Фељтон

Маките на Темпо (3)

sibirsko-mastilo

Сибирско мастило

sibirsko-mastiloСрпскиот сликар и вајар Илија Шошкиќ, кој во 1968 во Рим се приклучува на групата италијански маоисти, обединети околу весникот „Метрополи“ на Скалцоне, Негри и Поперно, во подоцнежните сеќавања вели дека не му е криво за ништо од неговата диверзантска и дисидентска работа во Италија, освен за ова: „Понекогаш ми е жал само дека во животот не сум бил осуден на затвор. Така себеси барем би се доживеал како некој и нешто. Вака, не знам што да правам… Не верувам повеќе дека политиката може да донесе промени. Може евентуално да седнам на мотор и да заминам некаде.“

„Евентуално ќе седнам на мотор и ќе заминем некаде“.
Но каде?

Се сеќаваме на судбината на Хесеовиот „Сидарта“ (1922) што доживеа планетарен успех по 1960-тите. Откако во големиот град Сидарта е блудник, заминува кај гуруто за евентуално да ги напушти и хедонизмот и аскетизмот и да го пронајде својот мир со трска за ловење риби покрај осамената река.

Обратен пример е еден од најцензурираните режисери во Титова Југославија, Желимир Жилник, кој во 1994 го сними ироничниот документарец „Тито, вторпат меѓу Србите.“ Кога во 1999, во една прилика, го сретнав Жилник во Будимпешта, ми рече: „Не постојат идеолошки теми, сè што постои е биологијата (тој, лично, беше дојден да снима порно-саем), а биологијата е слобода.“

Слично како Шошкиќ и Жилник, и Хесе тврди дека слободата е можна само ако се избега од идеологијата. Но бегството од идеологијата е адолесцентски сон. И реката, и рибарите, па дури и рибите на Хесе – само што Хесе тоа не ни го кажува – се дел од размените во зацртаните идеолошки рамки. Моторот на Шошкиќ може да вози само како дел од сообраќајната култура. И порно-саемот, и порно-работниците и порно-публиката се дел од порно-културата со јасни правила.

Законите може да бидат помалку или повеќе тоталитарни или слободни, но нема место на коешто идеологијата престанува да функционира. И природата е систем на „идеолошки“ конструкти, и природата има свои „идеолошки“ барања за субјектот, за рибарот, дури и за рибата. Но затоа е важно од каков материјал е направена идеологијата, дали е повеќе или помалку рестриктивна кога веќе не може да исчезне.

Во документарниот филм „Žižek!“ (2004) на Астра Тејлор е раскажана следната анегдота од ДДР. Еден германски работник „добил работа“ во Сибир и свесен дека го читаат цензори, на своите пријатели им напишал писмо: „Ајде да воспоставиме код. Ако писмото што ќе го добиете од мене е напишано со обично сино мастило –точно е. Ако е напишано со црвено – не е.“ По еден месец неговите пријатели го добиле првото писмо: „Сè е прекрасно, рафтовите во продавниците се преполни, становите се пространи, затоплувањето е соодветно, на репертоарот играат западни филмови, има убави девојки спремни за љубовна афера, единствено што не можам да најдам е црвено мастило.“ [14] Сибирскиот „работник“ нема речник за да го преведе она што му се случува, сè што добива е цензурираното пенкало за да може со него да ги поддржува идеолошките фантазми на авторитетите. Целата идеолошка конструкција е лага, а ако нема начин нецензурирано да се каже таа лага, тогаш преводот е секогаш веќе невозможна операција.

