7.Српските настојувања за формирање на самостојна црква
Во XII век се влошиле политичките прилики на Балканот. Во 1204 година крстоносците го освоиле Цариград и го основале Латинското царство. Византискиот цар Теодор Ласкар и цариградскиот патријарх се засолниле во Мала Азија, така што Византиското царство било сведено на само една мала област од јужната страна на Мраморното море со престолнина во Никеја.
Во Епир, Тесалија и Македонија било основано Епирското деспоство, во чиј состав влегувало и седиштето на Охридската архиепископија.
Согледувајќи го непријателството меѓу никејскиот цар Ласкар и епирскиот деспот околу наследството на византискиот престол, монахот Сава, со политичка итрина, го заобиколил Охридскиот архиепископ Хоматијан, и побарал автокефалност на Српската православна црква од патријархот во Никеја. Со тоа направил канонски прекршок, зашто епархиите во тогашна Србија се наоѓале под јурисдикција на Македонската православна црква – Охридската архиепископија. Користејќи ги политичките прилики Сава, во 1219 година, од страна на Никејскиот патријарх, успеал да добие автокефалност за Српската православна црква. И покрај протестите на Охридскиот архиепископ Сава почнал да ја организира автокефалноста на својата црква. За деветте расколнички српски епархии биле хиротонисани деветмина епископи Срби, главно доведени од Света Гора.
Подоцна кога српската држава почнала да се шири на југ, на Македонската православна црква ì биле одземени некои епархии и биле потчинети под јурисдикција на Српската православна црква. Кога царот Душан завладеал со целата територија на Македонија во неговата држава се нашле две автокефални архиепископии Охридската и Пеќката. Набргу Душан решил да се прогласи за цар. Според средновековните закони, царската круна можел да ја добие само од патријарх. Затоа било потребно Пеќката архиепископија да биде прогласена за патријаршија. Во 1346 година на Соборот одржан во Скопје архиепископот Јоаникиј II бил прогласен за патријарх на Српската православна црква, а подоцна од неговите раце Душан ја примил круната. На крунисувањето биле присутни и Охридскиот и Трновскиот архиепископ.
Охридската архиепископија за време на цар Душан наполно се осамостоила. Ова веројатно се случило како еден вид награда за подршката која Македонската црква му ја дала на царот Душан при неговото крунисување. Архиепископот веќе не бил назначуван од царот туку бил избиран од епископите, што тој ги поставувал без да се меша државната власт. Архиепископијата продолжила да биде духовен и културен центар за Македонците, кои всушност го сочинувале целото нејзино стадо. Стефан Душан се однесувал коректно и со почит кон Македонската православна црква – Охридската архиепископија. Сите промени во српската држава и црква станувале со учество и благослов на Македонскиот архиепископ. Во тоа време Македонската православна црква била во добра материјална положба. Душан, а потоа и неговите наследници, како политичка власт во Македонија ја помагале Архиепископијата, и во тоа време биле изградени и обновени бројни цркви и манастири на нејзината територија.
8. Македонската црква во османлискиот период
Јурисдикцијата на Македонската православна црква – Охридската архиепископија по распаѓањето на Душановото царство била разделена во повеќе деспоства меѓу кои и кралството на Волкашин во кое влегувало и седиштето на Архиепископијата, градот Охрид. Кралот Волкашин, а по него и неговиот син Марко ја почитувале автокефалноста на Охридската архиепископија. Таа претставувала единствен црковен авторитет во државата на Волкашин. И Охридските архиепископи, но и прилепските кралеви се потпирале врз етнографската целина на македонскиот народ. Во негово време Македонската православна црква се издигнала во секој поглед и се проширила територијално. Кон неа биле приклучени епархиите: Скопска, Кичевска и Призренска.
Во последните години од XIV век Македонија речиси целата веќе била под турска власт, а во 1408 година под турскиот јарем паднал и градот Охрид. Турците не посегнале по автокефалноста на Македонската православна црква. Со конечното потпаѓање на Балканскиот полуостров под турска власт во границите на Турција се нашле четири самостојни православни цркви: Цариградската патријаршија, Охридската архиепископија, Пеќката патријаршија и Трновската патријаршија. Во почетокот на XV век кон Охридската архиепископија биле приклучени Софиската и Видинската епархија, кои биле одземени од Цариградската патријаршија. Кон средината на истиот век кон неа биле приклучени Влашко и Молдавија, а подоцна и некои православни општини во Италија и Далмација.
