Фељтон

Kолку УДБ-а беше нашата судба (24)

toma-batev

toma-batev
Бегаа од мене како од бесно куче

Злонамерните и кодошите на перфиден начин ги отстрануваа оние што им пречеа и ги прогласуваа за непријатели на државата, вели Тома Батев

Виктор Цветаноски

Штипскиот професор д-р Тома Батев повеќе од четири децении ќе биде следен од УДБ-а, која неговиот живот ќе го претвори во пекол. Најмногу ќе го кодошат најблиските пријатели и роднини што доаѓале во неговиот дом. Тоа ќе го дознае откако ќе го прочита досието.

„Го добив досието ’Високи сенки‘ број 6.008, отчукано на 351 страница. Сто отсто е фалсификувано, нема врска со реалноста. Луѓето пишувале само што повеќе да ме оцрнат, да го оправдаат моето затворање. Меѓу другото, напишале дека сум бил браник во војната. Од кодошите, најголем број биле куќни пријатели. Интересно е што човек страда од пријателите. Нивните извештаи се неточни, фалсификувани, измислени, гарнирани. Од непријатели човек самиот се варди, од нив и е претпазлив. Кодошите барем да ја кажувале вистината во нивните извештаи“, своевремено ни раскажуваше сега покојниот Тома Батев, со кого разговараме во неговиот дом во Штип.

А во стапицата на УДБ-а влегол сосема наивно, не внимавал што зборува, во времето на Информбирото, кога било најстрашно да мислиш поинаку од партијата. На еден партиски состанок барал демократија.

„Во 1949 година бригадата се врати од акција на автопатот ’Братство и единство‘ и отиде во Охрид на одмор. Таму закажаа состанок во Општинскиот комитет, со кој раководеше Крсте Црвенковски. Се расправаше за Резолуцијата на ИБ. Црвенковски даде кус осврт и нагласи дека Резолуцијата е клевета и лага. Беа присутни 17 комунисти. За дискусија станав јас и, меѓу другото, кажав дека во партијата нема демократија, дека раководството се избира на недемократски начин. За Резолуцијата на ИБ побарав да не се караме како жените на чешмите, да седнеме и по пат на дијалог да го решиме спорот со партијата на СССР“, се сеќава Батев.

Штипскиот професор го посочува школскиот другар Роман Лечевски, кого му верувал, а тој го шпионирал и станал службеник на државната безбедност. За време на студиите, тврди Батев, Лечовски му побарал фотографија да ја стави на ѕидниот весник, зашто бил еден од најдобрите студенти. Кога му го дале досието, во него ја видел истата фотографија.

Батев во тоа време бил болежлив, па истата година заминал на лекување во Врњачка Бања. Меѓутоа, и таму го нашол Лечовски и го уапсил. Најнапред бил затворен во Врање, а потоа доведен во Скопје каде што го држеле во карцер, само со едно ќебе, без прозорец. Светела само една светилка, така што не знаел кога е ден, а кога ноќ. Додека бил во затворот кај него дошол Лечовски со униформиран мајор на УДБ-а и тогаш најпрво добро го истепале, па потоа му предложиле да соработува со нив.

„Во соседната канцеларија мајорот и Роман Лечовски нешто разговараа, но не можеше ништо да се разбере. Се врати иследникот, ми даде празна хартија и ми издиктира што да пишувам. Глобално содржината беше дека со оваа изјава се обврзувам да водам борба против непријателите на Југославија од Запад и од Исток. Известувањата ќе ги правам со писмени извештаи и под шифра ’Драгољуб Илиќ‘. На крај ги стави датумот и мојот потпис. Подоцна, кога бев на слобода, случајно во весникот ’Политика‘ прочитав за смртта на Драголуб Илиќ. Тој бил белградски адвокат и агент на СДБ за Југославија. Долго време ја извршувал оваа шпионска работа во Франција“, пишува проф. Батев во својата автобиографска книга „Мислата и душата во обрач“, во која објавува факсимил за соработка со УДБ-а.

Сметајќи дека работата е завршена го предупредиле никому ништо да не му кажува, да излезе од задната врата и да се врати во Врњачка бања. По лекувањето Батев отишол на факултет да ги продолжи студиите.

„Секој момент мислев што да правам за да се ослободам од ’обврската – Драгољуб Илиќ‘. Дефинитивно, решив да се откажам од соработката по секоја цена. Бев сигурен дека ќе имам многу негативни последици во мојот иден живот. Дали за тоа ќе следува одмазда или затвор?! Понекогаш помислував на бегство. Но, каде? Од каде средства? Кој ќе ме прифати? Немав со кого да се консултирам и кој да ми помогне. Дојдов до заклучок дека од Југославија не може да се бега. Тогаш бев како умрен, а незакопан“, ги пренесува своите стравувања за животот Батев во својата голооточка исповед.

Еден ден на факултет дошол инспекторот Лечовски барајќи да разговара со него. Му закажал средба во неговата куќа. Тогаш Батев отворено му рекол дека не може да биде нивен соработник зашто за тоа него не го бидува. Потоа одново бил затворен и повеќе месеци лежел во карцер. Подоцна го распоредиле во колективна соба во која им ставиле и провокатор.

