднесе извештај за тоа кој што зборувал, да наклевети некого. На тие што немало да отидат им следувал нов бојкот. Кодошењето за многумина било единствената шанса да излезат од голооточкиот пекол. Затоа во тие страшни години секој страдалник се плашел од секого, никој со никого не разговарал. Некои со месеци збор не прозбореле, други целосно занемеле, молчешкум носејќи го бремето на проколнат.

Специјалниот систем на физичка и психичка тортура од некои затвореници создало монструми што ги измачувале другите. Се случувало дури и тоа син да претепа татко, татко да накодоши син и обратно. Може да замислите што им правеле на тие луѓе за да ги натераат да згазат врз сопствената чест и достоинство. Само малкумина успеале да го издржат систематското уништување на човекот во нив. Никој не можел да излезе од проклетиот остров додека не потпишел изјава дека го ревидирал ставот. Меѓутоа, по напуштањето на Голи Оток, продолжувал затворот за заточеникот. Морал да се пријавува во УДБ-а, да поднесува извештаи за тоа каде бил, со кого разговарал, кој зборувал против Партијата.

Од информбировците бегале сите како од плашило. Никој со нив не смеел да контактира, ниту родените брат и сестра, зашто и тие ќе настрадале. По враќањето од логорите, ги губеле и најверните пријатели. Така, за нив пеколот продолжувал се’ до нивната смрт. На послушните, на тие што го ревидирале ставот и кои ја слушале партијата, им била давана шанса да напредуваат, но никогаш не им бил избришан информбировскиот печат.

Кога ќе се ислушаат потресните сведоштва на проколнатите, се поставува прашањето на кое обичниот човек не може да даде одговор и не може да сфати како е можно нивните довчерашни другари со кои имале исти идеали, верувале во комунизмот, и со кои заеднички се бореле и гинеле за слобода и се избориле за своја држава, толку сурово да се пресметуваат со нив зашто мислеле поинаку. Во чиј болен ум се родила монструозната идеја за „превоспитување“ на старите другари, кое подоцна ќе се претвори во невидена голгота. Кој го измислил стравотниот механизам за мелење на нивните души, кој е тој што ги довел логорашите во состојба меѓусебно да се истребуваат, да се кодошат и систематски да се уништуваат?

Професор Тома Батев, кој на Голи Оток помина 29 месеци, подвлекува дека стравотната тортура била вршена по директива на УДБ-а, а сценариото за измачување го измислиле нејзините главешини. „Секојдневно се наметнуваше мислата дека дома нема одење, дека тука коските ќе ги оставиме, ако не се поправиме, ’превоспитаме‘, ако не бидеме шпиони, скршени, уништени“, пишува штипскиот професор во својата голооточка исповед „Мислата и душата во обрач“.

Целата вистина за Голи Оток никогаш нема да се дознае. Некои заточеници по распадот на Југославија започнаа да говорат поотворено и во своите сеќавања ги раскажаа трагичните животни приказни. Колку се тие искрени знаат само тие што ги раскажале. Кој од страдалниците под присила станал кодош, а кој сизифовските голооточки маки ги трпел стоички, без да предаде некого, никој не може денес со сигурност да каже. По отворањето на нивните досиеја, се дознаа многу вистини, но не сите. Многу траги се избришани. Меѓутоа, треба да се верува во едно со стопроцентна сигурност, ОЗН-а , подоцна УДБ-а, односно СДБ, кон сите нив и кон нивните семејства била немилосрдна, уништувајќи многу млади животи.

Некои од заточениците ги опишаа големите страдања во трогателните сеќавања, а повеќемина од живите по враќањето дома занемеа од страв, збор не прозбореа за тоа што го преживеаја и вистината ја однесоа со себе во гроб. „Некои до претсмртниот час се плашеа за себе и за своето семејство, а некои се срамеа и чувствуваа мачнина зашто потклекнале во процесот на ’ревидирање‘ на ставовите, дека под принуда станале шпиони, ’информатори‘, а дел од ’подобните‘ превоспитувачи се’ уште тврдеа дека ’револуцијата‘ бара жртви“, пишуваат Виолета Ачкоска и Никола Жежов во „Репресијата и репресираните“.

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top