Иако се проширила јурисдикцијата на Македонската православна црква, сепак таа претрпела големи материјални штети од Турците. Освојувањето на Македонија било придружено со пустошење на градовите и селата и со грабеж на христијанските имоти. Со раселувањето на населението епархиите ги губеле своите приходи и осиромашувале. Дошло до масовно потурчување на Македонците, особено околу Охридското езеро и Призрен во сливот на реките Дрим и Радика. Ислам примиле цели села во Македонија.
Охридските архиепископи не можеле да им помогнат на своите верници, а Архиепископијата била приморана да плаќа големи даноци. Во втората половина на XVI век Македонската православна црква почнала да губи територии од својата јуриздикција. Во 1557 година, братот на Мехмед паша Соколовиќ, Макариј, успеал да ја обнови Пеќката патријаршија и тогаш од Охридската архиепископија биле одземени не само српските, туку и некои македонски епархии. Истовремено власта на Охридската архиепископија била ограничувана од страна на Цариградската патријаршија. Османлиското владеење во свеста на македонскиот народ е забележан како маченички период. Мнозина од христијаните кои не сакале да го прамат исламот, биле жестоко мачени и убивани. Црквата од тој период ги памети светите маченици Злата Мегленска, Спасо Радовишки, Агатангел Битолски, Ѓорги Кратовски и други. Неспорен е фактот дека исламот во овој период се ширел со меч и заканувања и навистина е Божјо чудо како Македонија сепак останала претежно христијанска земја.
Тешката економска положба ги принудила Охридските архиепископи и нивните митрополити да заминуваат во Европа и оттаму да бараат милостиња. Ваквата тешка положба на македонскиот народ, а воедно и на Охридската архиепископија продолжила и во XVIII век. Тогаш, било засилено физичкото измачување, а турскиот фанатизам ја достигнал својата кулминација. Поради големиот терор над незаштитеното население дошло до потурчување на голем број села во Велешко, Кичевско и Мегленско. Оваа и ваква положба го довела македонското население до потполно осиромашување, што се одразило и на финансиските прилики на Архиепископијата. Таа тогаш западнала во големи долгови за даноци што тешко можела да ги исплати на Царствот
9. Црковниот живот по укинувањето на Охридската архиепископија
По укинувањето на Охридската архиепископија, Цариградската патријаршија најпрво ги отстранила домородните владици и ги заменила со владици фанароти, кои не го знаеле јазикот на своите верници. Тие најнапред ја забраниле македонската богослужба по градовите. Место тогашните протојереи Македонци, тие назначиле економи Грци, а поретко и гркомани. Тие ја користеле својата власт за собирање на црковни давачки, посебно на владичнината, како за свое, така и за збогатување на владиката. Ова предизвикало кај верниците оправдан отпор и остри протести. Општо земено овие владици и економи доаѓале во Македонија со една единствена цел: што поскоро да се збогатат и потоа да се вратат во некоја грчка епархија. Тие себеси се сметале за понижени и казнети што се поставени да раководат со народ, кој зборува „варварски јазик”.
Монасите и парохиското свештенство по селата и помалите градови биле и понатаму само Македонци, зашто грчките свештенослужители не биле заинтересирани за таквите малкудоходовни места. Свештенството во Македонија по традиција било од редовите на свештенички фамилии. Најчесто еден од синовите го наследувал својот татко. Само на тој начин можело да се одржи домородното свештенство во Македонија. Помладите учеле од постарите и вдахновени со искрена и длабока вера во Бога и силно родољубие, успевале во текот на двојното тешко ропство, турското и фанариотското, да ги запазат светите пораки на свети Климент, на свети Наум и на својата Македонска православна црква и да ги запазат црковно-народните традиции, јакнејќи ја верата кај народот за ослободување и повторно возобновување на славната Охридска архиепископија. Оваа идеја-водителка кај македонскиот народ никогаш не престанала да постои, таа, низ вековите, па сè до денес останала да се чува затскриена во македонските срца.