Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (20)

udba-20

udba-20
Систематско уништување на човечката душа

Врз информбировците се применувале жестоки методи на репресија за да се покаат или да бидат уништени

Виктор Цветаноски

Професор Димче Најчески, кој три години минал на Голи Оток и кој подготви три книги за драмата на луѓето што го преживеале страшното мачилиште, ќе се обиде да ги објасни нештата и да одговори на некои прашања што довеле до информбировската голгота. Тој нагласува дека Титовиот политички врв се исплашил за своите позиции, токму затоа и мерките што ги презел биле целосни.

„Следуваа бранови затворање, малтретирање и измачување невини луѓе, обвинети или осомничени само за вербален однос кон прашањата што се однесуваа на Резолуцијата на ИБ или во врска со актуелните политички настани. Речиси сите тие беа граѓани што не можеа да бидат обвинети за никаков друг деликт, освен за своето мислење, претежно во интимен круг искажано. А беа обвинети како политички непријатели и против нив беа применети жестоки методи на репресија за да го изменат своето мислење или да бидат елиминирани од јавниот живот, да се покаат или да бидат уништени“, вели Најчески.

Тој подвлекува дека настојувале да ги прикажат како отпадници со ниски морални квалитети, а затворениците се диференцирале на „ревидирци“ и „банда“, и тие се пресметувале, се’ до тепање до смрт.

„Помошници на иследникот беа собните старешини и одделни затвореници, кои од страв и не можејќи да ја издржат тортурата, се претвораа во шпиони и провокатори во служба на иследникот. Така, конфликтот не беше меѓу заточениците, туку меѓу управата, односно иследниците и беспомошните затвореници, а нивна продолжена рака беа оние што поради едни или други причини настојуваа да се претстават како ’поправени‘ и со тоа да си ја олеснат својата положба и да си издејствуваат побрзо ослободување. Со други зборови, тоа беше добро осмислен систем на перманентен притисок врз затворениците, начин на нивно понижување и газење по човечкото достоинство, цинично поигрување со човечките слабости…”, истакнува Најчески.

И по ослободувањето од заточеништво на Голи Оток, бившите затвореници не можеле да се ослободат од постојаниот страв, поставувајќи си ги прашањата: Што ќе најдам дома? Од што ќе се живее?

„Кој ќе ги опише, или барем да ги регистрира, човечките драми во разорените семејства, кога жената под притисок се откажала од својот законит маж; кога жената не го дочекала мажот и тој се враќа во празен дом; кога мажот-заточеник се враќа сакат, тешко болен, а треба да се продолжи заедничкиот семеен живот; кога на жената и’ порачуваат да дојде, да си го земе мажот, кој е душевно болен; кога мажот со нарушено здравје не е во состојба да се грижи за семејството; кога мажот си доаѓа за да умре дома…”, заклучува Најчески.

Од семејството Поповци од Велмеј, Дебарца, за време на Информбирото настрадаа четворица – Перо, Павле, Богоја и Тодор и сите беа испратени на Голи Оток. Од нив денес е жив само Перо.

„Сите нека знаат, и голооточаните и удбашите. Кога не’ ослободуваа од проклетиот остров, еден по еден сите не’ викаа кај иследникот, кој ни велеше: ’Вие знаете да се борите со непријателот‘ и не’ тераше да потпишеме изјави и сите потпишувавме. Ако не потпишевме, ќе не’ вратеа назад. По враќањето дома почнаа кај мене да доаѓаат сватови од УДБ-а, да се интересираат за мене. Ме прашуваа дали имам да им дадам некаков материјал. Им велам дека луѓето бегаат од мене, не сакаат да разговараат на политички теми. Се плашат, немам што да ви поднесам. Не можам да ви направам никаков извештај, се бранев. По некое време пак дојдоа и инсистираа да накодошам некого. Еден Дончо ми вели: ’Ако треба Тито ќе го пцуеш за да провоцираш некого да каже нешто‘. Тито да го пцујам! Ти да го пцуеш, му велам, зашто ако го направев тоа, јас пак ќе морав да одам на Голи Оток. Оттогаш прекинаа да доаѓаат“, раскажува Петар Поповски.

Велешанецот Јордан Лазаревски-Цвај зазема врвно место меѓу плејадата предвоени велешки револуционери. Неговата ќерка Стојанка Стојадиновиќ-Лазаревска раскажува дека тогашните велешки моќници почнале да му го следат секој чекор и од секој збор да конструираат приказни за тоа дека тој бил против народот и државата. „Собраа малоумни, уценети и поткупени сведоци, меѓу нив имаше и бивши информбировци. Лажната сторија беше подготвена и мојот татко повторно го затворија… Меѓу сведоците што ги обвинуваа тројцата стари комунисти и борци беа луѓе што ги познавав, доаѓаа во нашата куќа на гости, Филимон Доцкинов, Терзиев. Не ми беше јасно што тие луѓе знаеја или можеа да кажат лошо кога во нашата куќа беа примани како пријатели, љубезно, беа гостени, а знаеја и помош да бараат. Но, се’ мораше да оди по режија на тогашните моќници, меѓу кои не заостануваа и велешаните на чело со Страхил Гигов, чие мислење било пресудно за се’ што се случувало во Велес“, се сеќава таа.

Цвај бил осуден на четири години и повторно испратен на Голи Оток. Агентите на УДБ-а го следеле се’ до ноември 1986 година и составиле досие дебело 500 страници.

Здраве Барутовски е последниот Македонец што го напуштил озлогласениот остров Голи Оток. Можеби тој е информбировец со најдолг затворски стаж. Откако минал девет и пол години во затвор, стасал во Скопје на слобода. Но, каква слобода, за него немало никаква слобода. Тој цело време бил следен на секој чекор од УДБ-а.

„Еднаш се обидоа да ме убијат. Ме удрија по глава, по што паднав во несвест. Луѓето што биле во близина ме однеле в болница, по два дена се освестив. Мислеле дека сум мртов. Имаше случаи и луѓе да убиваат. Тоа се случи во 1985 година. Наредната година ме затворија, истиот ден кога ми почина зетот од сестра. Го донесоа од болница дома, а јас отидов да земам посмртница од болницата. Таму ме уапсија. Ме држеа неколку дена, не ми дозволија да присуствувам на погребот. Ми велеа дека сум се организирал, бараа да ја откријам организацијата, да им ги кажам имињата“, вели Барутовски, подвлекувајќи дека кодошеле луѓе за кои не се надевал дека го прават тоа, а најголемиот број од нив биле „превоспитани“ информбировци. Тој тврди дека првата сопруга му ја наместила УДБ-а за да го шпионира.

„Искрено ви велам: Немаше да ми биде жал уште толку да останев на Голи Оток ако потоа бев навистина слободен. Можеби и сега немам слобода“, вели Тане Танески од охридското село Белчишта. Тој денес не може да сфати зошто бил испратен на Голи Оток, зошто бил прогласен за непријател на државата што толку многу ја сакал. Имал само 18 години. Не може да разбере зошто по годините минати на пустиот остров повеќе од половина век бил следен од тајните служби, бил кодошен од луѓе без чест и достоинство. Секое писмо што го испраќале од Голи Оток дома морал да го напише онака како што барале. Еднаш на својата мајка и’ напишал: „Мајко, немој да се думаш, све ми е добро, само дома што ме не гледаш, али знај дека ќе си дојдам штом види партијата да сум се попрајл, а јас се трудам за побрзо да се попрам и да си дојдам“.

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top