И Боб е заробен во капиталистичкиот универзум каде што нема пенкало со кое ќе го искаже своето искуство на ропството, но Јапонија за Боб не е исто што е Сибир за германскиот работник. „Подготвувам бегство од затвор“ – за Боб ова не е само фраза, тоа е минималната разлика со која Боб престанува да биде затвореник во однос на сибирскиот работник. Боб може да го напушти американскиот дом, да снима во Јапонија која потоа ќе ја напушти гледајќи дека и тоа е нов затвор (секако, откако ќе го одработи договорот со јапонските режисери), но сибирскиот работник никогаш не може да го напушти Сибир (дури и кога ќе ја одработи „работата“ на Сибир). Во секоја идеологија, ти може да се чувствуваш фрлен во светот како во голем затвор. Тоа е кога добиваш филозофски увид дека светот е голем затвор. Но, ако капитализмот за Боб е затворот, комунизмот за сибирскиот работник е затворот во кој се случува лакановскиот удар на Реалното, не затвор како филозофија, туку затвор што го укинува филозофирањето, дури и ако, слично на Шошкиќ, одлучиш затворот, перверзно, да го прогласиш за крајната точка на својата лична идеолошка слобода. И Жижек, како и Шошкиќ, ја толкува анегдотата за сибирското мастило како ултимативен доказ дека човекот, сепак, Е слободен: „Се чувствуваме слободни само затоа што ни недостасува речник со кој ќе ја изразиме својата неслобода“. Немам мастило за да кажам дека сум неслободен, значи сум слободен. Толкувањето на Жижек е точно во филозофска смисла, но е неточно и несолидарно во историска и во политичка смисла. Ако не сме баш циници, треба да се каже обратното. Човековата слобода е некаква состојба во која ретроактивно добиваш црвено мастило за отпосле да ја искажеш својата неслобода. Тоа значи дека самиот концепт на слобода е секогаш веќе невозможен како сегашност. Слободен си или во минатото, или во иднината. Ако во хегеловска смисла, нема начин да се објаснува иднината, туку само да се разбираат формите низ кои постои минатото, тогаш сме должни, да ги споредуваме и да ги степенуваме можностите за слобода меѓу различните идеологии и нив да ги разликуваме. Па и преку единственото нешто преку кое ни зборува минатото – знаците, но и преку она нешто што нè разликува од масата што само се преместува од еден во друг идеолошки систем, а тоа е емпатијата за тие кои страдале во име на тиранијата на знаците.

Ако читањето знаци не е само комунистичка дисциплина, ако и уметникот и љубовникот произведуваат знаци, а не само политичарот, дали меѓу овие типови знаци постои разлика? Ако читањето знаци не е само комунистичка дисциплина, ако и уметникот и љубовникот произведуваат знаци, а не само политичарот, дали меѓу овие типови знаци постои разлика? Причината зошто ги сакаме знаците што ни ги испраќаат љубовта и уметноста е дека и љубовта и уметноста нè ослободуваат од одговорноста да ги толкуваме знаците, во знаците може и да се изгубиме, како услов да почнеме да уживаме во читањето, во љубовта. Како Боб во филмот, слободен си точно затоа што си дозволил да се „изгубиш во знаците.“ Јапонското искуство на Боб и Шарлота од филмот на Копола е трауматско, но во таа траума тие добиваат некаква вистина за својата природа, увид во себеси, идеја или барем почеток на идејата за тоа што сакаат, каков тип на живот им одговара.

Работите поинаку стојат со комунистичкиот знак. Комунистичкиот знак ја одзема слободата, а со тоа и времето. Во романот „Во потрага по изгубеното време“ (1913-1927) нараторот на Пруст е бесконечно напнат пред „барањето“ правилно да ги прочита идеолошките знаци (кај Пруст тоа се снобовските знаци) што му ги испраќа високото општество за да го најде своето монденско место во тесната номенклатура на семантички заситениот свет. Проектот завршува со парализирачкото признание на нараторот на Пруст дека додека дешифрирал туѓи идеолошки знаци, бесповратно го изгубил сопственото историско време. Во фикцискиот универзум што го гради Пруст, ти уживаш – неговиот наратор е тој што се мачи. Како читател се губиш во знаците за да добиеш увид во смислата на слободата. Во животот не е така. Знаците што ги испраќал комунизмот барале човек да се наостри до социјална перфекција за да не згреши погрешно читајќи некој знак. Тоа ги оставало луѓето без простор за учење што било друго. Читањето знаци „од аспект на дејствувањето изгледа разочарувачки и свирепо, а од аспект на мислењето – глупаво“ – вели Делез. [15]

