Изгубено во преводот
Но кога велиме дека комунистичкиот универзум е заситен со знаци, зарем тоа не важи за сите области на животот? Љубовните односи се богати со знаци, исто така и уметничките дела, дали има разлика помеѓу идеолошките знаци и љубовните и уметничките знаци? Во филмот „Изгубено во преводот“ (2003) на Софија Копола, Шарлота и Боб доаѓаат во Јапонија и не можат да ги разберат јапонските знаци. Тие интуитивно доаѓаат до сознанието дека во знаците има некаков вишок што се губи, некаква ускратена мисла што не може докрај да се преведе. Боб е актер што во Јапонија доаѓа да сними реклама. По долги инструкции на јапонски, неговиот преведувач му вели: „Фотографот бара да се свртите накај камерата, добро?“ „Дали е тоа сè што кажа?“ Интелигенцијата го присилува Боб да го активира запознавањето со новата култура – Боб знае: јапонскиот режисер, објективно, зборувал многу подолго од тоа што му било преведено, тој колапс во разбирањето на знаците го тера да мисли, да се обиде да дојде до некаква вистина. Во првата реплика од филмот, Боб слетува во Токио, а човекот што го пречекува му вели: „Добре дојдовте во Јапонија. Моето име е Кавасаки.“ На тоа Боб одговара „Благодарам, сум чул за вас“. Тоа е комично, истовремено тоа значи дека Боб во оваа тотално нејасна Јапонија целосно се губи.
Како да се преведат знаците без човек да се изгуби? Целата поука на филмот на Копола е обратната, Боб дури во Јапонија, може конечно да се издише. Новата земја и непознатата култура го тераат да се препушти на губењето, конвенционалните знаци тука имаат само можна вредност, и тие, ниту со многу работа, интелигенција и добра волја не можат да бидат разбрани. Јапонската лекција на Боб е дека знаците не секогаш може да бидат разбрани. Она што ќе остане како вишок, може да стане увид – не во туѓата култура, не дури ни во мојата култура, туку во средбата на двете култури, се случува разобличување на идеологијата како систем од фантазми. Боб евентуално сфаќа дека неможноста да ги чита знаците го ослободила од директната идентификација со идеологијата, тој сфаќа дека во Америка живее живот што не го сака, со жена со која нема ништо заедничко итн. Во филмот на Копола, слободата нема чин на лажна увереност дека може да се живее надвор од идеологијата, туку има форма на некаква иронична поента дека животот во идеологијата е секогаш веќе некаков тип на затвор. „Подготвувам бегство од затвор“ – и’ вели Боб на Шарлота. Боб зборува за животот во капитализмот како за претпоставен затвор, за животот во секоја идеологија како затвор. Што е со комунистичкиот затвор? Се губи ли значењето при преводот на комунистичкото затворско искуство?
Пред некое време го гледав германскиот документарен филм за тајната полиција на ДДР, Штази, „Неизгубено време“ (No Lost Time) (2004) на авторите Кристофер и Марк Баудер и Дорте Франке. Во него е интервјуирана една четиричлена група дисиденти од ДДР, две момчиња и две девојки, кои во 1979 и 1980, се затворени заради тоа што дистрибуирале летоци со цитати од книгата „Алтернатива“ на Рудолф Баро, тогаш забранета во ДДР. Кога се уапсени, осудени се на две до пет години робија. Она што ми се виде ужасно тажно во филмот беше нејасното чувство за залудноста на нивните затвори. Филмот е снимен во 2004 во денешна Германија, овие дисиденти рекоа дека животот сега е многу подобар од тогашната ДДР, што е несомнено точно, и политички и историски. Но во филмот има очигледна контрадикција помеѓу нивните вербални изјави и нивната невербална, телесна тага. Нивните изјави се преполни со доверба, стабилност и увереност; тие велат дека нивната борба вредела, дека имало смисла, дека конечно, според изјавата на една од девојките, времето на робијата го сметаат за „Неизгубено време“, од каде што е земен и насловот на филмот. Но нивната изгубеност во преводите меѓу двата историски системи, личната неправда што во тој превод им е нанесена, е она што се гледа независно од идеологијата во која тогаш верувале или во која веруваат денес. Еден од дисидентите, Гинтер Хериг, во една сцена вели: „Затворот е твоето централно животно искуство, сè што си бил или ќе бидеш, се редуцира на затворот.“ И можеби најдобро од останатите дисиденти ја кажа клучната порака со преводот меѓу двете идеологии: „Останавме двојно осудени. Од една страна не добивме појаснување за можноста од алтернатива. Од друга страна, имавме работа со сила… Се обидувавме да најдеме решенија, дали работите може да се направат поинакви? Но не најдовме решение затоа што не уапсија пред да одговориме.“ Што може да се смета и за идеолошки „успешна“ разрешница.
Тоа е најгрозоморното животно искуство, од друга страна, тоа искуство те воздигнува како субјект на политичката „доблест“.Парадоксот со затворското искуство во тоталитарните режими, имено, е двоен. Тоа е најгрозоморното животно искуство, од друга страна, тоа искуство те воздигнува како субјект на политичката „доблест“. Еден пријател еднаш ми рече дека луѓето што ги преживеале идеолошките затвори, како татко ми, имаат филозофска длабочина, мудрост, што произлегува од силината што ја преживеале во затворите. Лично мислам дека затворското искуство, напротив, ги крши луѓето, сепак, во едно, мојот пријател е во право – ако политичките затвореници, по сите идеолошки премрежја, сè уште имаат чувство дека вредело, дека не било залудно, тоа чувство, парадоксално, им го дава точно – затворот, како легитимирање на „политичката“ доблест. Позната е анегдотата со Ѓилас кој кога во 1979 отишол во СДБ за да си го поврати трофејното оружје што службите му го зеле од станот „затоа што така налагала безбедносната ситуација“, во шега им рекол „Апсете ме малку почесто, така моите книги во странство подобро ќе се продаваат.“ [11] Тоа е точно – најбитното дисидентско средство е придобивањето на вниманието на Запад [12], а дисидентите стекнуваат морален капитал – тие се без никаква формална политичка власт, а имаат политички авторитет преку идејата на страдање, апсења, прогонувања, мачења, моралниот капитал на социјализмот е во тоа да бидеш забележан на Запад, како Вацлав Хавел и Јан Паточка во Чехословачка, Доина Корнеа во Романија, Адам Михњник во Полска, Ѓерѓ Конрад и Иван Селењи во Унгарија, а во некои случаи, како тој на Вацлав Хавел, политичкиот затвореник станува политички лидер пред сè заради моралниот капитал стекнат во социјализмот. Да се покаже како некој страдал во социјализмот станува важна работа, се зацврстува моралниот авторитет.