„Дојде веќе пролет. Ја немаше онаа зимска слика и не го чувствувавме толку студот. Во собата број 30 (ќе ја помнам цел живот) станавме петмина. Разновидно друштво, составено од правник, милиционер, артист, книговодител и јас – студент. Но, еден од нас беше инфилтриран агент- провокатор, кој, подоцна, директно од затвор беше пуштен на слобода. Не знаев кој е!“, се сеќава Батев.

Тие денови, додека бил во колективната соба, повторно дошле мајорот и инспекторот Лечовски и повторно го претепале, по што паднал во бесознание. Дознале дека на затворениците им говорел некои работи што не им биле по ќеф: „Се освестив во собата бр.30. Сите четворица затвореници ги видов над мене. Ме бришеа од крвта и ме масираа. Јас лелекав од болки, немаше дел од телото што не ме болеше. Носот ми беше полн со крв. Течеше крв и од главата. Тогаш сите ги сакав и ги чувствував како браќа. Си мислев: ’Кој ли може да биде провокаторот од овие луѓе? Зар и тоа може да се случи во оваа затворска соба?’ Веќе воопшто не зборував за политика. Бев многу разочаран од луѓето. За мене веќе тоа не беа луѓе, меѓу нив имаше ѕвер. Само кој беше тој ѕвер? Веројатно оној што го пуштија на слобода, без да биде казнет. Сигурно потпишал изјава дека ќе соработува со УДБ-а“, пишува Батев.

Набргу потоа бил испратен на Голи Оток за да се „поправи“. Му определиле 24 месеци затвор, а го задржале 30. „Навистина беше остров на смртта и по условите, и по местоположбата, и по тортурата што се спроведуваше таму. И физички и психички се убиваа затворениците. Многу луѓе, особено постарите, кои не можеа да ја издржат тортурата, си го одземаа животот на различни начини. Кога се сеќавам на тоа, кога пишувам за таа невидена тортура, самиот се чудам како сум можел да го издржам сето тоа. Станав 40 килограми. Цела година воопшто не разговарав со никого, бев како луд. Тоа беа луѓе-ѕверови“, раскажува штипскиот професор.

За триесет и пет месеци, колку што бил на Голи Оток, не му дозволиле да напише писмо за дома ниту, пак, добил писмо од своите. „А јас бев поврзан со мајка ми. Бев пораснат сирак, без татко. Тоа ми беше најтешко, мојата мајка да не знае каде е нејзиното дете и јас да не знам ништо за неа. Кога бев под истрага, дошла во Скопје да ме бара. Отишла кај Мара Минанова, одговорна за Струмица. Ја прашала: ’Каде ми е синчето‘, а таа и’ рекла: ’Тој е најголем бандит‘.

Батев посебно подвлекува дека никој не можел да го напушти Голи Оток ако со истрагата сто отсто не расчистил околу тоа со кого бил и што зборувал. Секој морал да каже се’. Ако подоцна УДБ-а откриела дека не се однесуваат според нејзините правила, повторно ги враќала назад.

Батев имал двајца браќа, но тие биле со партијата. Најголемиот Митко бил кондураџија, учесник во НОБ и осум години секретар на КПЈ во Струмица, претседател на борците и пратеник. Другиот, Илија, студирал во Киев, по ИБ се вратил во Белград, каде што завршил Машински факултет, и пред пензионирање станал директор на Заводот за патенти на Југославија. Тие не сакале да се дружат со него.

Од се’ најтешко му било кога се вратил од затвор. УДБ-а го следела на секој чекор. „Со недоверба гледав на луѓето, зашто се’ помалку имаше луѓе, а се’ повеќе камелеони, злобни, кодоши, живеев живот без радост. Така, речиси сите мои некогашни другари, пријатели, па и роднини ме избегнуваа, се чуваа од мене како од бесно куче. За мене тоа беше најголема казна што може да биде. Некои не сакаа ни да ме поздрават на улица, а камоли да се дружат или да поразговараат со мене. Чувствував како пак да сум бојкотиран, само сега на слобода. Не смеевме да се дружиме ни со голооточани, зашто ќе им бевме сомнителни. Секој од секого се вардеше и никој со никого не се дружеше и не разговараше вистински.

Злонамерните и кодошите, секогаш под превезот на невидливо партиско раководство – комунистички функционери, на перфиден и циничен начин ги отстрануваа сите оние што им пречеа и ги прогласуваа како опасни за режимот или како непријатели на државата. Не еднаш наидував на пречки во кои се користени средства и начини недостојни за цивилизирано општество, гнасни методи, се’ со цел да се искомпромитира личноста, нејзината чесност, докрај да се уништи човекот“, раскажува д-р Тома Батев, кој секогаш имал проблеми при вработувањето и унапредувањето во струката, а за него последниот збор го имале тајните служби, кои признавале дека е способен, но никогаш не му простиле што не соработувал со нив.

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top