Историската и културната пустош од комунистичката параноја убаво е опишана во книгата на Роберт Карвер „Проколнати планини“ (1991) за посткомунистичката Албанија. „Секој што го сретнав (во Албанија) покажуваше запрепастувачко игнорирање … Разговорите знаеја да запрат кога некој ќе прашаше: ’Што е хипик?’, ’Кој бил Фројд?“ [16] Но да не бидеме наивни – патеписите се постколонијален дискурс. Ако не знаеш кои се Битлси, Битлсите нема клучно да влијаат врз квалитетот на твоето живеење. Дури обратно, заситеноста со информации во капиталистичкиот универзум, функционира слично на паранојата на комунистичкиот. Во тоа, овие два системи се сродни– едниот трупа информации (капитализмот), другиот ги шифрира и ги крие (комунизмот), а обата го прават тоа со цел да постигнат анестезија која ја парализира акцијата. Информациите, знаеме уште од Бодријар не произведуваат смисла, напротив информацијата никогаш „не успева да го компензира рапидното губење на значењето“ [17], во смисла дека информациите (заради медиумот) честопати имаат чисто инструментална смисла, што значи дека кај нив секогаш се јавува бодријаровската „слепа точка“, таа точка го неутрализира субјектот и не му дава да реагира. Но овие два, иако сродни системи, сепак нè оставаат со следното прашање: aко информациите се важен чинител за акција, на која точка акцијата е повеќе замрзната? На точката на немање никакви информации или на точката на имање премногу информации? Тоталитарните системи зависеа од монопол над информациите, кога премногу информации почнаа да истекуваат преку железната завеса, благодарејќи на факс-машините, телефоните и евентуално компјутерите [18], системот на затворени информации се самораспадна. Ако премногу информации предизвикуваат „слепа точка“, тие, исто така, носат и автореферентни информации, свеста за системот на ешеровски принцип може потенцијално да носи потенцијали за отпор во капитализмот. Што секако не значи дека ги носи.

Наследството кое го понесуваме со себе од минатиот систем, мора да смета на овој поразителен факт. Дека сме излезени од еден систем на свирепост и глупост како елементарна замена за мислењето, посветеноста и емпатијата. А сосема е извесно, имајќи ги предвид искуствата од Гвантанамо Беј, дека сме влезени во сличен свет на системска суровост и глупост, на нова серија жртви кои не се производ на „империјата на знаци“, на „празниот говор“, туку на ужасната акцелерација на медиумите, кои колку повеќе се „полни“ со информации, толку парадоксално, „неокомунистички“ ја празнат возможноста од секаква друга акција, освен истородното поклонување пред идеолошката слепотија, суровост и глупост. Но, скалибилноста на двата системи е важна, а таа скалибилност ги покажува фрапантните последици што нашиот „источен свет“ ги преживеа заглавувајќи во полошото идеолошко решение.

Најново од: Фељтон

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

Мијаците меѓу традицијата, исламизацијата и преселбите: сведоштвото на Георги Трајчев

Напомена: Оваа книгата за Мијаците првично била напишана така што Трајчев доследно ги употребувал поимите „Македонија“ и „Македонци“. Меѓутоа, тогашната бугарска влада не му дозволила да ја отпечати, поставувајќи му услов: секаде каде што пишувало „Македонци“, зборот да биде заменет со „Бугари“.  Принуден од околностите, а решен по секоја цена да го објави своето долгогодишни […]

НАЈАВА: Од наредна среда Порталот „Македонска нација ќе објавува продолженија од: „Книга за Мијаците“ според делото на Георги Трајчев

Порталот „Македонска нација“ од наредна среда ќе започне со објавување фелтон подготвен според „Книга за Мијаците“ од македонскиот просветен деец, публицист и револуционер Георги Трајчев. Книгата, објавена во Софија во 1941 година, содржи вредни записи за потеклото, животот, населбите, говорот, носијата, обичаите и преселбите на Мијаците. Трајчев го создавал делото врз основа на личното познавање […]

Автобиографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Паскал Гилевски, познам македонски писател, публицист, новинар, културолог и бранител на вистината за Егејска Македонија, во Воведот на  Автобиографијата на Лефтер Манче под наслов „Незгаслив порив за Македонија дбележува“ ќе го напише следното: Доктор Лефтер Манче, еден од најпознатите и најдвигателни личности на македонската дијаспора, […]

Д-р Лефтер Манче стана медицинско лице во Дебрецен (26)

Дел од монографијата „Патот до врвот“ од д-р Лефтер Манче На 1 септември 1964 година ја почнав последната година на студии и почнав и јас да им држам предавања на студентите по практика на анатомија од прва година, по поканата што пред четири години ми ја упати професорот Кромпехер. Им предавав двапати неделно на студентите […]

To top